Изборите се претворија во канибалистичка церемонија | Северна Македонија | DW | 17.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Изборите се претворија во канибалистичка церемонија

Фактот дека и СДСМ и ВМРО изгубија повеќе од 100 илјади гласа во својата база, меѓу своите гласачи, кажува и повеќе од доволно за разочараноста која повеќе не е латентна, туку евидентна. Пишува Ивор Мицковски

Македонскиот политички и партиски систем е трул и спремен за пензионирање. Секои наредни избори доживуваме некое ново дно на апстиненција и разочарување, додека понудата од политичките елити останува иста, и едни исти партии остануваат на власт.

Кратко кажано, уште едни избори, уште 4 години кревка коалициска власт (ако пак нема предвремени), и уште еден голем пораз за сите граѓани.

Без разлика какви ќе бидат крајните резултати, сликата е веќе и повеќе од јасна.

ДУИ е апсолутниот победник на овие избори, СДСМ е релативниот победник со втор најлош резултат во својата историја, ВМРО е најголемиот губитник со речиси 150 илјади гласа помалку, но и понатаму останува партијата со најмногу македонски гласачи. Албанските партии победуваат, македонските партии тонат.

Изборите во Македонија се претвораат во една крвава и ужасна канибалистичка церемонија, која се одвива врз кожата и папсаното тело на земјата и народот. Политиката, потресена од своите неисполнети ветувања и нереформирани раководства, се јаде самата себеси. Победува етничкиот национализaм на помалиот партнер во секој режим и секоја демократура. Македонија фактички се наоѓа во криза на лидершип, криза на легитимитет, криза на консензус, но ништо од тоа нема да влијае врз политиката и партиите нешто да променат. Напротив, ќе влијае само врз граѓаните, за кои цената и цехот на новата коалициска влада, која и да биде таа, ќе биде само повисок, погаден и поневидлив за дешифрирање. Секоја партија високо ќе ја подигне чашата и ќе наздрави како во нешто да победила, сите ќе си се наследат самите себе на политичките функции и позиции, во својата моќ и криминал, додека граѓаните тешко ќе можат да разберат за што всушност има да се слави.

Сега се е во рацете на партиските лидери и шефот на државата. Во оваа канибалистичка операција ќе има по малку од се. Ќе има и нешто во духот на одмазда, но и од инстинктот за самоперзервација и преживување. Тоа што ќе изостане, се разбира, e тоа што е корисно за земјата.

Други колумни од авторот:

Германското претседателство и македонските преговори со ЕУ

Дали вирусот го убива национализмот?!

„Make Europe great again“

Градот мора одново да се обмисли

Резултатот од овие избори може да биде изненадувачки само за оние заробените во сторителингот за убавите денови и реформите на хартија, и кои во ниеден момент, во овие 3 години од падот на режимот не го погледнаа тажниот лик на Македонија. Победникот во македонската страна не си ги призна грешките и не презеде доволно околу разочарувачкиот скор во нивните неостварени ветувања за „правда за сите“, „едно општество за сите“, „повеќе пари за сите“. Губитникот во македонскиот кампус, нереформиран и заробен во менталниот „среден век“ на национал-популизмот покажа преголема ароганција, конфузија и млитавост за да биде навистина прифатен како алтернатива на СДСМ. СДСМ и покрај огромниот предизборен поткуп и најголемиот буџет во историјата на државата, не успеа да направи добар резултат. ВМРО и покрај својот националистички и митомански наратив, иако прв меѓу македонскиот електорат, не успеа да ја спречи хеморагијата меѓу своите гласачи. На еден или друг начин, создавајќи само поголем јаз помеѓу македонскиот електорат, СДСМ и ВМРО изгубија 264 илјади граѓани, подарувајќи му на албанскиот политички блок ништо помалку од 12 пратенички места.

Повеќе не сме во состојба да создадеме власт која ќе владее, особено власт доволно силна за да спроведува реформи. Со било која комбинација од партии на власт, повторно ќе добиеме само нова и надградена тендерска коалиција, во и онака суровата дил ориентед политика.

Не чекаат предизвици каде со силна опозиција или власт која зависи секој ден од неколку пратеници или една партија, поделбите само ќе растат, а промените само ќе се одложуваат.

