Избори без избор во Русија | Свет | DW | 21.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Избори без избор во Русија

Рускиот претседател Путин го задржа мнозинството во руската Дума. Неговата партија мораше да ги употреби сите средства за да ја постигне целта. Изборите ја водат Русија и натаму кон автократија, смета Кристијан Трипе.

Колку често пред овие избори беше речено и напишано дека резултатот однапред е познат, политичките технолози во Кремљ размислуваат само околу бројките по запирката. Оваа извесност на многумина политички набљудувачи меѓутоа не ја објаснува нервозата која во Москва се чувствуваше пред  изборите.  „Силата", како што ја нарекуваат владата во Русија, во изминатите недели не пропушти да направи ниеден обид за да ги осигура постојните политички односи.

При ваквата изборна режија, од аспект на Кремљ, не смееше ништо да тргне наопаку. Сценариото за гласањето беше пишувано со месеци однапред, постојано дотерувано. На стотици опозициски политичари не им беше издадена дозвола за кандидирање, често од провидни причини. Во Петербург дури беа ставени на листите фејк-кандидати, двојници – лица со исто име и презиме како и еден либерален политичар кој имаше изгледи за успех.

Дежурното невротско обвинување за мешање од странство

Некои изборни манипулации беа вистинска фарса, но некаде спречувањето на  опозициската работа  не беше воопшто смешно. Беше спречено надгледување на изборите од страна на Организацијата за европска безбедност и соработка, ОБСЕ. Некои независни медиуми и организации на цивилното општество беа етикетирани како „странски агенти“, официјално стигматизирање за да се држат настрана од политичкиот процес.

Централното изборно раководство тврдеше дека гласањето е попречувано од сајбер-напади од САД, од Украина и од Германија, без натамошно да ги прецизира тешките обвинувања. Невротично преувеличуваниот страв од странско мешање мутира во форма на руски национален интерес, што се покажа и на овие избори.

Christian Trippe Leiter Hauptabteilung Osteuropa

Кристијан Трипе, автор на коментарот

Тоа го почувствуваа и двата американски гиганти Гугл и Епл, преку чии дигитални сервиси беа достапни препораките за гласање на организацијата на Навални, во Русија забранета и класифицирана за екстремистичка. Во препорачаниот систем на „паметно гласање“ од страна на организацијата на  Навални,  Кремљ очигледно гледаше толкав предизвик, што посегна по драстични мерки. Според извештаи во медиумите,  руските органи на безбедност се заканувале со апсење на соработниците на двата концерна во Русија, доколку од нивните платформи не исчезнат препораките за „паметно гласање“. Епл и  Гугл потклекнаа. „Паметното гласање“ во суштина е препорака да се елиминираат кандидатите на владејачката партија со давање на гласовите на најизгледниот противканидидат, сеедно од која партија е тој и на каков политички правец припаѓа.

Разоткривачката ознака – „контролирана демократија“

Русија веќе две децении се смета себеси за „контролирана демократија“. Овој термин го измислија своевремено советниците на Путин за да ја оправдаат трансформацијата на тогаш младата и недовршена руска демократија во авторитарен систем. Овој курс беше шокирачки успешен, но во очите на неговите пронаоѓачи, уште не е стигнат до својот крај. Кремљ уште не можеше да ги постигне сите цели кон кои стремеше со овие избори.

Зашто, без оглед на сите интервенции во изборната борба, исто така и при броењето на гласовите: и на моќниците во Москва им е јасно дека изборите не можат целосно да се фалсификуваат. Предупредувачки пример на политехнолозите им е пред очи - соседот и „побратимот“ Белорусија. Таму властодржецот Александар Лукашенко при фалсификувањето на изборите летото минатата година прилично претера, па последица беа повеќенеделни протести на улиците на Минск. А во Москва многумина се потсетуваат на домашниот  протестен бран  пред десет години, и тој беше рефлекс на сомнеж во изборна измама. 

Демократска фасада со автократско јадро

Досегашното, сосема комфорно мнозинство на партијата на Кремљ овојпат требаше да биде одбрането според можностите, но тоа успеа само со видливи напори. А притоа партијата „Единствена Русија“, како партија на власт и на моќните, ова гласање го инсценираше како некој вид гласање за доверба. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за одбрана Шојгу беа лицата на изборната кампања. Но, нивната кандидатура секако нема да води кон тоа тие да ги преземат своите мандати. Тоа покажува колку мала е вредноста на Парламентот во руските државни работи.

Овие избори за руската елита на власт беа еден вид стрес-тест, кој требаше да ги збие нивните редови. Од нивен аспект, работата не успеа најдобро. Но, од гледиште на оние кои во Русија сериозно работат на наоѓање политички алтернативи, овие избори и не беа избори, туку натамошен чекор кон држава чии демократски фасади само уште привидно го прикриваат автократското јадро.