Изборен дебакл за Ердоган | Свет | DW | 08.06.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Изборен дебакл за Ердоган

Партијата која во Турција владее од 2002 година - АКП, првпат го загуби владиното мнозинство. Земјата е соочена со турбулентни времиња на внатрешнополитички план, оценува Баха Гингер.

Турските избирачи го кажаа своето - на парламентарните избори во Турција има двајца јасни губитници и еден јасен победник. Загубија претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата религиозно-конзервативна владејачка партија АКП, која претседателот ја поддржува со сите средства кои му стојат на располагање. Курдската партија ХДП, наспроти тоа, првпат успеа да го мине цензусот од 10% и заслужено влезе во големото Национално собрание во Анкара.

Резултатот е рамен на непријатен изборен дебакл за Ердоган. Тој стави се‘ на една карта за да ја постигне својата цел - системот во Турција да биде претворен во претседателски. Повредувајќи ја својата претседателска обврска за неутралност, тој со недели патуваше низ земјата и работеше во полза на АКП. Истовремено, не се стеснуваше непречено вербално да ги напаѓа и да шири лоши гласини за противничките партии и политичари. Ердоган и неговиот наследник на позицијата премиер и шеф на АКП, Ахмет Давутоглу, беа казнети и поради злоупотреба на религијата како средство за постигнување политички цели.

АКП, кој во 2002 година под раководство на Ердоган ја освои првата огромна победа со 34% од гласовите, по последниот лет во височините и освоените 50% гласови пред четири години, како и 52-та проценти гласови на првите директни претседателски избори пред една година, сега се соочува со длабок пад и освоени само околу 40% гласови. Двотретинското мнозинство на кое се надеваше Ердоган, а кое е предуслов за да може самостојно да се измени Уставот со цел да се воведе претседателски систем, е само утопија. Јасната загуба на апсолутното мнозинство ја принудува АКП на коалицирање. Во спротивно, доколку замине во опозиција, и‘ се заканува неизвесна судбина со непознати последици. Повеќе од 20 години сите некогаш силни турски владејачки партии исчезнуваа во политичка безначајност откако нивните лидери стануваа претседатели.

Guengoer Bahaeddin Kommentarbild App

Баха Гингер, автор на коментарот

Позајмени гласови за курдската ХДП

Вистинскиот победник на изборите, курдската ХДП, не смее да спие на ловорики ниту еден ден и да се прецени себеси. Во спротивно, на евентуални предвремени избори наесен и‘ се заканува опасност повторно да остане надвор од парламентот. Двајцата копретседатели на ХДП, Селахатин Демирташ и Фиген Јуксекдаг мораат да бидат свесни дека позајментите гласови од сите партии, вклучувајќи ја и АКП, им помогнаа да го постигнат овој успех. Во сите слоеви на општеството имаше преголемо одбивање на планот на Ердоган да си ја зацементира власта и да ја отстрани Турција од плуралистичката демократија.

ХДП мора да докаже дека е оправдано она што го носи во своето име - да биде демократска партија на сите етникуми. Таа мора да ги убеди луѓето дека не е само политичко крило на милитантната курдска организација ПКК. По смртта на 40.000 луѓе кои загинаа во борбите меѓу ПКК и турската држава од 1984 година до денес, десничарските и левичарските националисти ја чекаат својата шанса за повторно да ја истераат ХДП од парламентот. Тоа што ХДП освои речиси исто толку пратенички места како и националистичката МХП е нешто што десните екстремисти тешко го варат. За ХДП би можел да има фатални последици обидот преку политичко тактизирање да постигне ослободување на затворениот лидер на ПКК, Абдула Оџалан.

Колку што е горчлива таблетата која сега мора да ја голтнат Ердоган и АКП, толку би била опасно преценувањето на трите досега опозициски партии. Тие само уживаат во плодовите од политичката ароганција на Ердоган и неговата АКП, кои засега се запрени и опоменати.

Поврзана содржина