Инспекторите влегоа во „Беса Транс“, се вршат претреси и на други локации | Северна Македонија | DW | 26.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Инспекторите влегоа во „Беса Транс“, се вршат претреси и на други локации

„Ако се утврдат неправилности од страна на сопствениците од ‘Беса транс’, ќе сносат одговорност“, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Инспекторите влегоа во просториите на компанијата „Беса Транс“ во Старата скопска чаршија во Скопје, која е сопственик на автобусот кој се запали во Бугарија, при што загинаа 45 патници. По денешниот безуспешен обид на инспекторите да извршат вонредна контрола во компанијата, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прес-конференција потврди дека се вршат претреси не само во просториите на „Беса Транс“, туку и на други локации со цел да се обезбедат доказни материјали. 

Полицијата постапува по налог на Обвинителството, кое што отвори предмет по укажувањата за можни прекршувања на законот при превоз на патници. Според сознанијата на Спасовски, автобусот кој изгоре во несреќата, дури 135 пати во изминативе две години ја поминал државната граница, иако не поседувал лиценца. Користена била лиценца од друго возило, со што е прекршен законот. 

Автобусот немал технички проблеми  

Последниот технички преглед на автобусот е направен на 05.10.2021 во Сарај. Притоа не се утврдени никакви технички проблеми на возилото. Што се однесува до возачите на автобусот, тие немале постојано вработување во компанијата, едниот од нив имал важечка лиценца до 2023 година, додека на вториот возач лиценцата му била истечена од минатата година. 

Според Спасовски, сопствениците на „Беса транс“ се достапни и со нив се разговара. „Ако се утврдат неправилности од страна на сопствениците од ‘Беса транс’, ќе сносат одговорност“, рече министерот. Тој на денешната прес-конференција не откри дали досега некој е приведен во врска со истрагата за несреќата. 

Спасовски најави дека МВР планира да спроведе оперативна обработка за сите институции и компании во Македонија, со проверки како се добивале лекарски уверенија за возачите, лиценците за возачите и фирмите. Станува збор за постапка која ќе трае подолго време.