Изборите повторно на крстопат меѓу желбите и условите | Македонија | DW | 31.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изборите повторно на крстопат меѓу желбите и условите

Денес нема квалитативна разлика на условите за избори, во споредба со условите поради кои претходно беа одложени два изборни датуми, сметаат аналитичари. Што ќе оценат денеска лидерите?

Има ли услови за фер - избори? Одговорот на ова прашање денеска треба да го дадат Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои во 13 и 30 часот на заедничка средба ќе започнат со оценување дали се исполнети сите обврски договорени со пржинскиот анекс од 20 јули, на кој стојат нивните лидерски потписи.

Поканата до четворицата партиски лидери - потписници на пржинскиот Договор формално ја испратиле членовите на Работната група - Никола Тодоров, Радмила Шекеринска, Артан Груби и Имер Алиу. На средбата се поканети да присуствуваат и амбасадорот на САД и заменик - амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, со оглед дека новиот амбасадор, Самуел Жбогар, се очекува да пристигне по 1-ви септември. Неофицијално, во разговорите ќе учествуваат и членовите на Работната група, а во близина ќе бидат и партиски тимови заради евентуални правни и други консултации.

Според голем дел од аналитичарите, денес нема квалитативна разлика на условите за избори, во споредба со условите заради кои претходно беа одложени два изборни датуми - 24-ти април и 5-ти јуни. Според нив, неспроведувањето на реформите и продлабочувањето на кризата, кај партиите резултирало со избирање на полесниот пат: кризата да се „запре“ со брзо одење на избори, иако е јасно дека тие не може да бидат решение за причините што доведоа до неа. Таквото брзање навестува дека на исполнетоста на условите денеска може им биде „прогледано низ прсти“.

Петтиот член

Што ќе претежне: желбата за брзи избори или исполнувањето на минималните услови? Според извори од четирите партии, разговорите би требало да финишираат со договор за изборен датум, но не се сигурни дека средбата ќе заврши брзо, поради неколку причини. Доколку членовите на ад-хок телото не го изберат петтиот член до почетокот на лидерската средба, тоа прашање директно ќе се префрли на масата на „четворката“. Денеска членовите на ад-хок телото ќе го направат последниот обид за негово комплетирање. Вчера не успеаја во тоа и покрај тоа што кандидатурата ја повлече новинарот Даут Даути, кој заедно со Сефер Тахири остана во најтесен избор за петти член.

„Ве молам мојата кандидатура да ја сметате како непостоечка, со цел таа да не стане пречка за комплетирање на ад-хок телото, како и да не го задржи во заложништво целиот политички процес и да биде пречка за носење одлука за одржување предвремени избори“, напиша Даути во соопштение испратено до Агенцијата за медиуми.

СДСМ го поздрави повлекувањето на Даути од кандидатурата, со оценка дека „веќе не постои натамошна пречка, четворицата избрани членови да го изберат единствениот преостанат кандидат и да го комплетираат составот на телото“.

Но, зависи дали членовите на телото денеска ќе се обединат околу предлогот Тахири да биде петти член, или ќе дадат и други предлози, што може повторно да го блокира или пролонгира изборот.

Macedonian Radio Television, MRT

Забелешки за Методологијата

Тоа нема да биде единственото прашање поврзано со медиумите. Опозициската СДСМ денеска треба да го соопшти името на кандидатот номиниран за уредник во МТВ. Според партиски извори, кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ наводно имало негодување што име на кандидат за уредничката функција во јавниот радиодифузен сервис вчера прво се појавило во медиумите, наместо „премиерно“ да биде соопштено на лидерската средба.

Негодување има и кај опозициската СДСМ, но во однос на Методологијата за за мониторинг на изборното медиумско претставување, која Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ја усвои на 26 август по претходно одржана јавна расправа.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, испрати писмо до АВМУ во кое посочи кои одредби од Методологијата се спротивни на договорот од јули и на измените на Изборниот законик. Освен до АВМУ, Заев писмото го испратил и до тројцата други потписници на договорот. Со оглед на бројните опозициски забелешки на Методологијата, а кои претходно беа посочени и од експерти за оваа сфера, можно е ова прашање да потроши поголем дел од времето на лидерската средба, доколку до вчеравечер не била постигната согласност за одредени измени во контактите меѓу членовите на Работната група, кои ги реализираа подготовките за денешните разговори.

Во медиумскиот корпус прашања спаѓа и функционирањето на канал на албански јазик на МРТВ, со 24-часовно емитување програма 7 дена во неделата. Од ДУИ велат дека се започнати и течат активности за реализирање на таа обврска од договорот.

Конечен извештај на ДИК

Во пресрет на лидерската средба, Државната изборна Комисија ДИК вчера испрати писмено известување до четирите партии, во кое ги информира дека нејзината работа е завршена. До нив е испратено известување за конечниот извештај од спроведената постапка за пријавување на граѓани, чии записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, како и информација за состојбата со Избирачкиот список по завршената постапка за пријавување на граѓаните.

„Граѓаните кои не се пријавија во законскиот рок од 25 дена, а чиј број изнесува 30.467, согласно со законот не се запишани во Избирачкиот список. Според писмено известување од Управата за водење на матични книги од 22 август 2016 година, 20 лица од вкупно 30.467 кои не поднеле пријава се починати заклучно со 19 август 2016 година. Лицата, во вкупен број од 30.447, кои што не се запишани во Избирачкиот список, ќе имаат дополнителна можност да се пријават до ДИК во тек на јавниот увид пред предвремените избори за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија“, се вели во Извештајот на ДИК.

Доколку лидерите денеска донесат одлука за избори, ќе се формира техничка влада која треба да биде изгласана во парламентот 100 дена пред датумот за избори. Во таа техничка влада ќе партиципира и опозицијата, во истите ресори како и во претходниот случај - да назначи министри во ресорите внатрешни работи и труд и социјална политика, како и дополнителни заменици-министри во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација. Мандатот на сите министри и дополнителни заменици-министри кои се именувани според договорот од Пржино, ќе заврши на денот кога ДИК ќе ги објави официјалните резултати од изборите.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама