Името на свенатата роза | Северна Македонија | DW | 11.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Името на свенатата роза

Надежта за одржливо и компромисно решение во спорот за името венее, но не е сосема одвеана од ветрот. Колумна на Арсим Зеколи.

„Во Русија има два збора за вистината. ‘Правда' е зборот за човечката вистина. Истина' е зборот за Божјата вистина. Но постои и зборот неправда', како опис на невистината. И тоа е оружјето кое го користи лидерот. Бидејќи тој го знае она што останатите не го знаат. Вистината, елем, е сѐ што тој ќе каже – Јури Хурка ("Фарго, сезона 3, епизода 4).

Во новогодишното интервју за еден македонски портал, премиерот Заев даде интересна констатација за последиците од нерешавањето на спорот со името во предвидените шест месеци од тековната година. Безмалку лаконски, Заев ќе констатира дека „ако не се реши, наместо ние во Европа, ќе мора да ја донесеме Европа овде. Тоа значи комплетно создавање европски вредности , како да сме членка на ЕУ“. Логично и единствено исправно е за наше добро - не само на Заев - да го споделиме оптимизмот дека спорот ќе се реши во предвидениот...

Седенка за соземање

И ете ја првата сопка, по вина на Премиерот и неговиот шестмесечен рок, додека неговиот заменик Бујар на Али тврди дека рокот не е до Јуни, туку некаде до Април. За волја на вистината и онака како што предвидувавме, овојпат изјавата на Бујар на Али е поблиску до вистината, доколку се повинуваме на воспоставената папочна врска на спорот со името и членството во НАТО. Имено, доколку сакаме нашето членство да биде ставено на дневен ред на НАТО-самитот, неопходно е спорот да биде убедливо и одржливо разрешен пред финалното заклучување на дневниот ред, значи најдоцна до крај на Март или почеток на Април.

Камо среќа да овој расчекор биде единствениот, инцидентален и дисфункционален момент на неусогласеност во државното раководство по прашањето на спорот со Грција. Бидејќи доколку има константа која ги надминува смените на владите и државните наративи, тоа секако е сеопштата атмосфера на збунетост кај граѓаните: кој е всушност ставот на нашиот државен врв (институционално) и политичка елита (сепаратно)? Несфатливо е сред сета какофонија на изјави - често контрадикторни - никој во земјата и државниот врв да не наоѓа за сходно да свика седенка на која ќе се соберат и соземат Претседателот на Државата, Спикерот на Парламентот, Премиерот, Министрите за Надворешни, Одбрана и Евроинтеграции и лидерите на парламентарно застапените пол-партии. По која, конечно, за Божја милост и информирана јавност, барем еднаш ќе истапат сплотено и со јасен, консензуален, државно одговорен и демократски транспарентен став ќе ја објаснат и објават службената позиција на Република Македонија за спорот со името и начинот на негово домашно разрешување.

Ветено-скриено

Барање кое звучи логично, бaрем според политичките параметри на преземање одговорност за усогласениот државен став, токму според примерот од соседна Грција. Исто како што е логичен заклучокот во спротивна насока, дека спорот за името со Грција е во фаталистичка зависност од спорот околу името во Македонија. Велам фаталистичка не како убедување за некакви катаклизмички последици по земјата, туку во однос на судбините на носителите на државно-политички функции надлежни и повикани да го преземат она што - секој на свој начин и во одреден временски период - го имаат ветувано пред меѓународните кредитори и криено пред домашната јавност.

Ситуацијата во која државниот врв се крие еден од друг и преферира комуникација низ бесмислени интервјуа и глумење политичко мандраштво и махерство не е ништо друго освен тапкање во круг за давање привид дека демек нешто се движи. Но таа криенка ја разоткрива нивната длабока болка за која предупредувавме – недостатокот на авторитет во преземање решителни, па ако сакате и машки, решенија за доброто на земјата. Лесно е да се констатира, но ставете се во кожа на сегашните лидери и нивните изборни педигреа и ќе ја разберете природата на нивниот страв од летање. Тешко е да се очекува лидерски кураж од Претседател насаден како портпарол на криминален режим, од Спикер назначен на крајно сомнителен начин, Премиер инсталиран како фластер за еднократна употреба и партиски лидери кои опстојуваат преку купување гласови и продавање магли.

