Идила без гости - Австрија чека туристи | Економија | DW | 22.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Идила без гости - Австрија чека туристи

Австрија полека ги отвора границите и ги укинува мерките кои може да му наштетат на заживувањето на туризмот. Како изгледа тоа во регионот околу Нежидерско Езеро на австриско-унгарската граница?

Насекаде околу Нежидерско Езеро (Neusiedler See) се слуша гракање и цвркот. Подрачјето на австриско-унгарската граница, прекриено со трски, е рај за љубителите на птици. Но, поради пандемијата на коронавирус и покрај речиси летните температури и убавото време, околу ова степско езеро деновиве е пусто. Овде-онде од местото Илмиц заталкува по некој велосипедист. „Денеска имаше можеби дваесетина гости", вели Херман Дрешер, кој со своите бродови ги пренесува туристите од едниот крај на езерото на другиот. Неговата сезонска работничка од Унгарија оваа година со работа започнала на почетокот на мај, две недели подоцна отколку минатата година. Таа веќе тринаесет години вози по езерото за време на сезоната. Но, годинава туристи има многу помалку, вели таа. „Можеби една третина од оние кои ги имавме лани. И така ќе биде додека границите се затворени", вели и продавачката на сладолед, Мони.

Попуштања на рестрикциите за патувања

Но, според препораката на Европската комисија, земјите-членки на ЕУ од средината на јуни би требало да ги отворат своите граници. Истовремено, австриската влада веќе со недели врши притисок за придвижување на важната стопанска гранка. „На крајот на мај ќе ги отвориме хотелите и пансионите", најави австриската министерка за туризам, Елизабет Кестингер од Австриската народна партија. Но, истовремено се сака „да се држи под контрола бројот на новоинфицирани од коронавирус." Затоа на почеток веќе сега се отвораат границите кон оние соседи кај кои ситуацијата со коронавирусот е поволна (Германија, Чешка, Словачка, Швајцарија), додека границите кон Италија остануваат затворени.

Повеќе:

Олабавување на рестрикциите во Австрија

Како ќе се патува со авион во време на корона?

Колебливо отворање на границите во ЕУ

Коронавирус: Како повторно да се лета?

Граѓаните мнозински ги поддржуваат овие мерки и постепеното отворање. Но, за хотелиерите како Ото Јозеф Егерман, сезоната е помината.

Österreich | Coronavirus | Tourismus | Neusiedler See | Otto Josef Egermann (DW/S. Ozsváth)

Ото Јозеф Егерман, хотелиер

„Во април и мај инаку се одржуваат бројни собири на орнитолози. Но, исто така и бројни манифестации како рели на олдтајмери. Сите тие оваа година изостанаа", се жали Егерман.

Неговиот персонал од двете страни на границата се наоѓа дома и прима помош за невработени. Уште во ноември минатата година изгледите биле многу добри. Хотелот во Илмиц со 50 кревети бил целосно резервиран. Сега сите резервации се отпаднати. „Имавме неколку резервации за празникот Духовден, а за летото останува целосно отворено", вели резигнирано сопственикот на хотелот. Резервациите за наесен уште не се откажани. „Се надевам дека така и ќе остане. Ако не дојде до втор бран на епидемијата", додава Егерман.

Виенска шницла до куќен праг

Хотелиерите ширум Австрија стравуваат од финансиска пропаст. Повеќе од една третина од хотелите со четири или пет ѕвезди, според информациите на Хотелското здружение, бележат загуба од 700.000 евра по хотел досега. Владата, свесна за важноста на туризмот, кој остварува 16 проценти од БДП, помага со даночни олеснувања, потрошувачки бонови во гастрономијата и директни финансиски инјекции.

Егерман е скептичен во однос на помошта. „На крајот, стопанството го плаќа цехот преку повеќе даноци и давачки", вели тој. И верува дека корона-кризата ќе направи „метла" низ хотелско-угостителскиот сектор. „Кој лошо стопанисувал или акумулирал долгови, ќе пропадне", заклучува Егерман.

Неговиот хотел може да издржи една ваква година, но не и повеќе. Помош од државата во вид на кредит не користи, зашто вели: „Каматите се поголеми од кредитот кој сега го отплаќам".

За неколкуте гости, а главно станувало збор за работници кои работат на одржување на ветерните турбини, а кои хотелот „Пост" ги угостил последните денови, се грижело семејството. Воведени се и некои новини кои претходно ги немало во местото. „Сега доставуваме шницли до куќен праг. Тоа ќе остане и по корона-кризата, зашто мештаните добро ја прифатија идејата", вели Егерман.

Реклама