Избори во САД: Германија се надева на Бајден | Информации и анализи за Германија | DW | 26.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Избори во САД: Германија се надева на Бајден

Мнозинството Германци сметаат на победа на Џо Бајден на изборите на 3 ноември. По четири години со Трамп, германско-американското пријателство е во распад. Но, дали Бајден ќе може да го поправи?

Најдолна точка во трансатлантските релации за време на мандатот на Трамп? Петер Бејер не мора многу да размислува – тоа се достигна во август 2018-та, кога Трамп ги означил Европејците како „непријатели”. „Тогаш беа пречекорени некои граници”, вели за ДВ Бејер, координатор за трансатлантски односи на владата и пратеник на ЦДУ.

„Тоа не сакате да го чуете од никого, а најмалку од американски претседател.“ 

Само еден од многу моменти во кои Трамп покажа што мисли за Европа, Германија, или канцеларката Меркел.

Deutschland Berlin | Peter Beyer, Berichterstatter Auswärtiger Ausschuss zu Serbien und Kosovo

Петер Бејер

Во четирите години мандат многу работи се сменија помеѓу Вашингтон и Берлин, вели Бејер. Особено што се однесува до стилот на комуникација. „Бевме навикнати нештата да се разговараат меѓусебно. Моравме многу да учиме”. На пример, кога Трамп најави дека ќе ги повлече американските сили од Германија. „За тоа дознавме од текст во Волстрит журнал и потоа имаше цела недела молк”, вели Бајер. „Потоа немаше ништо”.

Трамп гласен, Меркел тивка

И личните односи помеѓу Доналд Трамп и канцеларката Меркел се чини се нарушени. Трговецот со недвижности и физичарката не се разликуваат само по стилот - тој гласен, таа тивка - туку и политички меѓу нив има светлосни години разлика, сеедно дали се работи за темата заштита на климата, светската трговија, бегалската политика или најново - во корона кризата. Ретко кога во Берлин се посакувало промена на власта во Вашингтон како сега. Тоа не важи само за политичката класа. Според истражувања на јавното мислење на институтот Сивеј, само 13% од Германците посакуваат втор мандат на Трамп.

Само мнозинството од приврзаниците на АфД се за Трамп. Повеќе од две третини од нив се надеваат на негова победа. Но, тие во земјата се малцинство.

Deutschland Bonn John F. Kennedy und Konrad Adenauer 1963

Џон Кенеди и Конрад Аденауер на пат кон американската населба во Бон, јуни 1963 година

Фасадата се рони

„Секој разумен човек се надева на победа на Бајден на 3 ноември”, вели Јоханес Киндлер. 74-годишникот ги доживеал златните времиња на германско-американското пријателство. Беше советник во кабинетот на канцеларот кога претседатели беа Реган, Буш и Клинтон.

Денес со велосипед дојде до поранешната американска населба во Бон. Улиците тука се пошироки отколку во остатокот од градот, носат имиња по  Џон Ф. Кенеди или Мартин Лутер Кинг. Има црква во северноамерикански колонијален стил, терен за безбол и рагби. По војната, во тогашниот главен град на Западна Германија, тука живееле офицери, соработници и персонал од амбасадата. Окупацијата прерасна во врска.

Киндлер играл тенис со пријатели од Америка, бил гостин во американски клуб, објект со поглед на Рајна. Кога денес вози покрај објектот, пред очи ја има сликата за пропаста на американски-германските релации: местото каде што некогаш престојувале и Кенеди и Реган, сега е во распад. Графити по ѕидовите, врати затворени со дрвени греди. Во 1999. САД се откажаа од објектот во Бон, Берлин беше повторно главен град.

Deutschland Der ehemalige Anwalt Johannes Kindler in Bonn

Јоханес Киндлер во американската населба во Бон

Очекувања од Германија - вака или онака

„Полошо не може да биде", вели Киндлер и не мисли на распадот на објектот, туку на актуелниот претседател. Но, „тоа што секогаш го превидуваат е дека релациите меѓу народите се многу подобри отколку меѓу двете владини седишта”. Киндлер и денес многу Американци вбројува меѓу личните пријатели. Дали само е падната фасадата, а темелот е и натаму функционален?

„Загрижен сум поради тоа што мислам дека и темелот и носечките столбови на трансатлантскиот мост се еродирани или поткопани”, вели Петер Бејер од ЦДУ. „Тоа е она што предолго не сакавме да го видиме, бидејќи ни е напорно. Беше толку удобно изминатите децении да си се раскомотиме под заштитата на Американците и да си водиме тука убав живот. Сега веќе не може така.”

Секако, комуникацијата со Вашингтон би се подобрила со Бајден како претседател. Но, и тој ќе бара повеќе одговорност од Германците, вели Бејер, на пример во однос на издатоците за одбрана. „Барањата од САД во однос на нас ќе бидат најмалку колку што беа и со Доналд Трамп”.

Deutschland Ehemaliger amerikanischer Club in Bonn

Од некои други времиња: Американскиот клуб во Бон

„Грин дил“ со Бајден?

Истото го мисли и Франциска Брантнер, портпарол на Зелените во Бундестагот. „Конфликтите во нашето блиско соседство се европски конфликти. Дури и со еден демократски претседател, пак самите ќе си бидеме одговорни за нив“, вели Брантнер во разговор за ДВ. „Поради тоа мораме нашата германска надворешна политика конечно да ја дефинираме на европски начин. Европското единство мора да биде во преден план за да може и понатаму да се однесуваме и како Германци и како Европејци." Ова ќе важи дотоколку повеќе ако Трамп остане на власт.

Но, за една тема Брантнер во целост се потпира на Бајден: заштита на климата. Додека Доналд Трамп постојано ги доведува во прашање климатските промени, неговиот противкандидат сака да ја направи САД до 2050 година, климатски неутрална. „Навистина се надевам дека Парискиот климатски договор повторно ќе се зајакне", вели Брантнер. „Тоа е можност за еден трансатлантски ‘Грин дил’, заедничко инвестирање во технологии и поставување заеднички стандарди за емисијата на ЦО2."

Враќање во иднината

Под мотото „Wunderbar together" (прекрасни заедно - кованица од германски и англиски) германското Министерство за надворешни работи измината година го славеше германско-американското пријателство. Се осврна и кон минатото. Бидејќи САД некогаш беа ветената земја. Во време на емиграцијата тие беа омилената земја за милиони сиромашни Германци. По Втората светска војна, тие беа пример за слобода, благосостојба и напредок. Во 1990-те беа нацијата која го овозможи германското обединување. Дали и иднината ќе донесе прекрасни заемни нешта? Многу зависи од тоа дали идниот прв човек во Белата куќаво Германија ќе гледа противник или партнер.

DW.COM

Реклама