Иднината на владата на Меркел е неизвесна | Свет | DW | 26.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Иднината на владата на Меркел е неизвесна

Пријателите на Европа победија во Германија. Поразот на социјалдемократите, меѓутоа, е толкав што се ниша коалицијата со Меркел. Коментар на Инес Пол.

Стравот од тоа дека непријателите на ЕУ - десните популисти -  ќе победат на европските избори, се покажа како неоснован во Германија, Австрија, Шпанија и Холандија. Тоа е позитивниот исход од овој изборен викенд.

Покрај тоа, поларизацијата помеѓу националистите и проевропските сили очигледно ги мотивираше луѓето да излезат на гласање. Одзивот во многу земји е зголемен. Освен тоа, значително повеќе луѓе на возраст под 30 години го дадоа својот глас на овие избори во споредба со претходните. И тоа е еден од доказите дека темата Европа и како сакаме да живееме заедно, буди интерес. Јасен победник во оваа возрасна група се Зелените, кои недвосмислено доминираа во врска со темата на иднината - заштитата на климата.

Ines Pohl Kommentarbild App (DW/P. Böll)

Инес Пол

Катастрофа за германските социјалдемократи

За германските социјалдемкрати овој ден е чиста катастрофа. На европско ниво најстарата германска демократска партија падна на под 16%. И, тоа не е се’. Денеска се гласаше и во Бремен, покраина во која веќе 73 години владеат социјалдемократи.

Сега тоа заврши. Првпат на изборите во оваа покраина победи човек на ЦДУ. Овој двоен пораз нема да може да остане без последици. Тој е доказ дека партијата е на својот крај и само со вистинска нова ориентација воопшто има некаква шанса за иднината.

Можни предвремени избори

Сега во Брисел во текот на наредните денови ќе се водат расправии која партија на која од врвните функции може да постави свој човек. Во Германија работите ќе одат подлабоко. Прашањето што ќе биде во фокус најверојатно ќе биде - уште колку долго оваа владејачка коалиција сака и натаму да ја мачи земјата и себеси.

По овој викенд е многу можно ерата Меркел по 14 години да заврши и тоа поради коалицискиот партнер СПД. И, да има предвремени избори уште годинава. Тоа би биле избори со многу, многу отворени прашања и една работа која е сигурна - Ангела Меркел веќе не се кандидира.

DW.COM

Реклама