Ин Мемориам- Есма Реџепова: Најмногу ме болеа границите | Македонија | DW | 11.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ин Мемориам- Есма Реџепова: Најмногу ме болеа границите

Синоќа во Скопје почина Кралицата на ромската песна, Есма Реџепова. Во 2011 година славеше 55 години од своето творештво и за ДВ тогаш се присети на годините пред и по распадот на Југославија.

Есма Реџепова Теодосиевска се присетува дека со сопругот Стево Теодосиевски и нивниот ансамбл најмногу концерти одржувале кога во поранешна Југославија се граделе пруги, мостови и патишта. Голем дел од концертите биле со хуманитарен карактер, по кој била и се`уште е препознатлива. „Кога се градеше пругата Белград-Бар, кога се правеше автопатот Белград-Загреб, па кога се градеше во Војводина, кога се пошумуваше, кога се градеше големата хидроцентрала кај Заечар. Сум имала многу гостувања ,за стари лица, за хендикепирани лица, за лица со посебни потреби, во старечките домови. Познати бевме по тоа што Есма Ансамбл Теодосиевски одеше секаде кадешто имаше потреба“, нагласува Есма.

„Распаѓањето на Југославија го доживеав болно“

Есма Реџепова се присетува дека многу болно го доживеала распаѓањето на Југославија, иако го очекувала тоа. Со Стево Теодосиевски и нивниот ансамбл се враќале од европска турнеја кога меѓу Словенија и Хрватска ги пречекала првата граница. „Се изненадив малку и реков готово е, Југославија се распаѓа и почнав да плачам и се` така речиси до Скопје, со солзи бев, затоа што знаев дека ќе има граници и така се случи. Потоа се појавија границите помеѓу Хрватска и Србија, па Македонија. Се помирив со тоа, зошто знаев дека особено Словенија и Хрватска сакаа по секоја цена да се отцепат. Зневме всушност јас и Стево дека нема да постои Југославија и бевме многу разочарани.“

ESMA REDZEPOVA und BAND beim Festival Balkan Fever

Музиката не познава национални бариери - Есма Реџепова настапува на фестивалот Балкан Фивер

Есма повторно ги спои поранешните југословенски држави

Четири-пет години потоа бев меѓу првите пејачки што гостувалае на просторите на бивша Југославија. Тоа беше во Словенија на празникот на Ромите, 8. април и изнудив многу емоции, зошто ги потсетив на веќе непостоечка држава, се потсетува Есма. „Се симнувам во публиката, гледам плачат луѓето, и кога видов едно машко дете плаче, значи ги потсетив на тоа. Тие ме сметаа за една од пејачките кои ја спојуваа Југославија и ме сматаа за космополитски расположена пејачка, пред која не постоеја национални бариери. Ме сметаа за симбол на Југославија, бидејќи ја претставував многу пати во странство со големо достоинство. Сега исто така со такво достоинство секаде каде што настапувам во светот ја претставувам Република Македонија“, нагласува Есма.

Гордост поради дваесетгодишната независност

Есма вели дека е среќна што Република Македонија е назависна и самостојна држава. „Мислам дека е многу добро што сме самостојни, затоа што си имаме своја каса. Тоа беше, всушност, моделот на Хрватска и Словенија, тие не сакаа парите да одат во Белград. Еве сега сме самостојна држава, можеме да ја раковидиме сами земјата како што сакаме. И пресреќна сум сега што оваа плејада на млади луѓе кои ја водат државата, многу правилно го прават тоа. Се гради, многу се работи. Јас знам дека сега во моментот Скопје е градилиште. Но, до крајот на годината ќе се види дека ќе биде многу убаво, а веќе до 2014 година ќе бидеме прекрасна и убава земја и има што да се види кога ќе дојде некој странец во Македонија“, вели Есма.

"Јас сум пресреќна што сум родена во Скопје и Македонија, каде се измешани различни религии. Живеам на скопското Кале, каде се наоѓа и Музејот на Ромите, кој треба да биде пуштен во септември годинава. Прекрасно е да се слушаат различни религии. Се мешаат различни камбанарии, од една страна камбанарија, од другата пејат оџи. Многу е убаво да се живее во држава, каде има многу заедници и религии“, додава таа.

Flash-Galerie Esma Redzepova

Есма: Каде и да одам, со гордост ја претставувам Македонија

Пример за почитување на Ромите

Република Македонија, оценува Есма Реџепова Теодосиевска, дава голем придонес за Ромите и е пример за сите земји за тоа како треба се почитуваат ромските права. Ромските првачиња во Македонија ромскиот јазик го изучуваат факултативно, се поголем број потоа продолжуваат со средно образование, а се` повеќе и на факултетите. „Ромите не се асимилирани во Македонија. Во Уставот сме признати како националност. Си имаме пратеник во парламентот, градоначалникот на една општина во Шуто Оризари е Ром, имаме свои директори. Едукацијата на Ромите оди напред се` подобро и подобро“, заклучува кралицата на ромската песна.

Автор: Антоанела Димитриевска

 

DW.COM

Реклама