Иднината мора да биде „еколошка“ | Свет | DW | 09.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Иднината мора да биде „еколошка“

Емпатијата кон природата уште не е сериозна желба кај голем дел од граѓаните во целиот свет. Кај едни затоа што живеат во благосостојба, кај другите затоа што се толку сиромашни, што не  помислуваат на екологијата.

Ако сакаме да ја сочуваме планетата за идните генерации, итно ни е потребна нова парадигма во нашето живеење и работење, произведување и трошење. Современата индустрија ја редуцираше природата во материјал за преработка и трошење пред само два века. Тоа време беше доволно да ја доведе биосферата на работ на пропаст. Нашиот свет нема милост не само кон неживата материја, туку и кон животинскиот свет. Многу животински видови се истребени, останатите се загрозени. Некогашната  животна симбиоза на луѓето со домашните животни, во  традиционалното сточарство со векови ја беше сочувало скромната форма на снабдување со храна  на мал број корисници. Се‘ до крајот на педесеттите во германските семејства месото  беше „луксузот“ за неделниот ручек. Исто беше и во моето социјалистичко детство во Југославија. А денес производството на месо е гигантска индустрија, за чии цели се уништуваат исконските шуми во Латинска Америка, вистинските „бели дробови“  на планетата. Кога секој при неделниот ручек  почесто би се прашувал каков бил животот на домашното животно, од кое парче месо завршило во  чинијата пред него, тоа брзо би му се одјадило засекогаш. Загадени и преполни со пластика  се морињата и океаните, а рибите во нив  се затруени со тешки метали. Кога рибите се одгледуваат како индустрија, за нивна храна се  ловат риби од морињата. Лососот во Норвешка се одгледува во големи кафези, поставени во фјордовите. Храната за нив  „се лови“ во морињата со огромни мрежи. Тие го уништуваат животинскиот и растителниот свет во морските длабочини. Во тие мрежи се фаќаат, на пример, и делфини. „Ловот“ потоа се меле во смеса со која се храни лососот. Откако знам како се одгледува, лососот ми се одјаде. 

Зошто уште нема јасно формулирана еколошка етика? Затоа што овој „нечовечки“ однос кон животинскиот свет го одржуваме ние, конзументите, со нашите навики на исхрана кои, од своја страна, ни ги сугерира  модерната индустрија. Тоа е маѓепсаниот круг на нашите потреби. Знаеме дека не е здраво секој ден да се јаде месо и, сепак, тешко ни е да се откажеме од фетишот на модерната благосостојба. Затоа што кило месо во западните општества е поефтино од кило цреши. И ниту малку не не‘ потресува „ефтиноста” на месото, на живото суштество! 

Сите ние „ја јадеме“ секојдневно иднината на нашата планета. Кога само за миг би си ја претставиле состојбата на планетата, тогаш ќе ни стане јасно дека индустријата денес навистина е огромен „челичен оклоп” („stahlhartes Gehäuse") во кој е  „заробена“ планетата. Тоа е „челичниот оклоп“ на глобалниот капитализам. Изразот потекнува од германскиот социолог Макс Вебер,  од делото „Протестантската  етика и духот на капитализмот“, објавено 1904-тата. Меѓутоа,  односот кон животната околина не беше поинаков ниту во поранешните социјалистички општества. И социјализмот и капитализмот ја делат истата идеја на прогресот како  безмилосна преработка на природните ресурси. Светот за модерниот човек нема повеќе тајна. Тој е само мртва материја, само „штоф” за задоволување на неговите потреби.