Има ли подобредојден демант, посреќен „студен туш“ на побивање на овие констатации доколку во оваа дружба се роди барем една искра на свест и совест дека навистина нивните владеачки мандати се помалку битни од иднината на земјата? Или ќе треба повторно да констатираме дека – такви какви што биле и со сите кијамети – сред оваа братија на горделиви нема државници како Глигоров и Црвенковски да заклучат дека земја со чудно-смешно име е поприфатливо како залог за иднината од алтернативата на чување славно име на земја од легендите за минатото. Во таа споредбена квалификација се имаат ставено самите сегашни државници. Почнувајќи од Иванов, бранителот на идентитетот, кој час до вчера парадираше во ерозија на истиот идентитет преку фантазмагорични бладања за Хунзи и индијско-пакистански ономатопеи. Преку Заев и неговите претумбации со имање-немање црвени линии, прелевање на билатералниот спор во мочуриштето на мултилатералните регионални динамики и злоупотреба на внатрешната интраетничка кохезија за името во полза на етаблирање на новата ни партиска автократија. Со испомош на Ахмети и неговата потреба досието на децениското владеење низ насилство, криминал и корупција да го потопи во промена на името, во име на Албанците, а во прилог на организираниот криминал на ДУИ.

Експлоатација на виктимизацијата

Во такво опкружување се наѕира и природата на сегашната „сакам разрешница, молам бога да ја нема” поставеност на домашните државници, мотивирани од логиката дека ќарот од решавање на спорот на конто на земјата не содејствува со цехот по нивните политички кариери и митолошки автопроекции. Нерешителноста комбинирана со недостаток на авторитет и претставнички легитимитет е подлогата врз која претпазливо се подготвува теренот за ескапистичка само-виктимизација според теркот на Груевски. Различно според конечниот исход, но со споделена мотивација на експлоатирање на виктимизацијата како изговор на воспоставување нова автократска матрица на бегање од одговорноста.

Изговор кој мора однапред да се побие и им се негира – групно и поединечно – без можност за бегство од сопствените одговорности за создавање на линии на поделби кои тие самите ги имаат ископано, а денеска елегантно и миницуозно се користат од страна на јужниот сосед. Кај кого, освен до него лично, лежи одговорноста на Иванов за сопствената изолација и лепрозен карантин на меѓународната сцена? Колку е виновна Атина за тоа што Заев денес ја изолира ВМРО-ДПМНЕ од процесот на ист, идентичен начин како што Груевски се однесуваше кон СДСМ, а притоа бара поддршка на жими мајка по сите превртливости кои ни ги сервираше? Или пак за тоа што со алчноста на грабање албански гласови за јакнење на сѐ понепопуларната СДСМ ја принуди ДУИ недостатокот на домашна интракоалициска доверба да ја компензира преку паралелни договори со Атина?

Без робустна интервенција - сплотена резигнација

Надежта за одржливо и компромисно решение венее, но не е сосема одвеана од ветрот. Дотолку повеќе што би сакале да поверуваме дека американската дипломатија нема да си дозволи да доживее втор дебакл (по Букурешт) кој може сериозно да го подрие нејзиниот престиж и влијателност во регионот. Ниту пак дека ЕУ е западната во толку длабока кататоничност, што не може да препознае дека сегашната дистанца на регионот од источните влијанија не е ниту приближно конечна и без можности за ревитализација врз бранот на некоја нова демагошка виктимизација. Какви и да се евентуалните дисонанци и ривалства помеѓу САД и ЕУ по ова и други неразрешени прашања од регионот, недостатокот на нивно робустно интервенирање на крај ќе вродат со сплотена резигнација на населението кон нивните протагонисти и нив самите како центри на одлучување за иднината на регионот. Потврдата за која ќе уследи не подоцна од Февруари.

Токму затоа, изјавата на Заев од почетокот на текстот треба да биде внимателно толкувана како од домашната јавност, така и од западната дипломатија. Не станува збор само за тоа што самата изјава наликува на лајт-верзија на груевистичките превртливи изговори од минатото. Тоа е повеќе повод за обратно промислување за врската на спорот со името и евроинтегративните процеси. Имено, дали евентуалниот застој во преговорите подразбира дека е време нештата да ги ставиме во обратна насока? Дека не е спорот за името предуслов за интеграциите, туку дека вистинските, ефективни, реални, опипливи и веродостојни реформи се предуслов за изнаоѓање ефикасна, убедлива и спроведлива разрешница на спорот со името?

DW.COM

Реклама