Изостана „чудото од Техеран“ | Свет | DW | 11.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Изостана „чудото од Техеран“

Посетата на германскиот министер за надворешни работи на Иран покажува дека Европа на Блискиот Исток не игра поголема улога отколку на добронамерен статист. А сепак, дипломатските напори се важни, смета Матијас фон Хајн.

Германскиот министер за надворешни работи во Техеран допатува со празни раце, а со празни раце и си замина . Изостана „чудото од Техеран“- ниту е спасен Нуклеарниот договор, ниту смерниците во регионот ненадејно се поместени на деескалација. Од ова „патување во криза“, како што го нарече портпаролката на Мас, ионака не требаше да се имаат големи очекувања. Зашто, оној кој е вистински одговорен за ескалацијата во Заливот не учествуваше во разговорите: САД.

Кампањата на САД под мото „максимален притисок“, според очекувањата предизвикува слабеење на иранската економија. Извозот на нафта драстично паѓа, инфлацијата галопира, националната валута е во слободен пад. Значи, во котелот на иранската внатрешна политика расте притисокот. Резултат на тоа: Иран полека стигнува кон крајот на своето досегашно „стратешко трпение“. Техеран бара конкретна помош против американските санкции или уште подобро- нивно укинување. Во спротивно, Иран се заканува од 7 јули да започне со дозирано прекршување на неговите обврски од Нуклеарниот договор, специјално во поглед на облагородувањето ураниум над дозволеното ниво.

Европејците немаат што да му понудат на Техеран

Освен укажување на во јануари основаната европска разменскиа берза ИНСТЕКС чија цел е заобиколување на американските финансиски санкции, Хајко Мас немаше што да понуди. Но, досега не е направена ни една единствена трансакција преку ИНСТЕКС. Европејците, не без причина, се изјаснуваат за опстојување на Нуклеарниот договор, но при обидот да го одржат во живот спротивно на желбата на американската администрација, претставуваат беспомошна фигура. Ветената економска размена за возврат на воздржувањето на Техеран од производство на атомско оружје, тие всушност не можат да ја остварат. Посебно кај банките или фирмите кои имаат инвестиции во САД, владее преголем страв дека ќе се најдат во визирот на американските финансиски служби.

DW Kommentarbild Matthias von Hein

Матијас фон Хајн

Ситуацијата се комплицира дополнително со тоа што Вашингтон се чини не е начисто какви цели има всушност во Иран: промена на режимот, како што навестува американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон? Или пак само некој „подобар договор“ издејствуван од „мајсторот за договори“ Доналд Трамп?  Ако навистина постои стремеж кон преговори, како што изјавија и Доналд Трамп и неговиот министер за надворешни работи Мајк Помпео, тогаш зошто ваквата понуда е гарнирана со натамошно стегнување на завртката на санкции, како што се случи во петокот? Да не го ни споменуваме прашањето - зошто Техеран би требало да верува во новите ветувања од Белата куќа, кога САД не се придржуваат кон веќе склучената спогодба?

Важен е секој комуникациски канал

Сепак,  откако во регионот на Персискиот Залив сеќе се преместени носачи на авиони, војници и бомбардери,  добро е да се активираат и дипломатите. Ситуацијата е вистински експлозивна. Факт е дека ниедна страна не сака војна, со исклучок можеби на Џон Болтон, но сите се спремаат за неа и сметаат на неа. Недоразбирањата во ваква ситуација можат да предизвикаат потенцијални катастрофи. Секој комуникациски канал во вакви услови вреди злато. Посебно, ако на овие канали на некој начин се приклучени и Вашингтон и Ријад. Како на пример при посетата на јапонскиот премиер Шинзо Абе во средата, кој патува и со налог на Трамп. Или исто така во средата, при посетата на престолонаследниот принц од Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед на Берлин. 

На крајот, нема да има друга алтернатива освен директни преговори меѓу Техеран и Вашингтон. Целиот свет има интерес од нив, а Мас во Техеран веројатно исто така инсистирал на нив. Но, со држење на ножот на санкциите до грлото, Иран тешко дека ќе седне на преговарчка маса.

 

DW.COM

Реклама