Избори во април, триумфализам уште сега | Северна Македонија | DW | 21.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Избори во април, триумфализам уште сега

ЕУ-функционери жалат за историската грешка, во Софија ќе има протест пред француската амбасада поради ветото на Макрон, а во Скопје започна тримфализам околу исходот од изборите на 12-ти април.

Колона возила накитени со партиски знамиња на ВМРО-ДПМНЕ синоќа низ неколку скопски населби со вклучени сирени го прославија договорениот датум за предвремени парламентарни избори. Триумфализмот, кој уследи по вчерашната лидерска средба кај шефот на државата, каде изборите беа договорени за 12-ти април 2020 година, видливо доминира и кај лидерот на најголемата опозициска партија.

„Завршува арамилакот, срамот, неправдите и назадувањето донесено од Зоран Заев и оваа влада. Од 3 јануари техничка влада, на 12 април избори. Иако се тешки времиња, изборот никогаш не бил појасен. Сите заедно одиме на голема победа која ќе ја донесе обновата на Македонија“, порача Христијан Мицкоски на Фејсбук.

Повеќе: Избори на 12 април, техничка влада од 3 јануари, пописот се одложува

Победа на изборите тој најави веднаш по завршувањето на лидерската средба. Изборите ги нарече „неминовност после оној дебакл што го доживеала Владата предводена од Заев".

„Практично поразени се арамилакот, поразени се неправдите, поразени се сите оние криминални афери коишто се случуваат во изминатиот период. Следуваат предвремени парламентарни избори. На тие предвремени парламентарни избори победува обновата на Македонија, а потоа засукување на ракави и бескомпромисна работа секој ден за да можеме да го постигнеме сето она коешто е изгубено во овој период и Македонија да ја ставиме на брза лента за да стане дел од европското семејство“, најави Мицкоски.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien (DW/P. Stojanovski)

Победа на изборите најави веднаш по завршувањето на лидерската средба: Христијан Мицкоски

Нови избори по стар модел?

По вчерашната лидерска одлука – пак ли на гласање? - е најчестата реакција меѓу граѓаните.

„Во 2016 парламентарни, во 2017 локални, во 2018 референдум, во 2019 претседателски избори, во април 2020 предвремени парламентарни... Да не е малку многу?“, гласи еден од коментарите на социјалните мрежи.

Се чини дека нема реакции единствено околу стратегиската цел која ја потврдиле партиските лидери – безалтернативно, полноправно членство во ЕУ.

„Исходот од лидерската средба беше очекуван со оглед на фактот дека сите политички партии без исклучок, барем јавно, како стратегиска цел ја имаат интеграцијата на земјата во Европската Унија“, оценува аналитичарот Џелал Незири.

„Без оглед на француското вето, сите се свесни дека земјата, исто како и регионот, немаат друга опција која носи напредок и мир освен ЕУ. Добро е што политичките лидери се обединија околу еден ваков мудар одговор, наместо на избрзана реакција кон неуспехот на Брисел да испорача датум. Ваквата култура на консензус во една ваква состојба, која се проценува за ризична по мирот и безбедноста на регионот, треба да продолжи и понатаму со тоа што ќе произведува реформи и исполнување на критериумите, без разлика на тоа дали Франција ќе го менува ставот околу проширувањето во наредниот период“, вели Незири.

Што се однесува до изборите, нив ги оценува како неопходни.

„Ќе бидат еден вид референдум за тоа по кој пат да продолжи земјата по недобивањето на ветениот датум. Ова мислење на граѓаните е исклучително важно токму заради тешките компромиси кои земјата ги направи со Грција и Бугарија, токму за таа европска перспектива. Но, без реформите во Изборниот законик, тешко е да очекуваме подобрување на квалитетот на претставувањето на граѓаните во највисокиот законодавен дом. И по 12-ти април ќе имаме Собрание кое повеќе ќе служи како алатка на политичките партии, отколку како место каде ќе се артикулира интересот на гласачите“, оценува Незири.

Во однос на реформите во изборниот модел, според Заев, СДСМ останува на тоа дека тие се една изборна единица и дека тоа може да биде договорено пред изборите. Неговиот политички опонент Мицкоски смета дека тоа не е можно пред изборите и дека таа задача ќе остане за наредниот изборен циклус.

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Изборите ќе се одржат на 12 април 2020 година

Протест пред француската амбасада во Софија 

Веста за предвремените избори во Северна Македонија е објавена во сите регионални медиуми. Во соседна Бугарија има изненадување од одлуката за избори.

„Мислев дека Владата има доволно причини да не презема таков чекор во моментов. Но, очигледно и внатре во самата партија, не само притисокот однадвор, доведе до одлука дека предвремените избори ќе дадат нова шанса за управување на сегашната владејачка коалиција", изјави професорот Ангел Димитров, копретседател на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни работи во интервју за БНТ.

Според него, имало премногу сигнали дека не треба предвреме да се вклучуваат „фанфарите“ во однос на очекувањата од лидерскиот самит во Брисел.

„Некои од големите европски земји јасно ставија до знаење дека не сметаат дека моментот е соодветен за почеток на пристапни преговори“, изјави Димитров.

Повеќе: Зошто Макрон ја жртвуваше веродостојноста на ЕУ?

Оние кои се разочарани од ветото на Франција по заслужената одлука Северна Македонија да почне преговори со ЕУ, незадоволството ќе го искажат денеска со протест пред француската амбасада во Софија. Како што објавуваат бугарските медиуми, настанот бил најавен на Фејсбук како „Европска иднина за Македонија - мирно бдеење“, а е проследен и со писмо - обраќање до претседателот на Франција.

Синоќа шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, оцени дека лидерите на ЕУ направиле „историска грешка“ кога не успеале да договорат старт на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Таа напиша дека жали што европските лидери не можеле да се согласат и покрај исклучителниот напредок на двете земји и спротивно на препораките на Европската комисија.

„Тоа е многу повеќе од изгубена шанса, тоа е историска грешка, која, се надевам, ќе биде исправена што е можно побрзо“, наведе Могерини.

DW.COM

Реклама