Иванов на „жешко столче“ со Хојт Ји | Македонија | DW | 30.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Иванов на „жешко столче“ со Хојт Ји

Покрај лидерите на парламентарните партии, листата на соговорници на американскиот функционер е проширена со уште две имиња: претседателот Иванов и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Хојт Брајан Ји, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија во американскиот Стејт департмент, денеска пристигнува во Скопје за да разговара со политичките лидери „во врска со статусот за формирање на влада, билатералните односи и реформите потребни за евроатлантската интеграција“. Има две промени во агендата Ји. Неговата посета на Македонија која минатата недела беше најавена како еднодневна, сега е сменета во дводневна, а листата на негови соговорници е проширена со две имиња: претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Освен со Иванов и Џафери, Хојт Ји ќе се сретне и со лидерите на парламентарните партии - Зоран Заев, Али Ахмети, Никола Груевски, Билал Касами, Весел Мемеди, и Мендух Тачи, како и со претставници на граѓанското општество и дипломатската заедница. Официјално не се соопшува тајмингот и редоследот на средбите, но неофицијално дознаваме дека Ји во текот на денешниот ден ќе има средби со дел од лидерите на политичките партии. Другите ќе се реализираат утре (понеделник, 1-ви мај), по што попладнето тој ќе даде изјава за медиумите. 

Иванов нашол време за Ји
Средбата на Хојт Ји со Џафери не е изненадување, бидејќи од амбасадата на САД  во четвртокот соопштија дека го признаваат неговиот избор за легитимен, со укажување дека „е избран од мнозинството пратеници во рамки на регуларна и континуирана сесија на парламентот на која сведоци беа јавноста и медиумите“, и најавија дека „ќе работат со него за поддршка на демократијата и за унапредување на интересите на Македонија“.

Mazedonien Hoyt Brian Yee zu Besuch in Skopje (MIA/Photo Service)

Иванов ненадејно „најде време“ за средба со американскиот дипломат Хојт Ји


Изненадување е пресвртот во ставот на Иванов, чие „немање време“ за средба со американскиот функционер, меѓу поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и учесниците во протестите беше издигнато до степен на „врвен патриотизам и непопустивост пред странски притисоци“. Имено, претходно од Кабинетот на Иванов наведоа дека претседателот нема можност за средба со Хојт Ји поради претходно испланирани активности. Но, поради новонастаната состојба во земјата, во меѓувреме Иванов наводно ги откажал сите активности во следните денови, па со тоа се ослободил термин за средба со американскиот функционер. 
Според аналитичари, тоа е „беден изговор“. Сметаат дека Иванов е исплашен од последиците предизвикани со инцидентите во парламентот, од фактот дека наскоро ќе се открие по чиј налог дејствувала толпата, дали меѓу нив има осуденици кои биле помилувани од него, а како што објавија некои медиуми, и дали имало и припадници на АРМ, чиј врховен командант е тој. Сметаат дека разговорот со Ји „воопшто нема да биде пријатен“ и дека некои ставови ќе бидат соопштени многу јасно, „без ракавици“. 
Вељаноски не го признава изборот на Џафери
Средбата Џафери-Ји се очекува да биде остварена во законодавниот дом, каде пред четири дена беше избран новиот собраниски претседател. Но, таквата можност засега е неизвесна, бидејќи трикратниот и сега веќе биш претседател на парламентот, Трајко Вељаноски, до утрово не направи ниту еден чекор за примопредавање на функцијата, а не одговорил ниту на пораката што му ја испратил Џафери. Вељаноски за ТВ „Сител“ изјави дека не го признава изборот на Талат Џафери. 

Trajko Veljanoski (MIA)

Вељаноски вели дека не го признава изборот на Џафери во Собранието


„Претседател не се избира на шверцерски начин. Како може да кажат дека го избрале Талат Џафери за претседател на Собранието? Немаше јавност, собранискиот канал немаше пренос. Не може со мобилен да прават пренос. По кој основ тие утврдија присуство и колку луѓе гласале?“, реагираше Вељаноски и нагласи дека тој ќе продолжи да ја води конститутивната седница. 
По инцидентите и искршената опрема во парламентот (микрофони и системи за гласање), тој веќе испратил соопштение дека седницата закажана за вторник - се одложува!  
„Кога ќе има услови, јас ќе ја закажам конститутивната седница, бидејќи таа не е завршена“, рече Вељаноски. Со тоа навести дека не го дава ни „клучот“ за седницата, ни клучот од претседателскиот кабинет во парламентот. 
„Новиот претседател на Собранието е избран според Деловникот, законите и Уставот. Во периодот што престои, согласно со Деловникот, Уставот и законите ќе биде избрана и новата реформска Влада“, соопшти денеска СДСМ.
„Тоа е мнозинската волја на граѓаните и таа одлучува, а не на групата насилници и криминалци. Никој не смее и нема да ги попречи демократските процеси“, се вели во соопштението, со очекување Јавното обвинителство и МВР да постапат по службена должност, а нарачателите, насилниците и криминалците, да понесат одговорност за насилничкото сценарио.

DW.COM

Реклама