Други колумни од Кица Колбе:

-„Не не‘ бива“ - паролата на македонскиот дефетизам

-Мојот „БалканБалкон“

-Бугарски чардаш околу Македонија

Еден емпатичен, еколошки, „домаќински” однос кон природата и кон биосферата бара промена на главните парадигми во модерните општества. Тој процес е веќе започнат, но се движи  уште со темпо на полжав. Иако беше јасно уште од првиот извештај на Club of Rome, „Границите на прогресот“, од 1972-та, во чие изготвување учествуваа научници од 30 земји, дека неограничениот технолошки прогрес ќе стане брзо погубен. Тогаш ни се чинеше дека тоа време е многу далеку. Половина век подоцна, светот е среде климатската криза. И покрај тоа, емпатијата кон природата уште не е сериозна желба кај голем дел од граѓаните во целиот свет. Кај едни затоа што живеат во благосостојба, кај другите затоа што се толку сиромашни, што не  помислуваат на екологијата. Парадоксот е во тоа што токму богатите индустрски земји, кои, кога би посакале, би можеле веднаш да формулираат нова еколошка парадигма и етика, ги причинуваат најголемите еколошки штети. Притоа промената на парадигмата во однос на природата од безмислосно потрошувачка во промислено заштитувачка може да почне само од богатиот Прв, а не од  сиромашниот Трет свет.

 

Кога на Балканот би се обликувала силна еколошка политичка свест, таа со време би ги разобличила и истиснала националистичките идеологии. Тие потекнуваат од 19-от век, додека нивните поклоници се од  21-от век. Сепак, дури и во пандемијата, која  го загрозува сето човештво,  уште се добиваат избори со националистичките наративи. Што им преостанува на совесните граѓани, дури и со скромна еколошка свест? Да се групираат во граѓански иницијативи. Како граѓанска иницијатива почна и најпознатата европска еколошка партија, германските „Зелени“. Името „зелени” не асоцира само природа, туку и  алтернатива за етаблираните партии. Во германскиот политички спектар, партиите имаат своја боја: СПД се „црвените”, ЦДУ и ЦСУ се „црните”, ФДП (Либералите) се „жолтите”. Така новата еколошка политичка групација избра нова боја – „зелената“. Паметам,  кога прв пат дојдов во Германија, во есента 1980-тата, во Бон насекаде  имаше плакати од штотуку завршените избори за Бундестагот. Беше победила  СПД, со кандидатот за канцелар Хелмут Шмит.Само неколку години беа изминале од „оловното време“  во Германија. Тоа на теророт на радикалната левица околу  групата Бадер-Мајнхоф. Уште во германските пошти на ѕидот висеа потерниците по нејзините членови кои учествуваа во терористички акции. И само кусо потоа, 1979-тата беше формирана една  граѓанска иницијатива „Поинакво политичко здружение – Зелени“, кое истата година учествуваше на изборите за Европскиот парламент и освои 3,2 проценти. Кандидатите беа прочуениот уметник Јозеф Бојс и Петра Кели, политичарка од првата генерација на „Зелените“. И Руди Дучке учествуваше во предизборната кампања на  иницијативата, затоа што веруваше дека демократските промени може да се постигнат само на „долгиот марш“ низ политичките институции. Иднината покажа дека тоа беше многу значајно сознание. Од тоа здружение  1980-тата настана политичката партија. Таа прв пат учествуваше на изборите за Бундестагот во 1983-тата.  Денес  „Зелените” имаат прва кандидатка за функцијата канцеларка. 

Меѓутоа, дури и во богатата Германија на партијата на „Зелените“ и‘ беа потребни цели четириесет години за да стигне на таа цел. Тоа не значи дека во секоја земја на еколошките партии ќе им треба речиси половина век за да  станат влијателен политички фактор. За толку долг пат  нема повеќе време. Освен тоа,  германските „Зелени” го скратија тој пат за идните  „зелени” партии насекаде во Европа. Затоа што успеаја да го сензибилизираат целиот политички спектар во Германија за екологијата. Во предизборната кампања денес  и големите германски партии  во преден план ја поставија „еколошката агенда“, затоа што токму  пред почетокот на кампањата  им се случи „природата“,  во вид на катастрофални поплави. 

 

 

 

DW.COM