Резултатот покажува колку се нереални и неспособни во актуелната власт, и баш ме интересира како сега ќе се однесуваат со ДУИ. Буквално ги воскреснуваат по втор пат. А, и овие избори ветуваа дека конечно ќе го поразат вториот актер во режимот. Сега кога Албанците освоија повеќе од една четвртина од пратеничките мандати и кога е јасно дека ниту една од големите македонски партии не може да состави парламентарно мнозинство без ДУИ, идејата за премиер Албанец можеби не станува ништо поверојатна, но фактот дека Ахмети (поттурнат од странскиот фактор) ќе бира кој ќе биде премиер, и дека цената, компромисот, цехот за таа позиција и коалиција ќе биде огромен, е веројатност и извесност со која сите мораме да се помириме.

Апсурдот од овие избори, барем за македонската страна, е фактот што иако десницата и левицата повеќе не постојат во формите кои сме ги познавале, и понатаму постојат разлики помеѓу нив. Десницата и понатаму одговара на една идентитетска идеја за земјата и за Европа, националистичка и ксенофобна, додека левицата застапува идеја за поотворено општество, интегративни политики, и експлицитни заложби за социјална правда. Избирачот не може да го избегне својот политички суд, ниту пак повеќе да замисли поинаков систем од „демократскиот“, па сепак, електоратот со слабата излезност докажа дека не знае да отиде подалеку од изборот помеѓу помалото зло и поголемото зло. Освен се разбира, да го игнорира тој наметнат избор. Тоа што мислам дека е пресудно за опаѓањето на нашите политички опции и нивните дискурзивни конструкти е фактот што луѓето и понатаму чувстуваат огромен замор од вечната „една иста понуда“, продолжувањето на трите К - криминалот, корупцијата и клиентелизмот, нечувствувањето на промена во квалитетот на нивниот живот, недостатокот од вистински реформи, недостаток од правда и реални промени.

Иако дистинкциите постојат, очигледно не се од таков квалитет, ниту пак квантитет, што кадровски, што политички, што реформски, за една од партиите да биде сфатена и наградена како вистински носител на промени. Напротив, чувството кај мнозинството гласачи, а тоа бројките го потврдуваат, е дека можеме да поминеме и со една „демократија на фрлање паричка“. По триумфот на ДУИ тоа чувство само ќе се зајакне, бидејќи и онака режимот може да падне само меѓу Македонците, никако кај Албанците, а на крајот сите пак зависат и зависиме за составување влада или за спроведување реформи од волјата и интересите на ДУИ. Оттука по ДУИ, најголем победник е неизлезноста и неважечките ливчиња, што говори за електорат кој повеќе не се препознава во идеите и принципите на главните партии.

Конечно, фактот дека и СДСМ и ВМРО изгубија повеќе од 100 илјади гласа во својата база, меѓу своите гласачи, кажува и повеќе од доволно за разочараноста која повеќе не е латентна, туку евидентна. Кога веќе е така, што ќе ни се избори, подобро да фрламе паричка.

Бруталната политичка реалност во составувањето на идната коалициска влада, ќе се сведе на буквално кој колку е подготвен да се откаже од своите ветувања и определби, и колку ниско ќе биде подготвен да падне во гадните преговори и компромиси кои ќе следуваат. Ќе видиме колку држи ставот на Заев дека е време за ДУИ да одмори во опозиција, или колку скапо ќе му биде наплатено коалицирањето со БЕСА, нападите врз Ахмети, неговиот став дека „пет пари не вределе“. Ќе видиме колку на било која од двете македонски партии ќе им држи дека не би коалицирале со ДУИ доколку инсистира на премиер Албанец, или колку ќе тежи неподносливоста помеѓу Алијанса и БЕСА. На крајот од сите постизборни перипетии останувам на убедувањето дека ќе бидеме на исто, само полошо.

Во името на политичката прагма, макијавелизмот и византизмот, во линија со континуитетот за кој се залага странскиот фактор, влада ќе состават СДСМ и ДУИ. ДУИ тоа скапо ќе му го наплати на Заев, ќе најде начин како јавно да го посрамоти, но итроштината на лидерот на СДСМ ќе ја проголта и таа горка гнедла само за да добие нов мандат, или мандат за својата партија. Власта ќе биде кревка и кршлива, но впрочем, на стаклени нозе беше и во овие 3 години, па видовме дека ништо не им фали, бизнисот и тендерската коалиција си тераа како и вообичаено. Се разбира, отворен сум за изненадувања, но не верувам во комбинаторики кои би оделе на штета на апсолутниот и релативниот победник. За земјата и граѓаните најдобра би била широка влада, особено ако ги земеме пред вид преговорите со ЕУ кои наскоро треба да почнат, и фактот дека со деструктивна опозиција, без способност за транспарентен процес каде би се интегрирале сите квалитетни кадри во државата, нема да бидеме способни да направиме некаков напредок во евроинтегративните процеси. Но, реално, и во најдобриот случај тоа искуство би се свело на постојани караници и местенки, на еден куршум испукан во ноќта на демократијата, каде секоја партија би се обидувала да се спаси себеси, без обид да ја спаси Македонија. Така да, подобро да заборавиме на Големите коалиции.

