Има ли решение за курдскиот конфликт? | Свет | DW | 19.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Има ли решение за курдскиот конфликт?

Курдите цел век водат борба за остварување на својот сон - независност и обединување на териториите, од Турција до Иран, но сега во Ирак ситуацијата станува критична. Преглед на суштината на конфликтот.

Зошто се Курдите толку расцепкани?

Самите Курди се нарекуваат себе си „Најголемиот народ без земја“. На територии кои се наоѓаат меѓу Турција и Иран, живеат меѓу 25 и 30 милиони Курди. Курдска држава досега немало. По распадот на Османлиското царство, тие добиле широка локална автономија, која само неколку години подоцна била укината. Сонот на Курдите за своја држава под името „Курдистан“ живее и натаму. Но, сите Курди не зборуваат ист јазик. Постојат три курдски јазици и различна верска припадност. Востанијата за независност почнале на почетокот на 19. век. Во моментов во фокусот на јавноста се првенствено Кудите во Ирак, трупите на курдскиот автономен регион и ирачката војска стојат едни наспроти други.

Infografik Karte Kurdische Siedlungsgebiete DEU

Каде сѐ има Курди

Каква е ситуацијата во курдскиот, северен дел на Ирак?

Само до пред три недели на улиците на Ербил, главниот град на автономниот регион Курдистан во северен Ирак, одекнуваа одушевени восклици. Курдите го прославуваа исходот од спорниот референдум, на кој убедливо мнозинство се изјасни за отцепување од Ирак. Независноста се чинеше на дофат на раката. Но, Багдад сака со сите средства да спречи отцепување на Курдите и испрати војска. По првите судири, курдските пешмерга-борци се повлекоа без борба. Во меѓувреме, градот Киркук, во чија околина се наоѓаат големи наоѓалишта на нафта, повторно е рацете на ирачката армија. Останува отворено прашање како ќе изгледа идната курдска реакција.  

Irak Bnaslawa nahe Erbil Ausbildung der Peshmerga durch die Bundeswehr (picture-alliance/dpa/M. Kappeler)

Воени инструктори на Бундесверот во Ербил

Каква е улогата на војниците на германскиот Бундесвер во ирачките курдски области?

Напредувањето на т.н. Исламска држава во Сирија и во Ирак, предизвика мобилизирање на курдските пешмерга-милиции со голем успех, тие ја држеа терористичката милиција во шах. Откако беа обелоденети свирепостите на ИД, германската влада реши да им испрати оружје и воени инструктори на пешмерга-борците. Лиферувани беа 32.000 рачно оружје и 30 милиони парчиња муниција. Германските војници обучија во Ербил преку 14.000 Курди. Со оглед на растечката тензија меѓу ирачките Курди и централната влада, Бундесверот ја прекина воената обука, но германските војници уште се наоѓаат во регионот.

Каков е ставот на германската влада за ситуацијата?

Германската влада со голема загриженост го следи конфликтот во северен Ирак. „Никој не треба да се залажува дека постои воено решение за внатреирачките тензии, настанати во последните денови“, изјави германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел. Тој ставот телефонски му го соопштил на ирачкиот премиер. „Ескалација би ги ослабнала сите страни и долгорочно би го дестабилизирала Ирак и регионот“, истакнува Габриел, кој инсистира решението да се бара на преговарачка маса. Германската влада го критикуваше референдумот за независност.    

Каква е улогата на Иран?

И во Иран живеат до дванаесет милиони Курди, кои се интегрирани во иранското општество, но со години се жалат на дискриминација од Техеран и бараат поголеми јазични и културни права. Многу од Курдите живеат долж границата со северен Ирак, а голем дел од нив внимателно ги помагаа курдските соседи. Иран ги поддржуваше Курдите во Ирак во борбата против ИД, но во меѓувреме ретерираше. Актуелниот конфликт во северен Ирак предизвикува нервоза кај иранската шиитска влада, која стравува од ширење на конфликтот и од таа причина тесно соработува со исто така шиитската влада во Ирак.

Каква е економската ситуација во курдските области?

Областите во источниот дел од Турција, населени со Курди, се сметаат за економско слаби и страдаат поради конфликтот со ирачката влада. И курдските региони во Иран се послабо економски развиени во споредба со остатокот од земјата, тие се претежно земјоделски. Курдските територии во северен Ирак пак располагаат со богати резерви од нафта и земен гас. Експертите проценуваат дека таму дневно се произведуваат околу 650.000 барели нафта, што сепак не е доволно како економска основа за независност. Поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус сметаше дека Курдите во Ирак треба да експлоатираат дневно околу еден милион барели нафта за да можат да финансираат независна држава.

Alewiten und Kurden demonstrieren in Köln gegen Erdogan (picture-alliance/AP Photo/M. Meissner)

Алевити и Курди демонстрираат во Келн против Ердоган

Каде уште игра улога курдското прашање?

Покрај северен Ирак, сѐ уште врие и во Турција, во чиј југоисточен дел од земјата живеат близу единаесет милиони Курди. И тие аспирираат на поголеми автономни права, додека радикални групи инсистираат и на отцепување на курдските области. Ситуацијата кулминираше кон крајот на 70-те години со формирањето на Работничката партија на Курдистан, ПКК. Не само Турција, туку и САД и ЕУ во неа гледаат терористичка организација. Во турскиот курдски конфликт досега загинаа преку 40.000 луѓе, според проценките, половина од нив биле членови на ПКК. Сакајќи да предизвика смирување на конфликтот, турската влада од 2002 година започна „процес на отворање“, но од јули 2015. година насилството повторно ескалира, турската војска во повеќе наврати влезе со војска во курдските области.

Кои се барањата на Турција кон Курдите?

Турската држава стравува од отцепување на Курдите од Турција и формирање нивна независна држава. Шефот на ПКК Абдула Оџалан е во затвор од пред 18 години, но борбите помеѓу турските воени сили и ПКК продолжуваат. Турција бара ПКК да го положи оружјето. Под притисок е ставена и прокурдската партија ХДП, двајцата нејзини претседатели моментно се во затвор под обвинение за терористичка пропаганда и поддршка на теророт, исто како и  бројни други затворени политичари на ХДП. Во референдумот за независност во северен Ирак, Анкара гледа опасност за својата државна безбедност.

Како ПКК ги оправдува своите напади?

Вршењето терористичи напади ПКК најчесто го оправдува со угнетувањето на курдскиот народ. Од гледиште на ПКК, операциите на турската армија во курдските области се несразмерни и насочени кон асимилација на курдскиот народ. Првично ПКК поставуваше барање за сопствена курдска држава во југоисточна Турција, но во меѓувреме инсистира на „демократска автономија“ во рамките на Турција. Радикалните групи на ПКК сѐ уште опстојуваат на барањата за независност.

Постои ли решение за курдското прашање?

Тешко, барем не во догледно време. Курдското прашање може да се реши само во одделните земји, а таму во моментов ништо не укажува на спласнување на тензиите. Во Ирак и во Турција е присутна голема недоверба. Референдумот за курдска независност во Ирак уште еднаш покажа дека мнозинството Курди својата иднина не ја гледа во постојниот државен поредок. Од друга страна, и односот на владите во двете земји го покажува малиот интерес за отстапки кон Курдите.

DW.COM

Реклама