1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Излез од ѓаволскиот круг

М. Венд / З. Јордановски27 ноември 2014

Во северен Даблин со секојдневието на многу млади доминираат бандите, дрогата и насилството. Тажна последица: највисока стапка на убиства од огнено оружје во цела Европа. Социјалните работници се обидуваат да помогнат.

https://p.dw.com/p/1DepC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ледено студена вода, оловно сиво небо и тврди момци. Сите се од работничкиот кварт во северниот дел на Даблин. Насилството и дрогите им се познати работи. Познат им е и Дин Скари. Тој е социјален работник, кој ги извлече момците од калта.

Тие му веруваат. Капењето во ледено студеното Ирско Море е нивен заеднички ритуал. Тие честопати доаѓаат овде за да го исфрлат за момент секојдневието од нивните глави.

Ирското стопанство по 1995 година доживуваше бум. Но приходите, наместо во општините, владата повеќе ги инвестираше во финансиски бизниси. Во 2008 година стопанството доживеа колапс. Во Даблин се распространија нарко-банди, ширејќи насилство. Во квартот Балимун цели станбени блокови ги претворија во наркомански пекол. Зградите сега ќе бидат урнати.

Дин Скари потекнува од тој кварт, знае што значат тепачки, бодења со нож, пукања. Затоа момците сериозно го прифаќаат.

„Кога се егзекутираат луѓе, кога се пука и се елиминираат луѓе, тоа има огромен ефект врз целиот град. Кога деца растат со тоа и гледаат дека тоа е правило за однесување, тоа е застрашувачко и многу нездраво за развој на силно општество по 10 години на алчност и лошо стопанисување од владата. Кога си во круг од банди, убијци и така натаму и кога на тоа ќе ја додадете и невработеноста, тоа не е добар микс“, вели Скари.

Irland Finanzkrise
Во 2008 година стопанството доживеа колапсФотографија: AP

За тоа може да раскажува и Рис, штитеник на Дин. Тој има 18 години, престана да се школува, невработен е и зависник од дрога. Опкружувањето го направи сето тоа уште полошо.

Рис беше припадник на таа споулавена сцена: член на банда, трговец со дрога. Повеќепати за малку ќе платеше со глава поради тоа. Пред една година Рис беше нападнат од еден врсник - тепач, кој беше целосно избезумен.

„Ме удираше, ме влечеше по улица, трескајќи ме бум-бум-бум“, раскажува Рис. „Ме одвлечка на крајот од улицата, кај зградите. Сакаше да ме фрли. Сакаше да ме фрли од зградата. Тогаш се појави еден мој добар пријател. Мислам дека некој од улица повикал полиција. Неколку недели подоцна братучед ми го видел дека поминал по улицата и ми рече: дојди, овде има два чекана, ќе возиме по него и ќе му ги смачкам колената, ќе го смачкаме, ќе го скршиме и нека искрвари. Тој не смее веќе на луѓето да им го прави тоа“.

Насилство и контранасилство - ѓаволски круг. На социјалниот работник Дин Скари му е јасно дека овде нешто ќе се промени само ако засегнатите младинци бидат конструктивни.

Plan B Irland Krisengraffitis
Северниот дел на Даблин е опасен за живеењеФотографија: DW/M. Hartlep

Со неговиот проект „Остварете ги соништата“ тој сака да ги собере младите за тие нешто да постигнат. Собиралиште е локалниот младински центар. Овде се среќава и групата морски капачи. Сите се од истиот проблематичен кварт. Рајан Линколн е еден од нив: „Музиката, работите со кои досега се занимаваме. Изгледа стереотипно, но да не беше музиката, ќе правев други нешта, навистина така мислам.“

Со другар му Џер, Линко, како што го викаат, неодамна отвори тонско студио. Тука снимаат музика, заедно со други младинци од квартот. Дин ги поврза двајцата музичари со Рис. Оттогаш тројката снима хип-хоп нумери. Хип-хоп музичарот Џер Келет објаснува:

„Да отвориш музичко студио изгледа голема работа. Тој има 19 години, јас 20, а веќе имаме сопствен бизнис. Се надеваме дека тоа ќе ги потикне луѓето да си речат, “ако двајца момци од Балимун можат да го сторат тоа, што можеме да направиме ние?‘“

Проектот на Дин Скари предизвика домино-ефект. И животот на Рис радикално се промени: покрај музиката, се заинтерерира и за глума. На кастинг за холивудски филм за некој млад музичар од Даблин стигна да биде еден од двајцата кандидати за главната улога.