Ивановска: Никој во ДКСК досега не бил под притисок! | Северна Македонија | DW | 25.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ивановска: Никој во ДКСК досега не бил под притисок!

Државната комисија за спречување на корупцијата се подготвува за обврските за наредната година. Деновиве ќе ја презентираат Националната стратегија, која ќе биде ставена и на јавна расправа.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, понуди два примера за поткрепување на нејзината вчерашна изјава дека „Јавното обвинителство сè уште работи под притисок". Изјавата ја објасни со фактот дека за некои предмети сè уште немале одговори, а за некои стигнувале брзо, што според неа упатувало на тоа дека имало различни нарачки.

Со оглед дека со Ивановска разговаравме по завршувањето на работното време, таа нагласи дека повеќе примери може да посочи кога ќе ги има пред себе сите предмети по кои постапувале. Но, вчера, како пример за брзо добиен одговор го посочи предметот за ректорот на УКИМ, за кој  ДКСК утврдила дека земал две плати, една од Клиниката за дигестивна хирургија и една како ректор на УКИМ, односно дека по изброт за ректор не го ставил во мирување работно место на Клиниката, а согласно со законот требало. Одговорот од Обвинителството бил дека нема елементи за злоупотреба и дека сите негови претходници исто постапувале. Од предметите што биле прифатени, Ивановска го издвои предметот за одговорноста на градоначалникот на Сарај за дивите платформи на Матка.

Јавното обвинителство вчера како паушални ги отфрли нејзините наводи за притисоци, и истакна дека времето потребно за утврдување на фактичката сосотојба во предметите не е соодветен критериум за оценка на постапувањето на јавните обвинители, како и дека работата на ЈО може да се цени само врз основа на сериозноста и квалитетот на доказите од кои произлегува јавнообвинителската одлука.

Одговор за Анѓушев

Ивановска во разговорот за ДВ го спомна и отсуството на одговор за предметот за вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој се однесува на владината одлука за намалување на царината за литиумски батерии за акумулатори. Анѓушев не се изземал во вториот дел од постапката и присуствувал на седницата на Владата каде била усвоена таа одлука, иако според ДКСК, имал судир на интереси поради неговиот приватен бизнис. Случајно или не, Владата на вчерашната седница го утврди одговорот што ќе биде испратен во ДКСК - дека нема правен основ за поведување одговорност за вицепремиерот. Според објаснувањето, „предлог-одлуката за укинување на царинската стапка за електрични јон-литиумски акумулатори била повлечена од 29-тата седница на Владата на 26 септември, и повторно била вратена на усвојување на 36-тата седница на 7 ноември, откако во меѓувреме Анѓушев со писмен поднесок ја информирал Владата дека се иззема од учество за донесување на предлог-одлуката". 

Minister der neuen mazedonischen Regierung

Нема правен основ за поведување одговорност за вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев - одговор од владата

Во образложението се истакнува дека членовите на Владата немаат неограничени овластувања и моќ, дека нивните поединечни овластувања се контролирани од Владата, дека во случајот со Анѓушев не е утврдена повреда на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, поради што нема правен основ за поведување одговорност. 

Но, Владата вчера ја почести  ДКСК со веста дека на предлог на Министерството за правда, била прифатена информацијата според која Северна Македонија ќе го потпише Меѓународниот Договор за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба.

„Со ратификацијата на овој договор, ДКСК ќе се стекне со право да бара информации за имотната состојба на сите јавни функционери, вклучувајќи ги оние од правосудството, кои имаат или стекнуваат имоти и финансиски средства во странски земји“, соопшти Владата.

Ивановска: Немам притисоци!

За ДКСК тоа ќе биде од огромна помош,  но проблем е што во моментов немаат софтер кој ќе им овозможи со еден „клик" да имаат пристап до базите на податоци на 17 државни институции. Со него, ДКСК преку веб-сервиси би можела да добива информации на дневна основа -во однос на промени во имот, конфликт на интереси, промени во имотните листови, веднаш кога некој функционер ќе пријави имот во Катастар, итн. 

Ивановска најавува дека во почетокот на наредната година ќе биде објавен меѓународен тендер за набавка на тој софтвер, но имајќи го предвид времетраењето на таа процедура, како и сите технички подготовки потоа, смета дека тој би бил во употреба најрано во третиот или во последниот квартал од 2020 година. Но, задоволна е што другите процеси финишираат навреме.

Wirtschaft und Finanzen

Во завршна фаза е подготовката на петгодишната Националната стратегија која ќе биде презентирана на крајот од работната недела и ставена на јавна расправа до 10-ти јануари. Потоа ќе ја доставиме до Собранието на усвојување, вели Ивановска.

Во неа се утврдени т.н. столбови на ризик (правосудство, образование, здравство, животна средина и други ) области со фактори на ризик (јавни набавки, вработување, урбанизам, градежништво, издавање лиценци, дозволи), но и фактори на ризик како политичко влијание, нетранспарентност, ненавременост (чување предмети во фиока) и други примери. Веќе е најавено дека  во наредната година под лупа на ДКСК ќе биде и имотната состојба на судиите,  чија бројка е околу 500, наспроти скромните кадровски ресурси на Комисијата – 7 членови и 9 соработници, кои им помагаат во работата. Ивановска вели дека има начин да започне процесот. Во Комисијата се подготвува методолгија за изборен примерок, според кој процесот на проверка би требало најпрвин да почне за судии за кои ДКСК добивала претставки од граѓани, и за оние за кои во Републичкиот судски совет има податоци за најчести поплаки.

Вели дека е во завршна фаза постапката што на крајот од март ја започна ДКСК - испитување дали постои злоупотреба и коруптивни дејствија кои ги сториле претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, поранешната членка на Судскиот совет, Александра Зафировска, судијката Софија Лаличиќ и Светлана Костова од Вишиот управен суд, како и поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски.

„Постапката е комплексна. Не е во прашање само имот во недвижнини, туку и начинот на живот  - од  гарадероби до скапи патувања и други нешта“, вели претседателката на ДКСК.

Запрашана дали во досегашната работа била изложена на каков било притисок таа, или членови на ДКСК, Ивановска е децидна: „Досега не сум имала никаков притисок, а такво нешто досега не пријавил ниту еден член на Комисијата“.