Израел: Владината криза се чини засега е надмината | Свет | DW | 19.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Израел: Владината криза се чини засега е надмината

Клучниот коалициски партнер во израелската Влада, министерот за образование Нафтали Бенет, најави дека нема да поднесе оставка, со што барем засега се одложени предвремени избори во земјата.

Бенет (насловна фотографија) денеска на прес-конференција рече оти неговата партија Еврејски дом му дава на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, уште една шанса, и покрај кризата поради поттикот за запирање на оган во конфликтите со палестинските екстремисти во Газа. Се очекуваше дека Бенет ќе објави повлекување на својата партија од коалицијата, поради што Нетанјаху би останал без парламентарно мнозинство и би морал да свика предвремени избори. Аналитичарите проценуваат оти изборите би можеле да се одржат во март.

Кризата во израелската влада започна по неуспешниот упад на припадниците на израелските одбранбени сили на југот на појасот Газа на 11 ноември, кога загинаа 7 Палестинци, вклучувајќи и командант на Хамас и еден израелски потполковник.

Следеше жестоко ракетирање на југот на Израел, какво што не се памети од војната меѓу Хамас и израелската војска во Газа во 2014 година.

Палестинските екстремисти минатата недела во понеделникот и во вторникот испукаа 460 ракети и минофрлачки проектили на Израел, а израелската војска одговори со удари од воздух на 160 цели.

Загинаа уште 7 Палестинци, а на израелска страна загина едно лице кога ракета падна на станбена зграда.

Министерот за одбрана на Израел, Авигдор Либерман, поднесе оставка во средата, ден откако беше постигнат договор за прекин на огнот со посредство на Египет. Тој, како и Бенет, се залагаше за поостар одговор на нападите од Газа.

Одлуката на Бенет да остане во владата е изненадувачка, наведуваат израелските медиуми бидејќи најавуваше дека ќе се повлече затоа што Нетанјаху не се согласил да му го даде портфолиото на Министерството за одбрана. Нетанјаху синоќа објави оти тој ќе биде задолжен за ова министерство.

 

DW.COM

Реклама