„Изгубени во преводи” | Северна Македонија | DW | 16.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Изгубени во преводи”

Јас навистина не сакам да живеам во гето и во постојана агонија на омраза и нетрпеливост, често скриена, но уште почесто и јавна, и на меѓуетнички и на внатрешно-етнички план. Пишува Синоличка Трпкова

Учам една година албански. Тоа е мој избор, никој не ме обврза со закон, ниту пак со наредба, а камо ли со уцена. Сакам да учам јазици. Кога ги учам откривам нови светови, зашто јазикот не е само за вербално, туку и за културолошко разбирање. Можев да учам и кинески или арапски, но ете, решив да учам албански. На Факултетот за Драмски уметности, во рамките на УКИМ, каде што сум професор по Актерска игра пред камера, веќе долги години постојат албанска и турска класа актери. Тие си имаат свои матични професори и можност да работат (глумат) на свој мајчин јазик, зашто постои и турски и албански театар во земјава. Имаат и одлични претстави и актери. Дури и да не се знае еден од тие јазици, уметноста може да се следи, зашто таа ги руши бариерите меѓу луѓето. На факултет предавам предмет на сите класи, турска, албанска и македонска. На македонски. Но мојот предмет е врзан со потребата актерите да се изразат на мајчиниот јазик, заради вистинитоста и уверливоста во играта. Дел од нив зборуваат одлично македонски, но на друг дел македонскиот им оди слабо. И секоја нова генерација сѐ послабо го владее македонскиот. А требаше да биде обратно...

Лична инвестиција

Кога почнав да го учам албанскиот, што пред сѐ го сметам за лична инвестиција во моето знаење, никој ниту ме охрабри, ниту ме обесхрабри во таа намера. Им беше всушност сеедно на луѓето околу мене, и на Албанците и на Македонците. Учењето јазик е долг процес, што бара посветеност и упорност. Од студентите се очекува да зборуваат одлично и македонски, пред сѐ заради сопствените можности за кариера. Ама не зборуваат! Спецификата на она што го предавам и работам со студентите бара од мене темелно запознавање со интелектуалниот и емотивен свет на актерот-студент. Актерот чувствува и осознава преку мајчиниот јазик. Од време на време разменувам по некоја реченица албански со студентите, но далеку сум од течно зборување. Работам и индивидуално со нив. 

Претходни колумни на авторката: 

Виртуелната принцеза Ирена

Нашата историја и нашата покисната сегашност

Затоа, за мене е многу важно дека почнувам да го разбирам нивниот индивидуален свет, за да можам да работам полесно. Зашто секој актер-студент претставува свет за себе, што би требало да се допре, истражи и отвори. А мајчинот јазик на студентот е неговата основна актерска алатка. Коментарите од типот – па тие треба да знаат македонски, или зошто се мачиш, терај на македонски – ниту ми помагаат, ниту пак се содржани во моето разбирање за професорската одговорност. И покрај тоа што перцепцијата на оваа ситуацијата ужасно споро се менува, јас не се жалам, туку напротив, сметам дека учењето нов јазик ми помага директно во професијата, а и во личниот развој.

Mazedonien Parlament Protest (picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski)

Собранието го изгласа законот за јазици во тензична атмосфера

Двојазичност по секоја цена

Мојот “космополитизам” сигурно ќе наиде на потсмев, цинизам или дури скриена омраза кај некои. Но од друга страна, не се согласувам ни со инсистирањето и наметнувањето двојазичност по секоја цена, како гола форма запишана во политичките програми на албанските политички партии, зашто тоа не е пат што води до соживот, туку претставува уцена за барање одвоен живот, и создавање на намерно неразбирање меѓу различните етникуми. Дали сте забележале дека денес сме повеќе одвоени како етнички заедница од порано? Постарите генерации Албанци зборуваат одлично македонски, но младите се' потешко го владеат. Затоа што се поделивме со училиштата, универзитетите, институтите, а всушност се работеше за вклучување на сите заедно во системот. Очигледно тоа "вклучување” било само привидно, со проценти и математики, но она вистинското заедничко живеење што носи развој, напредок и просперитет - гасне. Зашто бројките и процентите претежнаа во решавањето на меѓучовеките и меѓуетничките односи, наспроти човештилакот, квалитетот и грижата за заедничкото добро. Дури и пописот ќе биде повторно бројка и процент, што ќе им даде право на едните или другите шанса за поголема поделба. Сето ова можело мудро да се реши со градење и одржување на мешани, заеднички градинки, училишта, факултети, универзитети. Никој никого нема да загрози ако зборува еден јазик повеќе. Напротив, односите меѓу луѓето во земјава никогаш немало да бидат загрозени, доколку не биле злоупотребени за националистички цели. Барање бинационалност и двојазичност носи само делба меѓу луѓето. Замислете држава од милион ипол народ, чиј добар дел живее во тешка беда, да троши милиони само на преведувачи! Македонија – право за во Гинис!

Гушење во примитивизам

Политиката нѐ раздвои, под мотото дека нѐ обединува. Требаше да ги имаме најдобрите луѓе, професори и стручњаци без разлика на јазикот и етничката припадност. И да не создаваме делби на генерациите што идат, ниту да фрламе пари на универзитети во секој град или село. Јас навистина не ја разбирам штетата што би можеле Македонците да ја претрпат ако нивните деца имаат три часа неделно албански и обратно. А децата кога се мали, учат и прифаќаат сѐ лесно. Размислувањата од типот “е нема да им го учам јазикот на Шиптарите” секогаш ќе биде само причина за националистички одговор од другата страна. Се гушиме во примитивизам и апсурдни натегања и уцени  “нати-дајми”, што се знак на длабока, пред се политичка незрелост, а живееме во еден модерен, европски свет.

Мојот пример со доброволната одлука да учам албански за да образувам најдобро што можам е веројатно редок. И не се грижам веќе што ќе кажат или мислат ниту Албанците ниту Македонците. Јас навистина не сакам да живеам во гето и во постојана агонија на омраза и нетрпеливост, често скриена, но уште почесто и јавна, и на меѓуетнички и на внатрешно-етнички план. Уште помалку сакам да живеам во земја во која правото за еднаквост на сите граѓани разбира безобразно наметнување на закон за двојазичност од малцинство. Затоа сите заедно без исклучок, сркаме помии, а плаќаме како за бифтек. До сега требаше да цветаме во богатството од различности на културен, научен и општествен план. Да бидеме пример за успешно мултиетничко општество на Балканот. Наместо тоа, влеговме во филм од тезги и пазарења што ни се емитува како висока политика за “соживот”. Недостасува уште сосема да се “изгубиме во преводите”, и да го изгубиме и нашиот еден и заеднички дом – Македонија.

 

DW.COM

Реклама