Индексот за бизнис климата во Германија урива рекорди | Економија | DW | 26.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Индексот за бизнис климата во Германија урива рекорди

Расположението на директорските катови на германската економија е добро како никогаш досега. Тоа го покажа најновата анкета на институтот Ифо спроведена меѓу илјадници раководители во германските компании.

Индексот за деловната клима во Германија во јуни изненадувачки се искачи од 114,6 на 115,1 поен, соопшти денеска институтот Ифо од Минхен на презентацијата на резултатите од традиционалната анкета спроведена меѓу 7000 раководни лица во германските претпријатија.

„На германските директорски катови владее многу добро расположение“, изјави претседателот на Ифо, Хлеменс Фист. „Германската економија го продолжува својот висок лет“ . Германските менаџери оценуваат дека деловната ситуација и изгледите за наредните шест месеци ќе бидат подобри од актуелните.

„Гледаме три одлучувачки фактори како двигатели на многу добрата конјунктура во Германија“, изјави Уве Буркерт директор на банката ЛББВ. „Ниските каматни стапки, цената на нафтата која е во опаѓање и потценетата вредност на еврото во однос на доларот. Додека овие фактори дејствуваат, не би требало ништо да се промени во конјунктурната динамика во Германија“. 

„Забавата продолжува“

Ризиците, како планираното излегување на Велика Британија од ЕУ или конфузната политика во САД во моментов се игнорираат. „На среден рок се заканува дури и прегревање“, изјави Буркарт.

„Забавата продолжува“, вели пак експертот од банката Дека, Андреас Ширле, но предупредува дека сето тоа еднаш ќе се коригира: „Тогаш меѓутоа не смееме да направиме грешка и да го интерпретираме тоа како пат кон нова рецесија“, истакна Ширле.

Расположените се подобрило и во преработувачката бранша. „Побарувачката и состојбата со нарачки се развиваат многу добро“, објасни Фист. И во трговијата на големо и мало барометарот покажа нагоре. Наспроти тоа во градежната индустрија нивото на расположението малку опаднало.

Во изминатата недела институтот Ифо веќе ја зголеми својата прогноза за конјунктурата во Германија. Стручњаците сега очекуваат економски раст од 1,8 насто во оваа и 2 проценти во наредната година, поттикнат од потрошувачката, градежните активности и повторно од извозот. Германската влада пак прогнозира дека економскиот раст во 2017 ќе изнесува 1,5 додека во 2018 година 1,6 проценти.

 

Реклама