За крај и мал коментар за нашата квази независна сцена која наместо да биде носител на револуционерна енергија и идеали, и која потона во жабокречината на султан партиите, се шокира и не го вади од уста Апасиев и Левица кои најверојатно ќе завршат со 2 пратеника во Собрание и ќе може да изиграат клучна улога во коалициските комбинаторики.

На оваа група која дејствува како да не им е јасен крахот на „независните“ во политиката и официјалниот крај на парадигмата „Едно општество за сите“, не им е проблем од овие избори речиси најлошиот изборен резултат на партијата која ги плаќа или им дава тезги. Тие не се ужаснати од фактот дека ВМРО и понатаму добива највеќе македонски гласови и изгуби со само 2 пратеника разлика. Дури нема ни шок од ДУИ, кое наводно не вредеше пет пари, а сега ќе одлучува кој ќе биде премиер.

Не, оваа фалц бонистичка и политички коректна банда луѓе немаат со ништо од овие ужасни избори проблем, имаат проблем со една мала креација, која самите ја потхрануваат и фаворизираат. А знаете ли зошто ги потхрануваат и фаворизираат?! Зашто има доволно луѓе во оваа земја на кои им е прекипено од таквите и сличните независни, а сепак партиски одработувачи, дотаму што се подготвени да дадат глас и за една изгубена и најверојатно колаборационистичка партија со опозицијата.

Таквите, со нивната одбивност, елитизам и комфор, со постојаното промовирање и бранење на „бизнис како и вообичаено” ги туркаат луѓето подалеку од нив и кон нови, поинакви ужаси. Така да, потребна беше и малку самокритика, а не само плачење и правдање. Малку повеќе да премолчеа за Левица, послаб резултат ќе постигнеа Апасиев и компанија. Сега, перверзијата може да отиде дотаму, што можеби токму Левица ќе им треба за формирање влада во комбинаторика со ДУИ, зашто 61 пратеник само е ризична и слаба основа за стабилна влада. Дали Левица ќе биде Тројански коњ на ВМРО, или ќе се определи за опозициско делување, ќе ни каже многу за перфидноста на сите актери во равенката.

И оние што беа за избори и наводно функционални институции по секоја цена, треба да си стават прст на чело. Се напаѓаа и стигматизираа луѓето кои отворено се определиле да не гласаат, или недискриминирано и априори и апостериори се најде виновникот во апстинентите. Но, луѓето забораваат, демократскиот елемент не се содржи само во гласањето, туку во гласот кој добива корпус во рамките на едно плурално општество, базирано на широка палета на мислења, слободно формирани, искомуницирани, дискутирани и разменети. Слободниот и плуралистички дијалог, дебата и дијалектика е тоа што на електоралниот избор му го дава демократскиот карактер. Тоа не се прави со еднодимензионални ставови и судови.

Сега гледаме дека институционално не можеме да добиеме ни точни резултати, ќе следува мачно составување влада каде цехот за плаќање кон ДУИ и партискиот криминал, ќе биде само уште поголем и пострашен за народот. Само дополнително се поделивме. Колабираше „едно општество за сите” и опцијата за граѓанска партија како и лажгата на која се потпираа.

Партиите и вака ќе си тераат, им е гајле, но заборавете за функционални институции и поголема одговорност на тој што владее. Трагично е, ама така е.

Граѓаните, Македонија, реформите, оделувањето на партијата од државата, сите ние и сите овие нешта се повторно најголемиот губитник од овие избори. Во меѓувреме, клучните теми и прашања за државата и понатаму стојат во место. Внатрешните реформи, правосудството, економијата, инвестициите, помошта за најранливите, проблемите со локалната самоуправа, остануваат надвор од видикот, интересот и визијата на која било од партиите.

Политиката и партиите можеби почнаа да се јадат и самите себеси, но граѓанинот одамна е проџвакан и исплукнат. Да бевме нормално општество ќе излезевме со трасверзална Трета опција, но нашиот политички канибализам создаде општество без етика и без повеќе енергија за позитивни промени.