Избори кои ја менуваат Германија | Свет | DW | 25.09.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Избори кои ја менуваат Германија

Германија е во шок по големиот успех на деснорадикалната АфД и стрмоглавиот пад на гласовите на двете водечки партии. Главна тема во германскиот печат е токму резултатот на АфД. Многу критики на сметка на Меркел.

Deutschland Bundestagswahl | Protest gegen die AfD (Reuters/W. Rattay )

Протести пред седиштето на АфД во Берлин

Берлинер цајтунг оценува дека „изборите ја менуваат Германија“.
„Не, тие нема да ја променат улогата на Германија во светот, бидејќи и покрај сѐ Ангела Меркел ќе остане канцелар. Но, овие избори можат да ја сменат репутацијата на Германија во светот. На некои наши соседи сигурно им е непријатно што 70 години по крајот на војната десните радикали повторно ја креираат политиката во Рајхстагот во Берлин.
Овие избори ќе ја променат нашата земја- мораме да се занимаваме со фактот дека овој пат е поинаку од сѐ што се случуваше во претходните 27 години од повторното обединување, кога само по некој гласач, повеќе од протест одошто од уверување, гласаше за десничарските политичари. Сега ги има многу, тоа се наши соседи, колеги, познаници. АфД е трета најсилна партија. Статистички, во некоја улица со 100 избирачи, повеќе од 13 соседи се определиле за назадна, делумно отворена десно-радикална партија. Во реалноста, гласачите на АфД се воглавно на истокот на Германија“, оценува Берлинер цајтунг.
Вестдојче цајтунг од Диселдорф го анализира аспектот на „илузијата на успешното внатрешно спојување на Германија“ како една од причините за подемот на АфД. „27 отсто од мажите од источна Германија гласале за АфД бидејќи постојано се чувствуваат хендикепирани. Политиката конечно мора да се позабави со тоа. Бидејќи, 27 години по обединувањето на Германија, на западот на земјата исчезнуваат трпението и подготвеноста на штета на сопствената инфраструктура и инвестиции да се продолжи со плаќање на алиментација на источните покраини чие население изгледа има проблем со тоа да сфати кој во 1990 година му се придружи на чиј систем на вредности“. Овој весник, притоа, предвидува „брз крај на АфД“.
„Милиони гласачи кои го дадоа својот глас за АфД наскоро ќе констатираат дека своето гласачко ливче можеле да го фрлат и во корпа за смет. Делумно расистичкиот и екстремно десничарски персонал кој со членската карта на АфД се слива во Бундестагот- таму и ќе пропадне. АфД е во целина потполно неспособна да се развива во угледен претставник на конзервативните сили. Нивните пратеници не се ништо повеќе од лошо друштво и многу брзо, и покрај очекуваните скандали, веќе нема да бидат така забележливи“.

Deutschland Bundestagswahl | Merkel (Reuters/F. Bensch)

Ангела Меркел е пред голема задача во следниот легислативен период


Магазинот Шпигел на својата интернет страница коментира дека и Германија едноставно влегла во друштво на соседните држави во чии парламенти седат десничарски популисти. И за тоа ја обвинува Ангела Меркел:
„АфД не е нормална партија. Во нејзините редови, дури и во врвот, постојат и такви кои отворено флертуваат со екстремистички позиции, кои сакаат да се присетуваат на агресорските војни на Вермахтот, кои сакаат да го негираат Холокаустот и да го укинат сеќавањето на него. Таквите луѓе наскоро ќе седат во Бундестагот.
Не, ова е повеќе од секојдневен европски десен популизам. Тоа е напад врз нашата либерална демократија. Останатите партии во Бундестагот мораат да ја бранат таа демократија и нашето општество во целина- тоа е нивната главна задача во следните четири години.
Последните години живеевме во ненормална состојба за која е одговорна шефицата на ЦДУ и канцеларка Ангела Меркел. Со исфрлањето на сите конзервативни позиции од својата партија таа создаде простор на десниот раб, незадоволните конзервативци ги испрати во рацете на десничарските популисти. Со усвојувањето на социјалдемократските теми таа ги сушеше социјалдемократите сѐ додека не пресушија на едвај нешто повеќе од 20 проценти.
Ангела Меркел сака да кажува како радо ги решава проблемите. Покрај проблемите со Доналд Трамп, Владимир Путин, еврото, климатските промени и нуклеарните закани од Северна Кореја сега пред себе има уште еден, не помалку компликуван- организација на Јамајка коалицијата“.

Deutschland Bundestagswahl Meuthen mit Gauland und Weidel PK (Reuters/F. Bensch)

Раководството на АфД


Франкфуртер алгемајне цајтунг оценува дека АфД по изборите добила „демократски печат“. „Во што погрешија другите, колку тие придонесоа за АфД да стане толку силна? На тоа прашање одговорот нема да го бараат само историчарите кои ќе се занимаваат со овој период. Бидејќи, дури сега сѐ почнува. Зарем оваа партија не ги пополни празнините? На пример, зборовите „германски“ и „христијански“ некои партии ги имаат во своите имиња- но само таму. Изразите „национални“ или „конзервативни“ речиси се прогласени за аномалија со која треба да се занимава Службата за заштита на Уставот. Очигледно дека секоја празна фраза од АфД намалува некои копнежи“.
„Но, сега таа партија ќе има истакнато место во Бундестагот и ќе предводи комисии, дури и ако некои пратеници на други партии пружаат последен, тажен отпор. Таа партија сега може да вработи стотици луѓе и со државни пари да ги наметнува своите теми. Сега таа има демократски печат“, пишува ФАЦ.
Најдраматичен во оценката е Рајнише пост. „24 септември 2017 е датум кој означува крај на умерената повоена Германија во која владееше консензус. Земјата врти в десно!“

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама