Израел прогласи крај на примирјето | Свет | DW | 27.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Израел прогласи крај на примирјето

Поради непрекинатата ракетна стрелба од Појасот Газа, Израел го прекина едностраното примирје. Армијата продолжи напади од воздух, море и копно, соопшти портпарол на војската. Од Газа се јавува за нови загинати.

До денеска утрото (27.07.2014) милитантните Палестинци истрелале околу 20 ракети, соопшти израелски претставник. Ракети истрелани од Појасот Газа паднаа во јужниот дел на Израел, при што потешко е повредено едно лице. Двајца војници синоќа им подлегнаа по повредите со што бројот на загинати израелски војници се искачи на 42. Ракетите беа истрелани во дополнителните четири часа примирје.

Хамас утрово ја отфрли одлуката на Израел да се продолжи примирјето за 24 часа.

„Ниту еден хуманитарен прекин на огнот не е валиден без повлекување на изралеските тенкови од Појасот Газа и ако населението не може да се врати во своите домови и возилата на брзата помош, кои носат тела, не можат слободно да се движат низ Појасот Газа“, изјави портпаролот на Хамас, Фавзи Бархум.

Израелскиот Совет за безбедност на молба од ОН реши да го продолжи примирјето до денеска на полноќ. Но, израелски владин претставник предупреди дека армијата ќе реагира на повреда на прекинот на огнот од страна на Хамас, кој владее во Појасот Газа. Израелските војници ќе продолжат со уништување на тунелскиот систем во палестинските области. Кратко по најавата за прекин на примирјето, во Газа и во источниот дел од Појасот Газа повторно се слушаат експлозии. Од палестински извори се тврди дека во најновите израелски бомбардирања има најмалку тројца загинати.