Илегалните доселеници во САД во страв од масовни протерувања | Свет | DW | 22.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Илегалните доселеници во САД во страв од масовни протерувања

Американската влада има намера да ги зајакне рациите против илегалните доселеници во земјата. Сега околу 11 милиони луѓе стравуваат од протерување.

Во упатството на американскиот министер за внатрешна безбедност Џон Кели наменето за службата за заштита на границата и за службите за странци се вели дека сите оние кои ги прекршиле законите за доселување подлежат на „извршни мерки“ кои се движат до протерување. Исклучоци од тоа може да се направат само во „екстремно ограничен број случаи“. Тоа се однесува пред сѐ на малолетните лица.

Во фокусот на протерувањата ќе бидат лицата кои во САД престојуваат илегално, кои се осудени поради некаков прекршок или злосторство или кои се само обвинети или осомничени. Сега засилено ќе се гонат и „илегалците“ кои во мандатот на Барак Обама не мораа особено да се грижат за својот престој во земјата.

Според проценките, во САД без документи живеат околу 11 милиони луѓе. Околу половината од нив се Мексиканци. Борбата против илегалното доселување беше централно предизборно ветување на новиот американски претседател Доналд Трамп. Во текот на спроведените рации минатата недела, уапсени беа повеќе од 680 лица без документи. Кај 75 проценти од нив станува збор за осудени сторители на кривични дела, се вели од Министерството за внатрешна безбедност. Ваквите рации, меѓутоа, Министерството ги оцени како рутински. И во мандатот на Обама, во текот на изминатите години постојано се спроведуваа вакви рации. Новите насоки сега отвораат врати за масовни протерувања.

Министерот за внатрешна безбедност Џон Кели укажа дека службите за странци и за заштита на границата треба да вработат уште 15.000 лица. Тој најави дека неговото министерство веднаш почнува со плановите за изградба на ѕидот кон Мексико. Кели и министерот за надворешни работи Рекс Тилерсон денеска треба да отпатуваат за Мексико. Јужниот сосед досега отфрла да учествува во финансирањето на ѕидот.

DW.COM

Реклама