Избори во Хрватска: Младите не ги интересира политика | Свет | DW | 04.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Избори во Хрватска: Младите не ги интересира политика

Кога утре (5.7.) во Хрватска ќе бидат отворени гласачките места, кон нив ќе се упатат само мал број млади луѓе. Мнозинството млади Хрвати е незаинтересирано за политика, а оние кои ќе гласаат не очекуваат големи промени

Колку од младите луѓе меѓу 18 и 30 години ќе излезат на гласачките места, е една од непознатите на претстојните парламентарни избори во Хрватска. Прецизни истражувања за тоа нема, но ако се суди според минатогодишните избори за Европскиот парламент, бројот нема да биде посебно голем.

„Додека на ниво на ЕУ излезноста во таа старосна група беше околу 42%, во Хрватска беше многу помала – 18%“, вели Марко Матијевиќ, основач и главен уредник на популарниот младински портал srednja.hr  во разговор за Дојче веле.

Причината, смета Матијевиќ, е што партиите не формулираа некоја политика која во прв ред допира теми важни за младината, а, освен тоа, тие немаат стил на комуникација близок до младите. Тоа пред сѐ се однесува на теми како образование, положба на студентите или државна матура.

„Сите тие велат дека младите се важни, дека тие се иднината, но всушност ова се само празни пароли кои не можат да привлечат внимание на младата генерација на некое подлабоко ниво."

Од друга страна, младата генерација сака сѐ да ѝ се сервира како на тацна. „Ако не се случи тоа, тие ги игнорираат изборите, како што игнорираат и многу други општествени појави", вели Матијевиќ.

На овој начин настанува затворен круг: бидејќи не гледаат политиката да се занимава со нивните теми, младите ги игнорираат изборите, а потоа политичките партии, согледувајќи дека не станува збор за релевантна гласачка група, ги игнорираат младите.

Иселувањето како порака

Притоа постои цела низа причини поради кои младите би требало да бидат во фокусот на политичката активност на партиите. Наталитетот во земјата со години опаѓа и Хрватска се наоѓа под просекот на ЕУ. Истовремено стапката на невработеност меѓу младите од 16,2 % е натпросечно висока. Една од последиците: откако во 2013 година стана членка на ЕУ, Хрватска годишно ја напуштаат меѓу 40.000 и 50.000 главно млади луѓе.

EU-Wahl 2019 Junge Kroaten bei der Kampagne des EP Diesmalwaehleich (EP)

Изборна кампања на младите пред ланските избори за Европски парламент

Мнозинството од нив заминува во Германија или Ирска, каде се надеваат на подобар живот. За разлика од некогашното иселување, овојпат примарните причини за заминување во други земји не се сиромаштија, туку разочарување од хрватската држава, чувство дека не постои систем кој ги наградува образованието и работата, како и презир кон политичките елити. „Тие имаат загубено доверба дека работите можат да тргнат кон подобро. Во Германија, каде многумина објективно живеат многу потешко отколку во татковината, имаат надеж во подобро утре, додека овде неа ја имаат загубено", вели Тадо Јуриќ, демографски експерт во Загреб.

Граѓанска должност, ништо повеќе

Многумина од оние кои ќе излезат на избори, тоа ќе го направат без голем ентузијазам. „Мислам дека е тоа должност на секој граѓанин", вели Јаков (19), но не верува дека во неговиот живот по изборите нешто ќе се промени, исто како и Лаура (19), студент од Загреб:

„Не мислам дека овие избори значајно ќе го променат мојот живот, зашто многу од политичарите даваат големи ветувања, а поучени од искуството, знаеме дека нема да ги спроведат во пракса ако добијат мандат."

Бруно (19) тоа го формулира уште поостро: „Јас (на политичарите) не им верувам, па не обрнувам внимание што велат". Но, тој сепак ќе гласа.

Повеќе:

Избори во Хрватска: Десно и уште подесно

На транзицијата на Балканот и’ нема крај

Хрватска оди на избори: ХДЗ сурфа на бранот на пандемијата

Балкански автократ – можен само ако ЕУ подзамижува

Паулина студира психологија и има намера да работи во училиште. За неа важни теми се економијата и образованието, но вели: „Искрено, не очекувам преголеми промени."

Кон тоа чувство на немоќ секако придонесуваат и сѐ уште силните национално-конзервативни сили во општеството, кои хомосексуалноста ја означуваат за болест и се залагаат за забрана на абортус дури и во случај бременоста да е последица на силување. Во тие ставови ги поддржува и најголем дел од католичката црква, која во Хрватска и меѓу младите е прилично влијателна.

За правата на малцинствата

Но, секако има и такви кои имаат поинакви погледи. Една од нив е и Ивана (22): „Јас одам на избори. Се надевам дека нашата политика ќе биде во дух со времето, дека нема да биде назадна и нема да ги поништи годините и децении на борба за човекови права и слободи. Се надевам дека предвид ќе ги земе и ранливите групи во општеството, малцинствата."

Во врска со актуелните дискусии околу абортусот, таа ја нагласува важноста на ангажманот за правата на жените: „Како граѓанка на Република Хрватска мене тие теми посебно ме засегаат, кога се зборува за женското тело и одлуките кои ги носат жените. А посебно ако тие разговори ги водат мажи."

Во основа конзервативни

Сепак, кај мнозинството млади не преовладува дух на побуна и барање алтернативни модели, нагласува Марко Матијевиќ.

„Неодамна објавено истражување на КРО барометар покажува дека нема големи изненадувања и дека младите ќе гласаат слично со останатата популација. Првите три партии се ХДЗ, Рестарт коалицијата и Татковинско движење. Тоа зборува дека младите не се особено бунтовни и ги следат востановените опции", вели Матијевиќ.

Оваа склоност кон конзервативни вредности и десни политички опции меѓу младите ја покажа и истражување кое во 2015 година меѓу младите го спроведе невладиното здружение на граѓани Гонг: 40% матуранти би запреле секаков обид за судски прогон на евентуални хрватски воени злосторства од Татковинската војна, 65% изјавиле дека хомосексуалните лица можат приватно да прават што сакаат, но својата сексуална ориентација не треба да ја покажуваат во јавност, а 50% дека на хомосексуалните лица би требало да им се забранат секакви јавни настапи, зашто тоа негативно влијае врз младите. 

Развојот на хрватското општество во тој правец Ивана никако не сака да го прифати. Таа разговарала со свои пријатели за претстојните избори и сите се согласиле дека сакаат порамноправно и поотворено општество во кое можат нормално да живеат и работат. „Се надевам дека изборите ќе го променат мојот живот кон подобро и нема да ме истераат од државата", заклучува Ивана. 

 

Реклама