Дезинформациите ја отежнуваат борбата на Индија против коронавирусот | Свет | DW | 05.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Дезинформациите ја отежнуваат борбата на Индија против коронавирусот

Лажните вести, непроверените информации и теориите на заговор што кружат на социјалните мрежи предизвикуваат несигурност и вознемиреност и претставуваат пречки за изнаоѓање ефикасен одговор за корона-кризата во Индија.

Индија денеска, 14-ти ден по ред, пријави повеќе од 300.000 нови инфекции со коронавирусот. Со новите 382.315 случаи во текот на изминатите 24 часа, со што вкупниот број на случаи се искачи на повеќе од 20,6 милиони. Згора на тоа Индија денеска пријави рекорден број на смртни случаи за едно деноноќие - 3780. Вкупниот број на починати од Ковид-19, според податоците на индиското министерство за здравство изнесува над 226 илјади.

Експертите велат дека вистинските бројки низ целата земја може да бидат пет до десетпати повисоки од официјалната пресметка.

Властите се изненадени од жестокоста на најновиот пораст на бројот на инфекции во земјата и наидоа на големи тешкотии во обезбедувањето доволно залихи на ресурси како медицински кислород, есенцијални лекови и болнички кревети.

Тие имаат проблеми и да изнајдат ефикасна стратегија за спречување на ширењето на вирусот.

Нивната задача, меѓутоа, е уште посложена поради лажните вести, теориите на заговор и непроверените информации што кружат на социјалните мрежи.

Гледај видео 02:15

Индија: Новиот бран на коронавирус наликува на цунами

Повеќе: Индијците преку социјални мрежи бараат кислородни боци и празни болнички кревети

Содржината на овие пораки и објави се движи од потеклото на вториот бран во Индија, преку ефикасноста на вакцините, сѐ до рецепти за зајакнување на имунитетот со употреба на домашни лекови.

„Од нив, дезинформациите поврзани со здравјето се позастапени и поразновидни, по што следуваат религиозните дезинформации“, вели за ДВ, Сајед Назакат, основач на Здравствена Анализа Азија, иницијатива за проверка на фактите.

„Поголемиот дел од здравствените дезинформации се занимаваат со пандемијата и тоа во период кога земјата е среде процес на масовна вакцинација“, истакнува тој.

„Очигледно недостасува почит кон науката“

Набљудувачите и активистите велат дека властите не презеле доволно мерки за да се запрат дезинформациите. Всушност, некои јавни личности и високи функционери самите се одговорни за неговото ширење.

Во средината на април, кога бројот на случаи на Ковид-19 започна вртоглаво да  се зголемува, В. К. Пол, висок владин службеник кој е во првите редови на националната борба против коронавирусот, им препорача на луѓето да консултираат лекари за алтернативна терапија ако имаат лесни симптоми или асимптоматски тек на болеста.

Повеќе: Од утре масовна имунизација во Индија, а вакцини нема

Тој исто така ги советуваше луѓето да консумираат „чјаванпраш“ (додаток во исхраната) и „кадха“ (пијалок од билки и зачини) за да го подобрат имунитетот.

Неговата изјава предизвика критики од страна на лекарите лекарите кои велат дека ваквите препораки можат да ги охрабрат луѓето да пробаат непроверени терапии и да чекаат премногу долго за да побараат медицинска помош.

„Тоа е неверојатно и сосема погрешно. Тоа ќе ги охрабри луѓето да седат дома, да пијат такви 'магични пијалоци' и додека стигнат во болница, ќе биде доцна", изјави за ДВ Раџан Шарма, поранешен претседател на Индиската медицинска асоцијација. .

Апар Гупта, извршен директор на Фондацијата за слобода на интернет, сподели сличен став.

„Кога имате јавни власти  кои промовираат такви апели, очигледно постои недостаток на почит кон науката. Што мислите, каков ефект тоа ќе има врз оние кои ги следат социјалните мрежи?“, изјави Гупта за ДВ.

Голема употреба на социјалните мрежи

Експертите сметаат дека слабата доверба на луѓето во вестите во медиумите и слабиот јавен сервис, заедно со фрагментираната публика и големата употреба на социјалните мрежи, се одговорни за брзото и распространетото ширење на дезинформациите.

Повеќе: Глобално корона-жариште: Експоненцијален раст и рекордна смртност во Индија

Користењето на содржина на социјалните мрежи енормно се зголеми откако индиската влада воведе строг национален локдаун во март минатата година како мерка против ширењето на вирусот.

Ватсап, кој има над 500 милиони корисници во земјата, е платформата преку која се проследуваат најголемиот број дезинформации.

„Зголемената достапност на социјалните медиуми дополнително ја интензивира кризата со дезинформации“, вели Гупта.

Разбивање на митовите и лагите

Со зголемувањето на бројот на случаи на Ковид-19 на национално ниво, многу лековерни луѓе сè повеќе стануваат жртви на зголемениот бран на погрешна и лажна содржина, што исто така влијае на масовната вакцинација во земјата поради ширење гласини за негативните ефекти од вакцините. Постојат лажни вести во врска со безбедноста на вакцините кај луѓето со претходни болести, како што се дијабетес и хипертензија и, исто така, кај жените.

Дополнително, постојат митови за користење на инхалатори како замена за медицински кислород, за кој во моментов има голем недостиг во земјата. Понатаму, широко се шират гласини за употреба на инхалација на пареа, како и конзумирање лук, цимет и сладок корен, како мерка на превенција или лек против коронавирусот.

Друга опасна идеја што се пропагира на социјалните мрежи е дека Индијците имаат поголем имунитет против коронавирусот.

Ова беше засновано на погрешното и површното толкување на единствена генетска студија спроведена меѓу различни етнички групи.

„Едноставно, нема научни докази кои го поткрепуваат ова апсурдно тврдење. Требаше да го отфрлиме ова тврдење за да ги натераме луѓето да сфатат дека Индијците немаат посебна генетска заштита од вирусот", изјави за ДВ истражувач од Алт Њуз, непрофитна веб-страница за проверка на фактите. Голем дел од оваа содржина, во форма на текст, слики и видеа, се споделува на локалните јазици.

„Многу од овие видеа и мемиња се рециклираат бидејќи не исчезнуваат лесно од сајбер просторот. Дури и откако ќе се побие оваа лавина на дезинформации, сè уште има луѓе кои не се сигурни во што да веруваат", истакнува Пратик Вагре, истражувачки аналитичар во институтот Такшашила во изјава за ДВ.