Избирачкиот список е затворен- обидите за манипулации сѐ уште не | Македонија | DW | 07.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Избирачкиот список е затворен- обидите за манипулации сѐ уште не

Намерна игра или случајност? Што навистина се крие зад грешките во избирачкиот список. Надлежните смируваат и се правдаат со технички проблеми, упатените предупредуваат дека некој сепак свесно се обидува да манипулира!

Техничкиот проблем, или непотврдениот хакерски упад во системот за евиденција на гласачите за претстојните предвремени парламентарни избори предизвика бурни реакции и отвори еден куп дилеми. Колку е безбеден и дали вистински е прочистен избирачкиот список? Бројните реакции по социјалните мрежи од загрижени граѓани дека ги има, па ги нема, па повторно ги има на онлајн апликацијата за проверка на избирачкиот список ги подгреа сомнежите околу легитимноста на целиот процес. Упатените се загриќени, но и поделени во реакциите, посебно околу можноста за манипулација со избирачкиот список и евентуалниот хаос што би можел да се случи на денот на изборите:

„Сето ова што се случува и да е нормално, кога е во време невреме во кое сме сведоци на сешто отвбора сомнежи. Кога ќе се прашате како е можно тоа да се случи, тогаш сомнежите стануваат поголеми. Можеби не е симптоматично, но и не е нормално. Колку што знам луѓето што работат на овој систем во ДИК се професионалци, но кој и дали може да чепка однадвор не знам и не можам да гарантирам“, реагира Никола Рилковски, поранешен прв човек на Државната изборна комисија. 

Тоа што Државната изборна комисија соопшти дека проблемот бил од техничка природа според дел од упатените не е оправдување, посебно во период кога финишира предизборната кампања: 

„Не смее ДИК во оваа фаза да има технички проблеми, тие се сега институцијата која гарантира законитост на изборниот процес од почеток до конечно завршување на изборите. Исто така за прв пат тие имаат се` на располагање, па дури и техничка Влада. Да се надеваме дека проблемот е технички и тој ќе се острани но ова е чувствителен период, завршува кампања, и не смее да се создаваат вакви забуни. Како граѓаните да бидат спокојни кога ниту еден член на ДИК, Претседател не излегоа јавно да не убедат дека се е во ред. Напротив, праќаат изјави преку државни службеници, тоа не е дозволиво во оваа фаза“, реагира Александар Новаковски исто така поранешен прв човек на оваа комисија. 

Нешто „смрди“

Тој е меѓу оние што јавно апелираше и предупредуваше на внимателност при прочистувањето на избирачкиот список, односно дека начинот на вкрстување на податоците е несоодветен и не треба по секоја цена да се бришат гласачи. Погрешно е вели тој, да се попушта под притисоците на јавноста само со цел да се покаже дека бројот на гласачи е намален и списокот е сега добар:

„Но тоа беше ризик, некои гласачи од неинформираност да не се пријавиле па сега да имаме уште потешка повреда на избирачкото право, со административни мерки да се одземе правото на глас. Јас се надевам дека овие грешки не се многу инаку нема да биде добро. За жал сега не постои можност да се поправи грешката, тоа е готова работа и вистинската состојба ќе ја дознаеме на денот на гласање. Сепак, да бидеме оптимисти но верувајте, многу пати им укажував. Знаете, на избирачките места четирите партии имаат членови во Избирачките одбори па и да имаше вишок запишани ке можеа да се контролираат и спречат некој да гласа за друг, но ако го нема гласачот во список а е државјанин тука нема спас-тоа е сериозна работа“, предупредува Новаковски.

Дека целиот случај „смрди“, предупредуваат и од невладината „Цивил“ од каде исто така не се убедени во исправноста на целокупниот процес на прочистување на избирачкиот список:

„Очекувавме дека вакво нешто ќе се случи бидејќи процесот на ревизија на избирачкиот список се води на крајно неквалитетен начин, каде очигледно политичките мотиви предничеа пред професионалните. Од она што досега го слушнавме во „бомбите“ но и од состојбата на теренот каде ние како „Цивил“ ги разобличивме фантомите и праксата за манипулација со една од најважните алатки за изразување на гласачката воља сепак не сме изненадени“, реагира Џабир Дерала од невладината „Цивил“. 

Оттука според него е наивно да се верува дека целата работа е завршена дотука:

„Без оглед дали на ниво на софтвер, односно на стручност ќе биде санирана хаваријата во која се наоѓа избирачкиот список, ние не веруваме дека оние што имаат мотив за манипулација едноставно ќе престанат. Очигледно е дека одредени структури вложиле многу напор и пари за да ја преземат контролата врз избирачкиот список која впрочем ДИК никогаш не успеа да ја воспостави“, предупредува Дерала.

Обид за демотивација на избирачите?

Во услови кога целиот проблем ескалира откако ДИК го усвои и го заклучи избирачкиот список, дел од упатените се сомневаат во намерен обид за дестабилизација и демотивација на избирачкото тело:

„Веб-страницата на ДИК служи само за информативна проверка од страна на граѓаните и во никој случај не се работи за упад во самиот Избирачки список кој беше заклучен уште на 28 ноември. Можноста за нов упад зависи од заштита на компјутерскиот систем во ДИК за што треба да се обратите таму. Граѓаните треба да знаат дека избирачките списоци за гласачките места се веќе во фаза на печатење и во нив повеќе не може да се вршат никакви промени“, коментираат од невладината организација „МОСТ“. 

Сомнежите околу исправноста на целиот процес ги подгреваат и информациите околу наводното печатење на дополнителни 80.000 гласачки ливчиња заради тестирање на техничката опрема во печатницата каде се изработува гласачкиот материјал. Сепак ваквите сомнежи според упатените не држат, ако се има предвид фактот дека целиот процес на подготовка и печатење на избирачкиот материјал се врши под строг надзор и безбедносни мерки што не оставаат простор за манипулации од толкав обем.

По непотврдените информации, доцна синоќа се огласи и Државната изборна комисија која соопшти дека има целосна контрола врз печатењето на доверливиот изборен материјал. Оттаму велат дека изводите од избирачкиот список се испечатени, проверени, потврдени и потпишани од сите членови на Државната изборна комисија. Избирачкиот материјал во петок  изутрина ќе биде доставен до избирачките места низ целата територија на државата. Од ДИК побарале и зајакнување на обезбедувањето на избирачките места каде нема соодветни услови за чување на избирачкиот материјал. За спречување на евентуални злоупотреби и полесна идентификација за прв пат на овие избори ќе има и фотографии од гласачите.

 

DW.COM

Реклама