Избори во Хрватска: Десно и уште подесно | Свет | DW | 30.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Избори во Хрватска: Десно и уште подесно

Хрватска на прв поглед е сосема нормална европска демократија, нормална и со своите афери, кризи и економски проблеми. Сепак, оваа држава се’ уште останува заложник на неодамнешното минато. Коментира Норберт Мапес-Нидик.

Една голема партија на десниот центар, една на левиот центар; час победува едната, час другата. Беспрекорен Устав, членка на ЕУ и НАТО, наскоро веројатно и на еврозоната. На петти јули повторно ќе се гласа, редовно, четири години по последните избори.

Хрватска е на прв поглед сосема нормална европска демократија, нормална и со своите афери, кризи и економски проблеми. Па сепак, оваа држава се’ уште останува заложник на неодамнешното минато.
Со премиерот Андреј Пленковиќ, се чини, дека Хрватска неповратно стигна во европската нормалност. Овој 50-годишник, со добри контакти во Европа, не тежнее кон големи гестови, ги намалува тензиите онаму каде што може себеси тоа да си го дозволи, зрачи со трезвеност и разум - како некаква Ангела Меркел на истокот - реткост во регионот.
Со новиот претседател, социјалдемократот Зоран Милановиќ, успева и политичката кохабитација. Првото претседавање со Европскиот совет, кое завршува денеска (30.06), Хрватска го совлада без многу врева.

Отворено десно крило

Во Загреб и онака нема премногу простор за некаков орбанизам или бунт против Брисел. Кризата со коронавирусот уште еднаш на целата нација драстично и’ покажа колку зависи од Европа. А европската нормалност значи и екстреми. Со оглед на тоа што ХДЗ не настапува со најтврда националистичка реторика, анкетите најавуваат меѓу 10 и 15 отсто гласови за новото Татковинско движење.

Лидерот на Татковинското движење, народниот пејач Мирослав Шкоро, се залага за идентитетска чистота, прикриена со омраза и илузија на сувереност- точно таква идеолошка мешавина каква што има насекаде во Европа или барем ветува успех.

Сепак, изворот на хрватскиот проблем не е екстремната десница која одново се собра кај Шкоро, туку ХДЗ, која себеси се смета за државотворна и национална партија. Партијата ја сервира таа смеса како национален пијалок. Состојки не недостасуваат: малубројните преостанати Срби можат да послужат како непријатели, односот кон соседна Босна се’ уште не е јасен.

Доколку Пленковиќ ги загуби изборите, тоа ќе биде вода на воденицата на десното крило на ХДЗ предводено од поранешниот министер за надворешни работи Давор Штир. Но на Пленковиќ ни победата може да не му помогне. Бидејќи лесно може да се случи ХДЗ да влезе во коалиција со екстремистите на Шкоро, па национализмот секако ќе зајакне. Таквата коалиција - десно и уште подесно - веќе го има благословот на моќната Католичка црква.

Norbert-Mappes-Niediek - Korrespondent mehrerer deutschsprachiger Zeitungen in Südosteuropa (L. Spuma)

Норберт Мапес-Нидик

 

А доколку наспроти тоа Пленковиќ се обиде за коалиција со социјалдемократите - и тоа како помал партнер во владата - тогаш ХДЗ ќе се најде на работ на распад.

Хрватите сами со себе

Точно четврт век мина откако Хрватска под власт на ХДЗ стана она што е денес. На 5 август 1995, хрватските единици, со премолчена согласност на белградскиот воен лидер Слободан Милошевиќ, го „ослободија“ градот Книн од неговите жители. Во само неколку дена, српското малцинство исчезна од земјата. Сеќавањето на тој настан секоја година се слави како Ден на благодарноста, некој вид национален Thanksgiving.

Веќе 25 години Хрватска им припаѓа на Хрватите, а со тоа и на ХДЗ, како што веруваат во таа партија. Внимателно оркестрираното протерување на Србите, своевремено во либералните кругови на хрватската јавност предизвикуваше иритации, а убиството поврзани со тоа - гадење. Но и тивко олеснување: не пружа ли тој егзодус и шанса?

Без Србите, татковината сепак имаше еден проблем помалку. Конечно, Србите - таму каде што беа во мнозинство - на пример во Книн, претходно ги протераа Хрватите за да можат да ја приклучат т. н. Република српска краина кон идната Голема Србија.
Ќе беше тешко, можеби и невозможно, да се создаде функционална Хрватска со тие српски политичари. А откако во државата останаа да живеат (речиси) само Хрвати, делуваше дека е отворен патот во европската нормалност.

Она што изгледаше како предност, се покажа како вродена мана: оваа Хрватска не настана како нација, туку страна во војната. Не како обединување на завојуваните страни, владата и народот, левицата и десницата, туку како борбено малцинство во повеќенационална Југославија.

За таквите граѓани и нивниот идентитет да бидат претставени, беше доволна една партија. Другите, додуша, смееја да постојат, но нивното место секогаш беше на клупата за резервни играчи.

Кога Југославија стана минато, а Србите заминаа, за националната партија веќе немаше противници. Чуму тие институции, компензации со интересите? Без оглед кој профитира финански од политичките одлуки, парите секогаш остануваат во националното семејство. Таму каде што имаше сериозна опозиција - а таква имаше и се’ уште постои, пред се’ во Истра, Ријека, но и во Загреб - таа може да биде само антихрватска. Така „вистинската“ хрватска партија ХДЗ остана меѓу национализмот и корупцијата.

Премиерот Андреј Пленковиќ вешто пловеше меѓу таа Сцила и Харибда. Но не можеше да избегне неговиот брод повремено да удира во едниот, па во другиот брег.

DW.COM

Реклама