Зошто не се отпуштаат грчки службеници? | Европа | DW | 08.07.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Зошто не се отпуштаат грчки службеници?

Меѓународните инвеститори ја притискаат Грција да го намали државниот апарат. Малкумина се оние што веруваат дека тоа и ќе успее, зашто „клиентелското“ работење во грчката управа има традиција.

Грчката коалициона влада под водство на премиерот Андонис Самарас уште есента 2012 година вети дека ќе отпушти 15.000 вработени во администрацијата до крајот на 2014 година. Освен тоа, годинава 12.000 државни службеници треба да бидат префрлени на друго работно место, на кое се попотребни. За Тројката (ЕК, ЕЦБ, ММФ) ваквите реформи чекори се предуслов за тоа Грција да ја добие наредната транша помош во висина од 8,1 милијарда евра.

Но спроведувањето на реформата во управата е заглавена. Во текот на изминатите денови грчките медиуми известуваа за ултиматум на Тројката поставен на Атина, најдоцна до денеска (08.07) да ги спроведе одамна ветените отпуштања или принудни преместувања на друго работно место. Владата на Самарас и Европската комисија демантираа дека постои наводен ултиматум. Сепак, грчкиот мниистер надлежен за реформа на управата Киријакос Мицотакис изјави дека денеска најверојатно во парламентот ќе предложи закон во кој ќе бидат опфатени сите барања на Тројката.

„Реформата на управата е неопходна, но политички е тешко спроведлива“, оценува професорот по политички науки и администрација Наполеон Маравејас. Предуслов за вистинска реформа би било да има критичко-објективна евалуација на постигнувањата на службениците, но тоа е тешко да се направи, а во Грција уште потешко, поради тоа што погодените имаат малку доверба во државните институции, а и поради тоа што „клиентелскиот“ систем во земјата е се‘ уште сеприсутен, наведува Маравејас. Тој знае за што зборува, зашто како министер за земјоделство во грчката преодна влада, под водство на Пикраменос во 2012 година, Маравејас добил увид во секојдневието на министерствата во Атина. Денес знае дека политичката волја за вистинска реформа на управата е прилично слаба.

Политика без „црвени нишки“

Дури во 2010 година тогашната социјалистичка влада го откри вкупниот број грчки службеници. Пред три години за државата работеле 768.000 луѓе, а притоа во тој број воопшто не се опфатени вработените во комуналните претпријатија и големите државни претпријатија, како енергетскиот џин ДЕИ или државната телевизија ЕРТ. Се‘ уште нема опширно и детално набројување на сите луѓе кои во каква билои форма се плаќаат од државни пари. А кај министерствата и институциите каде што бројот е познат, нема детална шема на вработените според оддели и надлежности.

Symbolbild Griechenland Steuerschuldner

Се‘ уште не е познат точниот број луѓе кои земаат државни пари

Поради сето ова не е можно да се спроведе разумна реформа на администрацијата, опоменува новинарката и експерт за пазарот на работна сила Рула Салуру: „Откако една институција го дефинирала бројот на вработени, таа треба да истакне организациски план за секој да знае кој што прави во таа институција“, вели таа и додава дека вакво нешто не видела никаде. Причината е следна - јавните претпријатија служат традиционално за згрижување на партиски приврзаници и ваквиот менталитет е и тоа како присутен и денес, и покрај кризата и притисокот на Тројката.

Едноставно кажано - некои партиски војници на водечки позиции не би сакале секој да знае кој што прави во нивната институција, зашто тогаш ќе се сфати дека има многумина кои не работат ништо!

Барање за пензија се разгледува две години

А вработените кои не работат ништо се итно потребни на други работни места. Синдикатите во јавните дејности со години се жалат на недоволно персонал во некои суштински делови на администрацијата, во здравството или пенизските фондови. Рула Салуру вели дека поднесувач на барање за пензија во Грција денес во просек чека две години додека пензискиот фонд воопшто го разгледа барањето. Побрза процедура не е можна поради недостиг на персонал, вели новинарката. „Апсурдна ситуација - две години не добивате пари зашто што не е донесена одлука за вашето барање за пензија, а не смеете ниту да работите затоа што важите за потенцијален пензионер.“

Akten Aktenordner Büro Symbolbild

Има институции каде се итно неопходни работници, но од оние што само седат и земаат плата никој не сака да биде преместен

Тоа е добар пример колку се важни и итно неопходни целните преместувања на други работни места, оценува Салуру. Сепак, тие и натаму се контроверзна и политички непосакувана мерка. Според последните извештаи на атинските медиуми дури е можно Тројката под притисок на грчката влада да ги одложи за наесен најголемиот дел отпуштања и преместувања во јавните дејности. Причина за таквиот потег би била - социјалните тензии што би произлегле од ваквата реформа не би смеело да ја попречуваат туристичката сезона, во која Грција очекува толку многу туристи како никогаш порано.

Дали по завршувањето на летото министерот Киријакос Мицотакис ќе го зголеми реформското темпо останува да се види, но се чини дека тоа е малку веројатно, зашто и тој потекнува од моќна политичка династија која со децении ја определува судбината на Грција и е соодговорна за денешната состојба на земјата.