Зошто Украинците треба да станат „нови Руси“? | Свет | DW | 13.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Зошто Украинците треба да станат „нови Руси“?

Кремљ на Украинците им нуди руско државјанство, но не само на оние кои живеат на анектираниот полуостров Крим и околу Донбас. Експерти објаснуваат кои проблеми сака да ги реши Кремљ на тој начин.

На Русија и’ се итно потребни Украинци. Таков впечаток се добива ако се земе предвид како Москва носи Украинци во земјата. Се’ почна кон крајот на април со декрет од претседателот Путин. Од тогаш за луѓето во Донбас и од Москва поддржаните „Народни републики Доњецк и Луганск" е поедноставно да добијат руски пасош. Друг декрет го олеснува добивањето руски пасош за Украинци кои веќе го напуштиле Крим или Донбас или пак легално престојуваат во Русија. Рускиот парламент актуелно разгледува нацрт закон, според кој треба да биде олеснето и доделувањето на дозвола за неограничен престој за странци во Русија. Аналитичари сметаат дека и тој закон во фокусот ги има Украинците. Кремљ тврди дека агира единствено од хумани размисли. Но, експерти сметаат дека Русија на тој начин ќе ги решава демографските проблеми.

Демографски промени

Маргарита Симонјан, која е главен уредник на руската телевизија РТ, на Фејсбук напиша дека ако не се преземе ништо, населението до 2040 толку ќе се промени, што Русија ќе биде претворена во „муслиманска земја". Луѓето од Донбас и други мигранти би можеле да помогнат да се одржи „фрагилниот статус кво на доминација на руско-православното христијанство", вели новинарската во постот.

Анатолиј Вишневскиј од Институтот за демографија на Вишата економска школа во Москва не мисли дека православните Руси би можеле да станат малцинство во сопствената земја. „Секогаш сме имале дел муслимански народи, но од нив не произлегува голем пораст на населението", вели експертот. Во Северен Кавказ имало делови со висока стапка на новородени, но и таму таа е во опаѓање.

Повеќе на темата:

-Путин планира сите Украинци полесно да добијат руски пасош

Политикологот Ростислав Ишченко, кој по промената на власта во Киев во 2014 година се преселил во Москва, не исклучува дека Русите може да станат малцинство во смисла на „државотворен етникум". Но, анексијата на украинскиот полуостров Крим на Русија и’ донела нови два милиона жители и еден милион бегалци од Донбас, од кои дел веќе имаат руски пасоши. Пролетта 2014 година, на само неколку дена пред анексијата на Крим, рускиот политиколог Александар Бородај во Јутјуб видео објаснува дека на Русија и’ се потребни луѓе од руско говорно подрачје за да си ги реши своите демографски проблеми. Бородај, кој подоцна стана премиер на „Народната република Доњецк", вели: „Многу ни е потребна Украина. Главниот проблем на Русија не е економијата, туку демографијата."

Russische Pässe für die Donbass-Bewohner

Карикатура на Сергеј Елкин „Руски пасоши за жителите на Донбас“

Три можни сценарија

Фактот дека Русија се соочува со демографски проблем, претседателот Путин нерадо го призна во парламентот уште на крајот на февруари. Според прогноза на рускиот Завод за статистика „Ростат“, од октомври 2018 година населението во Русија до 2035 година може да се намали од сегашните 146,9 на 138,8 милиони. Во најдобар случај падот би можел да биде два милиона. Од друга страна, позитивен развој може да доведе до раст на населението за шест милиони. Сепак, тоа би било возможно само ако до 2023 година во Русија се родат повеќе луѓе отколку што ќе починат. Но за да успее ова сценарио пред сѐ е потребен значително зголемен прилив на мигранти и да достигне до половина милион лица годишно.

Колку Украинци може да станат Руси?

Украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин минатата година објасни дека во Русија живеат речиси три милиони бегалци и економски мигранти од Украина. Но Олексиј Посњак од Институтот за демографија при Академијата на науки во Украина смета дека никако не може да се зборува за милони. Според него, околу 300.000 Украинци редовно одат во Русија. Понудата за руски пасош тешко дека ќе го промени ова. „Според нас, нема да има наплив од Украина во Русија“, тврди овој експерт.

Russland Symbolbild Pass (Vyacheslav Yurin)

Со декрет е олеснето добивањето руски пасош за Украинци кои веќе го напуштиле Крим или Донбас или пак легално престојуваат во Русија

Владимир Кипен од Институтот за социјално истражување во украинскиот град Винција напротив смета дека Русија со понудата за пасоши може да привлече и до два милиони Украинци, половина од нив економски мигранти. „Декретот на Путин е насочен токму кон оние кои работат во Русија, но и за оние кои живеат во регионите што не се под контрола на Киев, како Донбас, и кои веќе не гледаат перспектива таму“, вели овој политиколог. Тој, исто така, нагласува дека од гледна точка на младите украински пасош нуди поголема слобода за патување, вклучително и безвизен влез во ЕУ.

И Анатолој Вишњевски од Институтот за демографија при Високата економска школа во Москва смета дека Русија има силна конкуренција. Многу Украинци порадо би се отселиле во Полска или Западна Европа. И луѓето од Донбас во Русија најчесто доаѓаат со многу проблеми. „Голем дел се пензионери“, вели експертот. Според него, стапката на наталитет кај доселениците од Донбас е под рускиот просек, што не помага во решавање на демографските проблеми на Русија.

DW.COM

Реклама