Израел и ОАЕ воспоставуваат дипломатски односи | Свет | DW | 13.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Израел и ОАЕ воспоставуваат дипломатски односи

Израел и Обединетите арапски емирати, со посредство на САД, се договориле да воспостават целосни дипломатски односи. Историскиот чекор го потврдија премиерот Нетанјаху, принцот Бин Зајед и претседателот на САД, Трамп.

Во рамките на договорот, Израел ќе ги суспендира напорите да анексира делови од палестинската територија кои треба да бидат дел од идната палестинска држава. Со новиот план се запираат плановите на Израел да анексира делови од окупираниот Западен брег. Тел Авив сега ќе се фокусира на „проширување на врските со други земји во арапскиот и муслиманскиот свет“, се наведува во изјавата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обраќање до нацијата вечерва оцени дека договорот ќе отвори „нова ера“ во односите на неговата земја со арапскиот свет.
Меѓу арапските нации, само Египет и Јордан имаат активни дипломатски односи со Израел. ОАЕ се првата заливска држава која презема ваков чекор.

Принцот Мохамед изјави дека се договорил со Трамп и Нетанјаху „да престане натамошната израелска анексија на палестински територии“.

Палестинците со скепса го примија договорот. Водечката функционерка на Палестинската ослободителна организација, Ханан Ашрави на Твитер оцени дека Израел е награден за тоа што „не го објавува отворено тоа што и го прави на Палестина нелегално и постојано од почетокот на окупацијата“.
„ОАЕ ги разголе своите тајни преговори/нормализација со Израел. Ве молам не правете ни услуга. Ние не сме ничиј смоквин лист“, напиша Ашрави.

Портпаролот на движењето Хамас, Хазем Ќасим го критикуваше договорот, оценувајќи дека тој не и служи на палестинската кауза.

„Тоа го охрабрува окупаторот да продолжи да им ги негира правата на Палестинците и да ја зголеми својата агресија, како и израелските злосторства против нашиот народ“, соопшти Ќасим.

Во Израел, договорот се критикува од поинакви причини.

Нафтали Бенет, пратеник и лидер на про-доселеничката партија Јамина, изјави дека жали што „Нетанјаху пропуштил историска шанса да го наметне израелскиот суверенитет врз остатокот од израелските населби“.

Египетскиот претседател Абдел ал Сиси, чија земја беше првата арапска држава која потпиша мировен договор со Израел во 1979, го поздрави договорот.

Делегации на Израел и ОАЕ ќе се сретнат во следните недели за да потпишат билатерални договори за инвестиции, туризам, директни летови, безбедност, и отворање на амбасади, соопшти Белата Куќа.

DW.COM

Реклама