Има ли доволно песок во светот? | Панорама | DW | 03.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Има ли доволно песок во светот?

Песокот е основа на индустриското општество. По водата и воздухот, тој е најраспространета суровина во светот. Песок има многу, па сепак наскоро може да се појави недостиг.

Има изобилство од песок поради што се чини дека тој речиси нема никаква вредност. Но, овој впечаток е погрешен, бидејќи во некои делови од светот, на пример во Сингапур или во пустината кај Дубаи, има недостиг од градежен песок, кој и покрај неговата голема тежина мора да биде увезуван. Бидејќи пустинскиот песок не е исто што и песок кој се употребува за градба.

Песокот се користи за градење на згради и патишта, бидејќи поголем дел од нашите градби се со армиран бетон. А бетонот е составен 80% од камен и песок (плус вода и цемент). Толчениот камен во различна големина е потребен и за изградба на патишта: на пример, за еден километар автопат се потребни 216.000 тони песок и чакал.

Зголемена потреба од песок и чакал

Во иднина побарувачката за песок ќе расте, бидејќи со растечкото население растат и потребите - поголем број на улици, мостови, куќи, аеродроми и уште многу други градби. Поради светскиот градежен бум побарувачката за песок во последниве 20 години е зголемена за трипати, велат од Програмата за животна средина на ОН - УНЕП. Точни бројки нема, но проценките се дека во светот годишно се трошат од 30 до 50 милијарди тони песок и чакал.

Теоретски тоа е како секоја година да се гради ѕид околу Екваторот - 20 метри широк и 20 метри висок! И додека ни е потребен сѐ повеќе песок и чакал за нашите градби, на природата ѝ се потребни милениуми за да „произведе“ нов песок.

Kolumbien Sand- und Kiesabbau in Soacha (Getty Images/AFP/G. Legaria)

Побарувачката за песок во последниве 20 години е зголемена за трипати

Има доволно песок на земјата

„Во Германија имаме среќа што практично постојат речиси бескрајни резерви на песок и чакал“, вели Харалд Елснер од Сојузниот институт за географија и суровини (БГР). Тој смета дека е несериозно да се прави пресметка на количествата, но сигурен е дека ќе има доволно за неколку милениуми. Ние во Германија не треба да се грижиме дека ќе имаме недостаток од градежен песок и чакал, тврди Елснер.

На околу 90% од површината на земјата нема недостасток од песок, тврди Елснер. „Имаме проблеми во одредени делови на Африка и во Азија“, укажува експертот за суровини од БГР. Речиси и да нема информација за ситуацијата во Кина, која е најголем потрошувач на песок и чакал – „досега не сме чуле дека таму има проблеми“. Неговиот заклучок гласи: „Побарувачката на песок и чакал е огромна, но исто така тоа е суровина која е најзастапена во светот."

Sand- und Kiesabbau mit Radlader (picture-alliance/imagebroker/M. Keller)

Во заштитени области не може да се ископува песок и чакал

Сепак во Германија песокот е кнап

Во Германија нема недостиг на ресурси, а сепак песокот и чакалот се кнап и последиците се веќе видливи. „Не може како порано да се добијат произволни количества песок и чакал за градежни активности, туку сега веќе мора да се чека и до три недели за да се обезбеди доволно материјал“, вели Елснер.

Тоа што има поголема побарувачка отколку понуда, секако се одразува и на цените. Елснер смета на пораст на цените од пет до десет проценти годишно за песок и чакал. Зошто не се произведува повеќе кога веќе има толкави наоѓалишта?

Преку 99 проценти од површините со чакал и песок се користат на друг начин, објаснува Елснер. Во заштитени области не може да се ископува песок и чакал, исто како што тоа е невозможно ни на места каде што веќе има инфраструктура.

Deutschland Feldbestellung in Alt Zeschdorf (picture-alliance/dpa/P. Pleul)

Многу земјоделци сметаат дека е економски пологично да не ја продаваат својата земја на фирми што се занимаваат со ископување на чакал

Ниски камати и дозволи

Покрај тоа, ниската цена е пречка за многу потенцијални јами за чакал. Многу земјоделци сметаат дека е економски пологично да не ја продаваат својата земја на фирми што се занимаваат со ископување на чакал.

Се надеваат дека вредноста на земјиштето ќе расте, зашто на пазарот на капитал со алтернативен влог не може да очекуваат големи камати. Шефот на здружението за градежни материјали Веро, Раимо Бенгер вели дека „немаме недостиг на материјал, туку недостиг на дозволи". Не се издаваат доволно дозволи за ископување на чакал и песок, потенцира тој и додава дека честопати законите за заштита на природата се пречка за компаниите. Европската регулатива, на пример, налага да се заштитуваат ретките видови. Но, не се контролира во секој поединечен случај дали, на пример, економските активности и заштита на видовите се компатибилни, нервозно забележува Бенгер.

Дали јамите може да ја поттикнуваат заштитата на животински видови?

Комората постојано повторува дека уште за време на ископувањето на песок и чакал, како и во подоцна ренатурираните јами се создава простор за ретки животински видови. Тоа звучи фино, но Кристијан Швалек од Сојузот за заштита на природата Набу од Северна Рајна Вестфалија вели дека со ископувањата настанува простор за сосема нови видови, меѓу кои и ретки.

Гледај видео 02:29

Силт: борба за песокот

„Но, други исто така загрозени видови животни ја губат својата животна средина. За видовите што живеат на земјоделските површини останува сѐ помалку простор за живот", објаснува активистот.

Освен тоа, ископувањата денес се прават на многу поголеми површини отколку порано. Така настанувале и јами од по 100 хектари. Последиците не ги чувствуваат само животни, како што вели Швалек, туку и луѓето.

„Тоа во вистинска смисла на зборот се отворени рани за резервоарите за чиста вода за пиење бидејќи се соголуваат горните слоеви кои делуваат како заштита од загадување. Особено по должината на Рајна имаме големи резервоари на чиста вода која е заштитена преку чакалот и која природно се прочистува." Тие површини мора подобро да бидат заштитени, бара Швалек.

Количествата песок побрзо се трошат отколку што на одговорен начин може да се создаваат нови, вели директорката на програмата за заштита на околината на ООН, Џојс Мсуја. Ископувањето мора да биде регулирано на подобар начин, за да може да функционира и за инфраструктурата и за природата, особено заради тоа што, според анализи на ООН, годишната потреба за песок и чакал на светско ниво ќе расте за околу 5,5 проценти годишно.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама