Зошто Манфред Вебер молчи за Македонија? | Северна Македонија | DW | 30.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Зошто Манфред Вебер молчи за Македонија?

Водечкиот кандидат на европските конзервативци Манфред Вебер упорно молчи за постигнатиот договор во спорот за името меѓу Македонија и Грција, но и за ВИП бегалецот на Орбан, Никола Груевски.

Дали за Манфред Вебер се поважни врските со неговите сестрински партии во Македонија и Грција од стабилната иднина на Македонија во НАТО и ЕУ? Ова прашање денеска го поставува порталот „Еурактив“, во анализа на однесувањето на главниот кандидат на Европската народна партија (ЕПП) на изборите за ЕУß-парламентот следната година кон Македонија.

„Расте фрустрацијата, но истовремено и притисокот, поради молкот на баварскиот политичар јасно да се позиционира во однос на решението за спорот за името“.

„Тој треба јасно да го искаже својот став. Мора да објасни кој е неговиот став за оваа тема, исто како и за многу други теми, на пример неговиот однос кон Виктор Орбан“, вели Габи Цимер, претседателка на левичарската пратеничка група во Европскиот парламент.

Само Орбан против

Манфред Вебер е член на германската ЦСУ - Христијанско социјална унија - баварска сестринска партија на владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел. На Конгресот на Европската народна партија изминатиов месец тој беше избран за главен кандидат на конзервативците на изборите за Европскиот парламент следната година. Доколку ЕПП победи на изборите, големи се шансите Вебер да биде следниот претседател на Европската комисија на местото на досегашниот Жан-Клод Јункер.

Причината за молкот на Вебер, според Цимер, би можела да биде неговата блискост до двете опозициски конзервативни партии во Македонија и Грција, кои се спротивставуваат на договорот.

Новинарите на Еурактив повеќепати, залудно, барале одговор од канцеларијата на Вебер околу неговиот став за Преспанскиот договор.

Големо мнозинство шефови на држави и влади на ЕУ и групите во Европскиот парламент го поздравија постигнувањето на договорот меѓу Македонија и Грција - со исклучок на македонската ВМРО-ДПМНЕ и грчката Неа Демократија. Обете партии се дел од ЕПП.

Еден единствен шеф на влада на ЕУ земја-членка, унгарскиот премиер Виктор Орбан досега се изјасни против договорот. Во меѓувреме Орбан му додели и ВИП-азил на поранешниот македонски премиер

Никола Груевски.

Критиките на Борисов

И социјалдемократите во Европскиот парламент го критикуваат молкот на Вебер.

„Мислам дека ЕПП е на крстопат и има потешкотии да се одлучи за единствен пат“, оценува шефот на фракцијата на социјалдемократите во парламентот, Удо Булман.

Прашање е, вели Булман, „дали ЕПП сѐ уште е доверлив европски партнер на патот кон заедничка иднина во мир и солидарност, или ќе дозволи да биде изглодана како од внатрешните така и од надворешните националистички сили во ЕПП“.

Молкот на Вебер на темата Македонија не мина незабележано ниту во рамките на ЕПП.

На конгресот на 8 ноември во Хелсинки, бугарскиот премиер Бојко Борисов ги критикуваше сестринските партии во Македонија и Грција, но и раководството на ЕПП.

„Што се случува тука? Социјалдемократската партија во Македонија сака членство во ЕУ и НАТО, левичарска партија во Грција сака нивниот сосед да влезе во ЕУ и НАТО - но нашите сестрински партии во овие земји не го сакаат тоа! Ќе поставам едно едноставно прашање: постои ли дисциплина во ЕПП или не?“, рече Борисов.

Неговите прашања беа проследени со аплауз од присутните во салата, но Манфред Вебер не беше присутен за да ги слушне овие критики.

DW.COM

Реклама