Изопачената војна во Сирија | Свет | DW | 22.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Изопачената војна во Сирија

Сѐ појасно е дека војната во Сирија е надвор од секаква логика. Ја водат цинични актери кои спроведуваат краткорочни тактики, но нема долгорочна стратегија, смета Керстен Книп.

Да се следи логиката на воената интервенцијата во Сирија значи да западнете во една изопачена математичка проблематика. Кој формира сојуз со кого и зошто? Ништо не функционира, равенките траат краткорочно, да не речам неколку дена и потоа повторно се нефункционални. Потоа анализата повторно почнува од нула. Нов хаос, нови обиди да се разбере логиката на новите партнерства сѐ до крајот на денот кога повторно ќе стане јасно дека и новите претпоставки нема да важат долго. Едно е јасно: мотивите на актерите ја загубија секоја рационалност. Нивната рационалност трае само неколку дена или најмногу неколку недели.

Повеќе на темата:

-Турскиот ризик во Сирија

-Курдите во Сирија се здружуваат со Асад

-САД и Турција на курс на деескалација

Воената интервенција на Турција во Африн е вистински пример за цинизмот во Сирија. Москва очигледно и дала зелено светло на Анкара да изврши инвазија во северниот дел на Сирија. Но, зошто Русија која е заштитник на сирискиот претседател Башар ал-Асад би го сторила тоа? Една од теориите е дека со инвазијата во Сирија, Турција ги подгрева тензиите со САД, кои пак ги поддржуваат сириските Курди. Отуѓување или можеби и спор меѓу две земји партнери во НАТО. Од руски аспект, секој чекор со кој се поткопува единството во НАТО е добредојден, особено поради настаните околу Украина.

Цинични игри на моќ

Но, според други, Русија е можеби загрижена за нешто друго. Со инвазијата во Сирија, Турција може да ослаби и на крај да побара помош од Русија. Тоа значи еден нула за Русија во мечот против Турција.

Ова веќе нема никаква врска со Сирија. Се работи за игри на моќ водени од непромисленост. Турција, која е членка на НАТО, ладно врши воена инвазија во туѓа земја. Истовремено Иран се повеќе се поврзува со Сирија, купува земја, се основаат компании а мулите во Техеран се среќни дека со божја помош ќе можат директно од Голанската висорамнина поефективно да му се закануваат на омразениот Израел. Дополнително саркастично е тоа што Иран, земја позната по прекршување на човековите права, ја обвинува турската влада за кршење на човековите права со извршената интервенција. А што се случува секој ден во Иран, ако не тоа?

Knipp Kersten Kommentarbild App

Керстен Книп, автор на коментарот

Европско искушение

Сирија е сцена на војна. Една војна која го има изгубено компасот и правецот. И веројатно нема ни да го најде, и покрај тоа што францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе интервенира воено ако се потврди со докази дека се употребува „хемиско оружје" против цивили. Ваква интервенција ќе му оди во прилог на Макрон - тој може да се претстави како голем хуманист, но нема да помогне да се заврши војната. Дали Макрон ќе се осуди да испрати француски авиони да се борат со руски?

Европа не е воена сила во Сирија. И Франција мора добро да размисли за нејзините идни воени активности, особено по интервенцијата во Либија која заврши со катастрофални последници. Во спротивно постои закана ситуацијата да излезе од контрола, а најголема жртва да бидат цивилите.

Антиџихадистички пад

Ако се направи ретроспектува, не беше мудар потег да се покрене воена интервенција против Исламска држава во летото 2014 година без меѓународен легитимитет. Оттогаш работите продолжија да одат по надолна линија, од грешка во грешка. Тешко е интервенционисти да осудат други интервенционисти.

Војната се води според свои мрачни закони. Ако ситуацијата не се подобри, тогаш, како што е веќе подолго време во Сирија, масакрот ќе продолжи, воден од големите лидери на цинизмот кои повеќе немаат никаква цел, во најмала рака никаква вредна цел.

DW.COM

Реклама