Изборите во Русија - еден вид народно славје | Свет | DW | 18.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Изборите во Русија - еден вид народно славје

Парламентарни избори веднаш по летниот распуст и измена на изборниот систем- Русите ќе избираат пратеници во државната Дума според новите правила. Аналитичарите ги објаснуваат мотивите на Кремљ и шансите на опозицијата

Три месеци порано од планираното, во Русија ќе бидат избирани пратениците во државната Дума. На средината на минатата година беше донесена мнозинска одлука изборите за Долниот дом на парламентот наместо на 4 декември, да се одржат на 18 септември 2016 година. Иницијативата на претседателот на Думата, Сергеј Нарискин, ја поддржаа политичките сили блиски до владата: Обединета Русија, Либерално-демократската партија и Праведна Русија. Овие партии, но и комунистите, за кои се смета дека повеќе или помалку му се верни на Кремљ, веројатно повторно ќе влезат во парламентот.

Заедничката соработка на двете најсилни опозициски сили пропадна. Руската демократска партија (Јаблоко) и Партијата на народната слобода, (РПР ПАРНАС), чиј соосновач, опозицискиот политичар Борис Немцов беше убиен лани во февруари, на изборите настапуваат самостојно. Според резултатите на испитувањето на јавното мислење, тие „вонсистемски“ партии речиси немаат шанси да го преминат изборниот праг од пет проценти.

Одлучувачки се претседателските избори

Промената на датумот на одржување на изборите за Думата е образложена со растеретување на државниот буџет. За Петра Стуков, професорка на универзитетот Лудвиг-Максимилијан во Минхен, ова е малку уверливо. „Руската влада не е партиска влада. Овде не станува збор за парламентарен владин систем, ниту се партиите релевантни. За системот се одлучувачки претседателските избори“, истакнува таа во разговор за Дојче веле.

Следните претседателски избори ќе бидат одржани во 2018. година, согласно промената на законот од 2008. година, со која легислативниот период на Думата од четири е продолжен на пет години, а претседателската функција од четири на шест години. Изборите за Думата досега се одржуваа три месеци пред претседателските избори и затоа можеа да влијаат на изборот на претседател на државата. Така беше на крајот на 2011. и почетокот на 2012. година. Тогаш дојде до масовни протести поради изборни измами. „Со раздвојувањето на овие избори, се елиминира тој ефект“, вели Стуков. Како реакција на протестите, тогаш Кремљ уапси стотици лица и вршеше репресии врз припадниците на опозицијата.

Нема силна опозициона партија

Каролине ван Грал, професорка за источноевропско право на универзитетот во Келн, вели дека опозицијата во Русија и натаму е ограничена со бројни пречки: „Постои општа клима која оневозможува создавање силни опозициски партии“. Недостигаат можности за пласирање на своите ставови преку независни медиуми и за одбрана пред независни судови.

Еден од примерите е блогерот Алексеј Навални, истакнат антикорупционер. Поради поранешните казнени пресуди, за кои набљудувачите тврдат дека се политички мотивирани, властите не му дозволуваат нему и на неговата Напредна партија учество на изборите. По одлуката на Европскиот суд за човекови права дека и казнуваните лица имаат право да учествуваат на избори како кандидати, се огласи рускиот Уставен суд и тоа го негираше. „Тоа е екстремен случај. Во рускиот устав постојат буквално отстапувања од толкувањето на законите на Европскиот суд за човекови права“, вели ван Гал. Кремљ го користи овој случај со цел спроведувањето на европските конвенции за човекови права да зависи од сопствениот Уставен суд“, вели професорката. Притоа, Уставниот суд, дури и ако донесе позитивна пресуда, „во основа му е верен на Кремљ и со самото тоа не е гарант за човековите права“.

Продолжување на советската традиција

Една друга измена предвидува претстојните избори за Думата да не бидат одржани според пропорционалниот, туку според мешовитиот изборен модел. Така 450 пратеници ќе бидат избрани со директен мандат или преку партиските листи. Законот во почетокот на 2014. година го потпиша претседателот Путин. Со оглед на протестите на противниците на Кремљ кон крајот на 2011. година и почетокот на 2012. година, тогаш тоа дејствуваше како отстапка во нивна корист. Но, Петра Стуков смета дека „новиот изборен систем ја зголемува предноста како на партиите со силни кандидати кои би можеле да имаат успех во изборните окрузи, исто како и на оние кои имаат дисциплинирани и федерално организирани структури.“

Стуков смета дека парламентарните избори по промената на изборниот систем и одвојувањето од претседателските избори нема да добијат на значење во земјата. Напротив. Тие се значајни само затоа што на луѓето сепак им се дава нешто да прават и парламентарните избори ќе ги доживеат како еден вид свеченост по враќањето од своите викендички во септември. Така целата работа ќе биде продолжение на советската традиција, каде изборите не беа посебно важни, но на нив сите излегуваа - еден вид народно славје.

Реклама