Избори во Полска: Ништо не може да ја спречи ПиС | Свет | DW | 12.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Избори во Полска: Ништо не може да ја спречи ПиС

В недела Полјаците излегуваат на избори. Тоа нема да бидат „нормални“ избори, туку гласање на кое ќе биде решено дали Полска ќе биде демократска правна држава или и натаму ќе се лизга во правец на авторитарна диктатура.

Во владејачката партија Партија на правото и правдата (ПиС) се толку убедени во победата што веруваат дека можат да се сопнат само од сопствената нога. Партискиот лидер Јарослав Качињски е сигурен: мнозинството во општеството е зад нас. Прашање е само дали тоа мнозинство масовно ќе излезе на гласачките места? „Доколку излезе ќе победиме, ако не излезе, може да биде измешано“.
Во рамките на „Планот од пет точки“ ПиС ветува дека ќе ги намали социјалните давачки за помалите претпријатија, дека ќе исплати 13. можеби дури и 14. пензија, дека ќе ги растовари малите и средни градови со изградба на 100 обиколници и дека ќе се заложи земјоделците во Полска да добиваат исти субвенции како и оние во Франција и Германија.
Социологот Марцин Синчух од Универзитетот во Варшава вели дека ПиС води политика каква што не е видена во Полска во последните 30 години. „Скалилото на кредбилитетот сега е веќе толку високо поставено што станува дури и опасно, бидејќи подразбира автоматизам според начелото: ќе ги одржиме ветувањата што и да се случи. Прашање е само како тоа ќе функционира во случај на криза“, вели Синчух.
„ПиС им го врати достоинството на луѓето“, вели таксист во еден помал град на истокот на земјата. Иако на надворешните набљудувачи тоа им делува како подмитување на гласачите, за обичните граѓани тоа е враќање на достоинството. Клучниот збор тука е: симболи. ПиС знае со нив.

Polen Jaroslaw Kaczynski PiS (Reuters/K. Pempel)

Јарослав Качињски цврсто ги држи уздите на власта


Национална гордост, херојство, откажување од сопствените удобности за другите- тоа е реториката со која се служи партијата на Качињски.
Опозицијата, односно либералниот табор предводен од Гжегорж Шетина не е особено омилен. Тој е воглавно одговорен затоа што сојузот „Граѓанска коалиција“ важи за анти-ПиС партија без сопствен лик и добри идеи. И додека ПиС во кампањата тресе ветувања од ракав, опозицијата е бледа. Во селата, кои важат за главни упоришта на ПиС, воопшто и не можат да се видат плакати или опозициски содржини.
Притоа, има доволно теми за кои може да се критикува ПиС. Состојбата на правосудството е многу лоша. „Реформите“ како што е присилното праќање на водечките судии во пензија, беа стопирани од Европскиот суд, но владејачката партија си продолжува и натаму по свое.
И наместо да претстави свои планови, опозицијата само испраќа предупредувања дека демократијата е загрозена. Нејасно е и како „Граѓанскиот сојуз“ планира да ја обнови демократијата.
„Нема пакет закони и измени кои би довеле до повторно воспоставување на правна држава. На часови пред изборите, нема ништо конкретно. Не знам како опозицијата планира да го расчисти хаосот на ПиС, а не знаат ниту гласачите“, вели Војчех Шацки од либералниот тинк-тенк „Политика инсајт“.
Доколку и се случи промена на власта тоа е можно само со широка коалиција.
Анкетите покажуваат дека ПиС е во предност и ужива поддршка од околу 40 отсто од граѓаните, а опозицијата околу 30 проценти. Се предвидува дека Левичарите би можеле да добијат околу 12 отсто. Доколку тие бројки се покажат точни, можно е ПиС да мора да формира влада со коалициски партнер.

 

DW.COM

Реклама