Името ќе се решава со Договор меѓу Грција и Македонија? | Северна Македонија | DW | 30.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Името ќе се решава со Договор меѓу Грција и Македонија?

Грција во февруари ќе ѝ достави на Македонија 4 точки на нацрт договор кој, доколку биде прифатен, ќе стане основа за решавање на спорот и ќе треба да биде одобрен од парламентите, најавил шефот на грчката дипломатија.

Грција има интерес за изнаоѓање на решение за името на Македонија, затоа што ќе излеземе од кризата и сакаме целиот регион да напредува, изјавил во интервју за државната телевизија шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во пресрет на денешната средба во Атина со посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц. Тој ја повторил неговата позиција дека преговорите за името вклучуваат седум прашања: името, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците. Тој најавил дека Грција кон средината на февруари ќе ѝ достави на Македонија четири точки на нацрт договор кој уште е во фаза на подготовка, и прво ќе ѝ биде презентиран на грчката, а потоа на македонската влада. Доколку биде прифатен, ќе претставува основа за решавање на проблемот, ќе треба да добие зелено светло од парламентите на двете земји и ќе го отвори патот на Македонија до НАТО и ЕУ.

„Во оваа спогодба ќе бидат вклучени сите теми што се отворени во врска со името. Посебно поглавје за иредентизмот, но и за темите што се однесуваат на иднината на земјата, за нејзината интеграција во меѓународни организации и позитивна агенда, како можат дополнително да се развијат нашите односи“, изјавил Коѕијас.

Како што пренесува „Катимерини“, тој објаснил дека „ако Грција не покаже добра волја во преговорите, тогаш Скопје има право да се обрати до трети институции“.

„Тие го направија тоа во минатото и не победивме. Отидовме во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, што го изгубивме“, потсетил Коѕијас. Но, потенцирал дека „кој било договор што ќе се склучи, ако не е придружен од уставни промени подоцна кој било нов премиер може да го смени“. Исто така најавил дека „проблемот нема да го делиме на делови“, со што индиректно го отфрлил наводниот предлог на Нимиц, објавен во грчки медиуми, за фазно спроведување на евентуалното решение.

Утрово Коѕијас нема да биде прв соговорник на Нимиц. На барање на посредникиот на ОН, тој во 10.30 часот по локално време прво ќе се сретне со одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, во хотелот „Велика Британија“ во центарот на Атина. Средбата Нимиц- Коѕиас ќе се одржи во 13.30, а по состанокот разговорите ќе ги продолжат и на работен ручек.

Griechischer Außenminister in Ankara (picture-alliance/AP Photo/B. Ozbilici)

Никос Коѕијас: Проблемот нема да го делиме на делови

Стравот лозјето го чува

Додека медијаторот ги скенира ставовите на Атина, во Скопје се прават последните консултации пред утрешните средби со Нимиц. Во интерес на преговарачките позиции властите не објавуваат детали од иницијалната предлог-рамка на медијаторот, па сознанијата на јавноста се темелат на фрагментирани делови, дел објавени во грчки медиуми. Најголемо внимание предизвикаа наводите што деновиве ги објави „Катимерини“, дека Нимиц предлагал широка употреба на новото име од моментот кога Македонија ќе се интегрира во ЕУ, но не пред завршувањето на интегративниот процес. Во меѓувреме, новото име да се користи во меѓународни организации и форуми. Во однос на трети земји, се предлагало секоја земја да има право да го користи името напишано на македонски јазик, или да го преведе на кој јазик сака. Токму можноста за фазна примена на компромисното решение, е нешто што може да ги намали стравувањата во македонската јавност од можноста земјата да биде изиграна. Според тоа, големо внимание се придава токму на прашањето - кога би стапил во сила евентуалниот договор со Грција.

Saso Klekovski (Sveto Toevski)

Сашо Клековски: Ќе бидеме многу глупави ако дозволиме повторно да бидеме прејдени

„Ние еднаш сме прејдени од Грците, или веројатно повеќепати, последниот пат со кршењето на Привремената спогодба. Ќе бидеме многу глупави ако дозволиме повторно да бидеме прејдени. Како да не се случи тоа? Ако целосната примена на договорот влезе во сила на денот кога ќе станеме членка на ЕУ“, потенцира аналитичарот Сашо Клековски во емисијата „360 степени“.

