Кусок на изводи или на процедури? | Северна Македонија | DW | 16.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кусок на изводи или на процедури?

Не станува збор за кусок на изводи, туку за задоцнето книжење на рекапитуларите од 2019 во 2020 година, тврдат од Управата за водење матични книги, по сомнежите во јавноста.

Има или нема кусок на обрасците за изводи кои се издаваат на граѓаните од матичната книга на родените, венчаните и умрените? Од Управата за водење матични книги (УВМК) ги демантираат информациите во јавноста дека недостигаат околу 95.000 обрасци и тврдат дека пласираните невистини се резултат на погрешно толкување на Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Што пишува во извештајот на ДЗР?

„Со извршениот попис на залихата на обрасците за изводи кои се издаваат на граѓаните од матичната книга на родените, венчаните и умрените, констатиран е кусок од вкупно 94.451 изводи во ПО Скопје и ПО Тетово, ПК Ресен, ПК Гостивар и ПК Прилеп. Како причина за констатираниот кусок во ПО Скопје од 92.257 изводи, и во Ресен од 181, се наведени ненавремено и недоставени рекапитулари за раздолжување од страна на одговорните лица на подрачните одделенија. За кусокот од 1.655 изводи во ПО Тетово не е утврдена поединечна одговорност за настанатиот кусок. За кусокот од 300 изводи во ПК Гостивар и 58 изводи во ПК Прилеп, задолжено е одговорното лице да го надомести приходот“, се вели во извештајот на ДЗР од 2019 година.

Ненавремено книжење

Според објаснувањата од Управата, не станува збор за кусок на обрасци за изводи, туку за приходи врз основа на издадени изводи кои задоцнето биле прокнижени во 2020 година.

„Нема кусок на изводи. Во извештаите на ДРЗ не е констатиран кусок на изводи, тоа е само погрешно толкување од страна на читателите на извештајот. Тие вести се невистинити. Сметководствената евиденција на Управата за водење на матичните книги ја води овластен сметководител вработен во Службата за општи и заеднички работи, кој покрај нашата, води и други институции. Оваа констатирана ситуација е настаната поради ненавремено книжени рекапитулари од страна на сметководителот кој е задолжен за сметководствената евиденција на Управата за водење на матичните книги. Оваа состојба е заведена во 2019 година, но истата е променета задоцнето во 2020 година со книжење на рекапитуларите од 2019 во 2020 година“, велат од УВМК.

Повеќе:

Има ли граѓани со двојни матични броеви?

Се бара видливо решение за „невидливите“ граѓани

Оттаму објаснуваат дека удел во оваа состојба има и фактот што при издавањето на изводи честопати се случуваат грешки – згрешена една буква и слично, а такви имало околу 23.000. Лицата кои бараат извод потоа чекаат нов документ, но заради туѓа грешка не треба двапати да плаќаат за услугата.

„Раководителите на подрачните одделенија се задолжуваат да ја подмират финансиката разлика настаната при утврдена состојба од страна на Управата за погрешни издадени изводи“, велат од УВМК.

Евиденција по сериски број

Во Извештајот на ДЗР се констатира дека „не се води материјална евиденција на изводите по поединечен сериски број“. Затоа, клучните препораки на ревизорите биле: да се донесе процедура за издавање на изводи и други документи; уплата на сите приходи од извршени услуги и евиденција на изводите по сериски број.   

„Пропустите утврдени од Државниот завод за ревизија за работењето на Управата за водење на матичните книги најчесто се процедурални и се одраз на застарениот Закон на матично работење кој треба да се дополни и промени, за што е покрената иницијатива од страна на Министерството за правда. Материјална евиденција на изводите по сериски број се води, и истите се распределуваат по подрачните одделенија. Насоката и препораката од Државниот завод за ревизија е освен оваа евиденција, да се направат процедури со кои евиденцијата ќе се води и по вработени, не само на ниво на Подрачни одделенија“, објаснуваат од Управата.

ДЗР по извршената ревизија констатирал и дека во системот за електронски матичен регистар, од вкупно 175 матични подрачја, електронски се поврзани само 90. Од Управата велат дека таа состојба е веќе зад нив, бидејќи во 2020 година е реализиран проектот со кој сите матични подрачја се поврзани електронски.

Volkszählung Frau mit Strichcode auf der Stirn Symbolbild

Ненавремено решените прашања оставаат простор за создавање недоверба во институциите, па овој случај веќе произведе шпекулации за можни злоупотреби, кои одредени партиски претставници експресно ги ставија во контекст на претстојниот попис

Осум милиони податоци

Но, тоа не е единствената задача што стои пред Управата, ако се има предвид со колку милиони податоци располага, а голем дел од нив сѐ уште не се преселиле од „хартија" во електронскиот матичен регистар. Според ДЗР, УВМК располага со 8 милиони податоци во матичните книги на родени, венчани и умрени во хартиена форма, кои треба да се внесат во електронскиот матичен регистар. Од 2012 година, кога бил воспоставен електронскиот матичен регистар, до крајот на 2019 година биле внесени околу една третина - 2.462.000 податоци.

Од УВМК потврдуваат дека дигитализацијата на матичните книги е приоритетна цел на Управата и најавуваат дека таа ќе комплетно ќе заврши за две години.

„Како институција секоја година доставуваме до Владата извештај за реализација на акциониот план од предходната година. Процесот на дигитализација се одвива според акциониот план и досега има внесено 3 милиони податоци. Согласно стратегискиот план на Управата за водење на матичните книги, кои се усогласени со страгиските планови на Владата, до 1.01.2023 година процесот на дигитализација треба да заврши, односно сите податоци од матичните книги на родени, венчани и умрени да бидат внесени“, најавуваат од Управата.

Колку е важно да се утврдат процедурите при издавањето изводи, уплата на сите приходи (административни такси и други давачки) и строга евиденција (вкупен  број набавени и издадени изводи по сериски број, на погрешни изводи и на залихата на изводи со кои располата Управата), покажа фактот дека задоцнетето завршување на обврските, може да води кон „погрешно толкување", како што вели Управата. Ненавремено решените прашања оставаат простор за создавање недоверба во институциите, па овој случај веќе произведе шпекулации за можни злоупотреби, кои одредени партиски претставници експресно ги ставија во контекст на претстојниот попис.