Индијците преку социјални мрежи бараат кислородни боци и празни болнички кревети | Свет | DW | 03.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Индијците преку социјални мрежи бараат кислородни боци и празни болнички кревети

Додека индискиот здравствен систем колабира под притисокот на најсмртоносниот Ковид-бран досега, луѓето почнаа да бараат помош преку социјалните мрежи.

Индија во моментов го доживува најсмртоносниот Ковид-бран со над 350.000 новозаразени на ден. Драматичниот раст на заболени и починати предизвика огромно оптоварување на здравствениот систем – во земјата, меѓу другото, има недостаток на медицински персонал, кислородни боци, лекови и болнички кревети. Со оглед на тоа дека не функционираат официјалните канали за медицинска набавка, Индијците преку социјалните мрежи, како Твитер, Фејсбук или Ватсап, покренаа кампањи и апели за помош или пак споделуваат корисни информации.

„Оставени сме сами на себе“

Среја Виталдев од градот Бенгалуру, на југот на земјата, преку своите профили на социјалните медиуми им помага на оние кои имаат потреба.

„Имам голем број следбеници и потенцијал да го поврзам луѓето со ресурсите, поради што си реков дека треба да го искористам тоа за да помогнам. Би било премногу себично да не го искористам тоа сега“, вели таа за ДВ.

„Инспиративно е да се види чувството за солидарност меѓу граѓаните. Истовремено, тоа е мрачен потсетник дека сме оставени сами на себе, што е уште поголема причина да си помагаме меѓусебно,“ вели оваа 29-годишна девојка, која обезбедува и домашни готвени јадења за Ковид-пациенти.

Повеќе: Од утре масовна имунизација во Индија, а вакцини нема

Виталдев има околу 8000 следбеници на Твитер и Инстаграм, но во споделување на корисни информации поврзани со Ковид преку социјалните мрежи се вклучија и оние со помал број следбеници. Додека дел споделуваат барања за помош, други ги проверуваат информациите за достапност на кислородни боци или болнички кревети.

Повиците за помош најчесто се поврзани со потрага по слободни болнички кревети, кислородни боци, како и донатори на плазма од веќе излечени пациенти. Некогаш се бараат и лекови како Ремдесивир, Фавипиравир и Тоцилизумаб.

Најголем проблем - недостиг на медицински кислород

Недостиг на медицински кислород е најголемиот проблем со кој се соочуваат болниците низ земјата. Десетици болници во Њу Делхи и Мумбај месецов целосно останаа без кислород, поради што многу роднини на пациенти беа во трескавична потрага по кислородни боци, понекогаш безуспешно.

Оксигенската терапија е клучна за тешко болните Ковид-пациенти со хипоксемија – кога нивото на кислород во крвта е премногу ниско.

Експертите велат дека Индија произведува доволно кислород – над 7000 тони дневно. Поголемиот дел е за индустриски потреби, но може да биде пренаменет и за медицински цели. Но во земјата недостасува и соодветен транспорт и простор за складирање.

Повеќе: Глобално корона-жариште: Експоненцијален раст и рекордна смртност во Индија

Течниот кислород мора да се транспортира на многу ниска температура во криогени танкери до дистрибутерите, кои потоа го претвораат во гас за полнење на кислородни боци. Но, Индија нема доволно криогени танкери. Исто така, поголемиот дел од производителите на кислород се на истокот од земјата, додека итна потреба од кислород има во градовите на западот и северот. Индиската влада сега ги пренамени речиси сите производствени капацитети за кислород во медицински цели. Исто така покрена „кислород експрес“ возови за транспорт на гасот од местата на кои се произведуваат до локациите низ целата земја каде што е потребен.

Indien Bangalore | Coronavirus | Sauerstoffflaschen

Кислородните боци повредни од злато - кислород се бара и преку социјалните мрежи

Скудни ресурси

Властите се критикувани за нивниот бавен одговор во справувањето со кризата. На социјалните мрежи се споделуваат хаштази како „оставка на Моди“ или „Моди предизвика катастрофа“.

„Инвестиравме во градење споменици и одбрана, но не и во здравствениот систем. Многу е важно сега сите да се сплотиме и да си помогнеме едни на други“, вели Ники Танеја, бизнисмен од Мумбај и поборник за ментално здравје. „Убаво е да се видат пораки од луѓе на кои вашата помош им помогнала. Но, понекогаш добивате и пораки ‘Ви благодариме на помошта, но лицето почина’ и тоа е трагично. Но тоа не смее да Ве обесхрабри“, вели Танеја.

Дополнително, недостигот на ресурси и залихи резултираше со создавање на црн пазар. Лекови како Ремдесивир се продаваат и до 20 пати поскапо од основната цена, пишува локалниот „Хиндустан тајмс“.

„Луѓето одат кај препродавачите со пари во куферче (200.000 до 300.000 рупии или 2700 – 4000 долари)“, се повикува весникот на неименуван извор.

Indien Bildergalerie Coronavirus | Neu Delhi, Krankenhaus

Болниците се преполни

Цензура во име на ограничување на дезинформациите за Ковид

Владата на премиерот Нарендра Моди е обвинета за пригушување на критиките и за обиди да ги замолчи оние кои пишуваат на социјалните мрежи со цел да ги цензурира објавите за лошо менаџирање на кризата.

Властите му наредија на Твитер да отстрани голем број твитови со критичка содржина за владата, тврдејќи дека одредени корисници ја користат платформата за да шират лажни информации и да креираат паника за здравствената ситуација.

Фејсбук исто така блокираше постови во кои се користи хаштагот #ResignModi (оставка на Моди), но, потоа изјавија дека се работи за грешка, а не дека е направено по налог на владата.

Во Утар Прадеш, најнаселената сојузна држава, покренат е случај против лице кое на Твитер барало помош за кислородни боци за дедо му. Полицијата го обвинува за ширење „гласини“ и предизвикување „страв“.

Indien, Kalkutta | Parlamentswahlen Narendra Modi

Премиерот Нарендра Моди е под притисок

Индискиот Врховен суд во четвртокот ги осуди постапките на владата. „Ова многу ме загрижува и како граѓанин и како судија. Ако граѓаните ги споделуваат своите маки на социјалните мрежи, не сакаме да ги спречуваме таквите информации“, вели врховниот судија Чандрачуд. „Дозволете да ги слушнеме нивните гласови. Ќе го третираме како непочитување ако кој и да е граѓанин е малтретиран заради тоа што бара болнички кревет или кислород. Се наоѓаме во хуманитарна криза,“ додава тој.

Повеќе: Коронавирус: колку е опасна „двојната мутација“ од Индија?

Здравствената криза влијае врз менталното здравје

Индија поминува низ период на екстремна пресија, поради што се очекува да има огромни последици и по менталното здравје на граѓаните.

Многу Индијци лично ја почувствуваа кризата предизвикана од вториот Ковид-бран, а регистрирани се и многу случаи на стрес, анксиозност и чувство на беспомошност.

„Луѓето поминуваат низ тага, траума и стрес и не знаат како да се справат со тоа. Атмосферата е застрашувачка“, вели Танеја.