Ивица Дачиќ обвинува за лицемерие | Свет | DW | 10.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ивица Дачиќ обвинува за лицемерие

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска остро ги критикуваше земјите кои се противат на нова промена на границите на Балканот. Дачиќ е особено лут на Македонија

Оние кои се противат на промена на границите на Балканот се лицемери, порача денеска од Белград, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, апострофирајќи ја во тој контекст Македонија. Тој одржа заедничка прес-конференција со портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова на која главни теми беа иднината на Косово и преговорите за статусот со Србија.

Според Дачиќ, предлогот за разграничување со Косово е одраз на желбата да се пронајде компромисно решение за Косово и истото не треба да се толкува како слабост. Оние кои се против таквото решение се лицемери, рече првиот српски дипломат.
„Како не им е срам да говорат дека нема промена на границите, оние кои не бомбардираа за да ги урнат нашите граници? Како не ви е срам, лицемери? Тоа важи и за Македонија која ја призна независноста на Косово и вели дека сега нема промена на границите“, рече Дачиќ.

Идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово особено се актуелизираше во последните недели откако истата јавно ја поддржаа и српскиот и косовскиот претседател Александар Вучиќ и Хашим Тачи. Засега е нејасно што точно размислуваат Белград и Приштина, но функционерите од двете држави често пати ги споменуваат северот на Косово и делот околу Прешево во Србија како можни региони кои би влегле во разговорите за „корекција на границите“.
„Пандорината кутија е отворена“, рече денеска Дачиќ порачувајќи им на оние „кои мислат дека Србија е слаба, да не си играат со нервите на Србија“.
На прашањето дали Русија ќе има проблем со промена на границите на Балканот, Захарова рече дека тоа прашање е „повеќе за Србија и српските државјани“ и дека Русија останува доследна на својот став, кој, како што рече, не е „теоретски“ туку „практичен и заснован врз меѓународното право“.

DW.COM

Поврзана содржина