„Ако ние со Меморандум за добрососедство го договориме начинот на кој ќе биде направено сето тоа, може да следи членството во НАТО, што многу битно ќе влијае на евентуален исход на референдум во Македонија, бидејќи веќе ќе се покажува дека Грците покажуваат добра волја да нѐ откочат во процесот. Меѓутоа, ако евентуално се договориме што било да чепкаме во Уставот, тоа не смее да стапи во сила пред да станеме членка на ЕУ. Грција ќе биде многу мотивирана да нѐ поддржи на патот кон ЕУ, затоа што дента кога ќе станеме членка, би го промениле Уставот, евентуално, а второ, се заштитуваме од можноста да го смениме името за џабе“, смета Клековски.

Решение гарантирано со договор?

Дали т. н. фазна примена на решението, може да биде заменета односно гарантирана со билатерален договор, идентичен на оној што го потишаа Македонија и Бугарија? Дали тој договор ќе нуди соодветни гаранции дека земјата нема „за џабе“ да прифати компромис, ќе се знае во февруари. Дотогаш остануваат само претпоставките.

Bildkombo Alexis Tsipras und Zoran Zaev (picture-alliance/abaca/R. De Luca//AP Photo/B. Grdanoski)

Процесот на приближување на ставовите добива поддршка од Брисел и Вашингтон, со надеж дека ќе биде искористен позитивниот момент, кој беше дополнително потврден на средбата Заев-Ципрас во Давос

Според Андреја Стојковски, претседател на граѓанскиот Центар за европски стратегии „Евротинк“, објавата на последната предлог-рамка за преговорите во грчки „Катимерини“ покажува неколку работи, а најважната е веројатно тоа колку далеку се отидени двете страни во изнаоѓањето на решение. 

„Да одиме по ред: Прво, во рамката се сместени повеќе предлог-имиња кои им се оставени на учесниците во спорот да го изберат преферираниот пакет. Второ, од секоја држава поединечно ќе зависи дали името кое го избрале учесничките во спорот ќе биде користено на нивниот јазик, во превод на англиски, француски или друг јазик (Republic of xxx Macedonia, Republique de xxx Macedoine итн.) или пак името на македонски напишано на латиница (Republika xxx Makedonija)“.

Гледај видео 01:26

„Александар Македонски“ станува „Пријателство“

Трето, фазна примена што подразбира утврдување на име за меѓународна употреба, име за меѓународни организации, односно ЕУ и НАТО, а на крајот име за внатрешна употреба. Ова реално гарантира дека државава нема да биде измамена, односно дека граѓаните ќе можат да бидат уверени во добробитта од пристапувањето во ЕУ пред да одлучат за промената на името“, оценува Стојковски.

Тој посочува дека фазната примена дополнително ќе даде можност и за политичките лидери во државата да го подготват референдумот и истиот да го засноваат на реални основи и на веќе постојно искуство.

„Четврто, остава простор за одлука од државата дали ќе се менува Уставот, а со самото тоа и дали вистина тоа ќе биде име 'кон сите' (erga omnes), или пак 'кон сите' без вклучување на самата држава и нејзината јавност, што повторно ќе биде олеснување за спроведувањето на референдумот и обезбедување на најширокиот можен консензус по прашањето“, проценува Стојковски.

Повеќе:

Клучна недела за Атина во спорот за името

Раздвижено во Скопје и во Атина спроти посетата на Нимиц

Оваа рунда разговори со Нимиц и активностите во наредниот месец се сметаат за клучни за приближување на ставовите на двете земји. Процесот добива поддршка од Брисел и Вашингтон, со надеж дека ќе биде искористен позитивниот момент, кој беше дополнително потврден на средбата Заев-Ципрас во Давос. Такво очекување најави заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак, кој изјави дека „е создаден позитивен момент во разговорите што се водат со посредство на ОН и оти е можно да биде пронајдено решение со вистински дух на компромис од раководствата и од народите на двете земји“.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама