Иванов се крие од Хан и европратениците | Македонија | DW | 21.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов се крие од Хан и европратениците

Од Кабинетот на македонскиот претседател потврдија дека Иванов нема да се сретне со еврокомесарот поради доцното враќање од Унгарија. Истовремено, велат дека Иванов уште минатата недела одбил средба.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов одби да се сретне со комесарот на ЕУ за проширување Јоханес Хан кој заедно со тројца европарламентарци Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, денеска престојува во Скопје, во обид да посредуваат во решавање на политичката криза.

Од Кабинетот на Иванов, како што пренесе агенцијата Макфакс, велат дека шефот на државата од службеното патување во Унгарија ќе се врати доцна вечерва и нема можност за средба со делегацијата од Брисел.

Паралелно со ова објаснување, од Кабинетот на претседателот тврдат дека Иванов уште минатата недела, во петокот, го информирал амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, дека не планира средба со Хан и со тројцата европратеници кои го придружуваат во Скопје.
Иванов, според Кабинетот, немал што ново да му каже на Хан и предлага терминот за средбата со него да биде искористен за разговор на еврокомесарот со претставници на иницијативата „За заедничка Македонија“.

„Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на нивната последната средба на 10-ти февруари 2017-та година и тие остануваат непроменети“, велат од Кабинетот. 

Од иницијативата веќе бараа средба со Хан, но беа одбиени со образложение дека еврокомесарот планира средби само со политичките чинители во земјата. Според Иванов, добро е еврокомесарот да се запознае со аргументите и причините поради кои македонските граѓани протестираат повеќе од дваесетина дена.
Хан доаѓа во Скопје со барање итно да се формира реформска влада. Од иницијативата „За Заедничка Македонија“ за денеска најавија масовни протести во Скопје и други градови. 
Утрово, по тргнувањето за Скопје, еврокомесарот Хан и европратениците порачаа дека доаѓаат со порака дека мора „да се почитуваат демократијата и парламентарното мнозинство, и да не се провоцираат меѓуетнички тензии“. 

Во интервју за ДВ, на крајот на минатата недела, Хан апелираше за демократско предавање на власта во Македонија.

 

DW.COM

Реклама