Иван Џолев за ДВ: Судот ќе биде гарант за правда и правичност! | Македонија | DW | 08.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иван Џолев за ДВ: Судот ќе биде гарант за правда и правичност!

„Целта за која се залагам е да се врати довербата во Судот и тој да биде гарант на граѓаните дека овде ќе може да остварат правда и правичност“, ветува новиот претседател на Кривичниот суд.

„Многу ми значи довербата што ја добив, и за мене таа претставува огромна обврска функцијата да ја извршувам на наjдобар можен начин“, изјави за Дојче веле судијата Иван Џолев, додека ги примаше првите честитки од колегите, по неговиот денешен избор за претседател на Кривичниот суд.

„Знам дека очекувањата на јавноста се големи, и со право. Потребно е да се врати довербата во судството, вербата во правда и правичност. Ме чека многу работа. Веднаш по давањето свечена заклетва ќе започнам со работа и анализи, бидејќи Судот во моментов речиси е на колена. Судот е без секретар, без управител, а наскоро заминуваат и 15-тина судии кои овде беа делегирани од други судови, бидејќи им истекува мандатот. Ќе има испразнети места, ќе мора веднаш да се реагира и да се види кои клучни места не трпат одлагање во кадровското екипирање“, потенцира Џолев.

Тој доаѓа на раководната позиција во време кога во Кривичниот суд кулминираа сомнежите за начинот на кој биле распределувани судските предмети, односно со заобиколување на АКМИС-системот, во време на длабоко нарушени меѓучовечки односи и на урнисан углед на најголемиот кривичен суд во земјата. 

„Да, состојбата е лоша. Но, убеден сум, и длабоко и искрено верувам дека сето тоа може да се поправи. Во спротивно не би се пријавил за избор на оваа функција“, категоричен е Џолев.

Новоизбраниот претседател на Основниот суд Скопје 1 има 43 години, а во тој суд работи 15 години: последните девет години како судија, а претходно како стручен соработник во кривичниот совет.

„Целта за која се залагам е да се врати довербата во Судот и тој да биде гарант на граѓаните дека овде ќе може да остварат правда и правичност“, ветува Џолев. 

Тој беше избран од Судскиот совет со 11 гласа „за“ и два „против“.

Покрај Џолев, во трката за претседател на Кривичниот суд беа и судиите Весна Димишкова, Оља Ристова, Ивица Стефановски, Ѓоко Ристов, Верка Петковска, Осман Шабани и екс-претседателот на судот, Владимир Панчевски.

Изборот на нов претседател на скопскиот Кривичен суд уследи откако досегашниот в.д. претседател, Стојанче Рибарев, на 25 октомври поднесе оставка од лични причини и побара да се врати на претходната позиција - судија во Врховниот суд. Тој ја извршуваше функцијата в.д. претседател на кривичниот суд од мај годинава, а можеше да остане таа позиција најмногу една година.

DW.COM

Реклама