Ивановска за ДВ: ДКСК ќе го гони и Богдановиќ доколку не побара суспензија на планот за „Холидеј Ин“ | Северна Македонија | DW | 22.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ивановска за ДВ: ДКСК ќе го гони и Богдановиќ доколку не побара суспензија на планот за „Холидеј Ин“

Ексградоначалниците на Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски ја злоупотребиле службената положба и го прекршиле Законот за урбанизам.

Антикорупциската комисија со иницијатива до Јавното обвинителство, бара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година поради парцелата кај „Холидеј Ин“. На дел од просторот во план е да никнат три згради. 

Од постапката засега е изземен актуелниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска за ДВ вели дека тој не е опфатен со иницијативата за кривично гонење бидејќи дал предлог до Советот на општината за мораториум, во два наврати. „Ако не даде предлог за суспензија на планот за градба, тогаш и за него ќе се покрене постапка“, вели Ивановска.  

Како е прекршен законот?

Државната комисија за спречување на корупција смета дека Тодоровиќ и Жерновски заедно со планерската компанија „Билт“, го прекршиле Законот за урбанизам при носењето на Деталниот урбанистички план „Голем ринг“. Со него е опфатено и земјиштето спроти хотелот „Холидеј Ин“, коешто се најде во фокусот на јавноста деновиве, по најавите дека ќе никне нов станбен комплекс во центарот на градот, што предизвика бурни реакции во јавноста. 

-повеќе на темата: Урбанизам: Кој и зошто го „заборава“ членот 23?

Според претседателката на Антикорупциската комисија, иницијативата до ЈО е поднесена затоа што во постапката за изменување и дополнување на ДУП „Голем ринг“, за 2012-2017 година, тогашните градоначалници овозможиле имотна корист за сопствениците на градежната парцела. „Тие ги  пречекориле границите на службеното овластување, постапувајќи спротивно на членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со тоа прибавиле значителна имотна корист за сопствениците на градежната парцела 1.1. од ДУП во делот ‘Голем ринг’“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК. 

Иницијативата за кривично гонење е продолжување на битката што дел од граѓаните ја водат со локалните и државните моќници со години наназад. Ивановска најавува дека под лупа на ДКСК ќе се најдат и други планови кои на многу сличен начин биле донесени во тој период, без да бидат усогласени со Генералниот план од 2002 година и со тој од 2012 година. 

Дали ќе се суспендираат плановите за градба?

За првата парцела кај „Холидеј Ин“ фирмата МГ Фешн“ и МПЦ-ОА имаат проект за изградба на три згради од 16, 20 и 22 ката. Инвеститорите платија комуналии од 2,4 милиони евра на Општина Центар и Град Скопје и чекаат дозволата за градба да стане правосилна. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, има право да донесе решение за суспензија на планот. Дали ќе се суспендираат спорните ДУП-ови треба да одлучат советниците во Општина Центар. 

По разните реакции и барања поврзани со изградбата на комплексот за урбано живеење „Гранд Скопје“ спроти паркингот кај „Холидеј Ин“, премиерот Зоран Заев изјави дека урбанистичкото планирање и градење во согласност со законите е клучно, како и важноста за усогласеноста на ДУП со Генералниот урбанистички план, што веќе е потврдено. 

-повеќе на темата: Комплексот кај „Холидеј ин“ ја бранува јавноста – се бара стопирање на проектот

Премиерот вели дека цементираното паркиралиште не е трајно решение за „Холидеј Ин“ и дека за конкретниот проект повеќе од половина од парцелата, што е во постапка за одобрение за градба, е предвидено да биде зелена површина. „Од планираните 12.000 квадратни метри, дури 6.500 се планирани да бидат зеленило. Ова е значително поголема површина од законски предвидениот минимум, кој изнесува 20 проценти“, вели тој. Со новиот Закон за урбанистичкото планирање не се дозволува паркинг надвор од парцелата, што дополнително го скротува мегаломанството на самата градба.

„Доколку се исполнети сите законски услови за реализација, а некој надвор од законот се обиде да ја спречи, треба да обезбеди средства за надомест. Односно, доколку на конкретно место, каде што има објект – куќа, зграда или фабрика, некој сака да изгради парк и доколку соодветните органи или во конкретниот случај Советот на Општина Центар одлучи така, треба да обезбедат пари да го платат тоа и да го направат паркот. Во случај тоа да не се реализира, треба да дадат планот да се развие, односно да ја исполни целта на постоењето“, вели Заев.

Инвеститорите минатата недела најавија модерен центар кој ќе биде гордост на Скопје, но во истовреме архитекти и граѓански здруженија, со писмо до премиерот апелираа да се суспендира планот за градба. Две станбени згради и една деловна зграда е планирано да никнат на просторот на паркингот на „Холидеј Ин“ во Скопје. Станбените згради ќе бидат од 20 и 22 ката, ќе имаат 400 станови во кои ќе можат да живеат околу 1.200 луѓе. Деловната зграда, пак, ќе има приземје и 16 ката. Во рамките на парцелата е предвидено зеленило на 6.520 метри квадратни.

DW.COM