1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затвор наместо концерт на Ролинг Стоунс

Гина Крумаловска/ Жана Ацеска10 јуни 2014

Две години затвор поради желба да се слуша концерт на Ролинг Стоунс? Незамисливо денес во Германија, но во Германската Демократска Република секојдневие. Современиците се потсетуваат на еден страшен ден пред 45 години.

https://p.dw.com/p/1CFPq
Фотографија: picture-alliance/dpa

Седми октомври 1969. година, 20-ти роденден на ГДР. На улицата Карл Маркс во Берлин се подготвува свеченост за радосниот ден. Недалеку, на Лајпцишката улица, младите се собираат од сосем друга причина - се прошириле гласини дека во зградата „Аксел Шпрингер“ концерт ќе одржат Ролинг Стоунс. Тоа е во Западен Берлин, но директно до Ѕидот, а музиката можела да се слуша и во источниот дел на градот.

Ролинг Стоунс се поим за револуција. Нивниот изглед, настапот, музиката, ги фасцинира милиони млади ширум светот - тие се нивни идоли. И во ГДР младите пуштаа долга коса, модерни беа траперки. Во мај 1966. година шефот на тајната служба на ГДР Ерих Милке издаде наредба за сузбивање на „политичко-идеолошката диверзија“. Младите кои сакаа да се оттргнат од влијанието на социјалистичкото воспитување, тајната служба ги ставаше под режим на набљудување и следење.

Наместо концерт - апсења

Сепак, на седми октомври 1969. година илјадници млади допатуваа во Источен Берлин, надевајќи се во живо да ја чујат музиката на Ролинг Стоунс. Но, концерт не се одржа. Единствено што се случи на овој ден, беа стотици апсења.

Gefängnisgang Gefängnis Symbolbild
Влез во затвор во поранешната ГДРФотографија: NovoPicsDE - Fotolia.com

Повеќе од 40 години подоцна, специјалниот пратеник на германската влада за актите на Штази, тајната служба на поранешната ГДР, Роланд Јан, свика состанок на сведоците на тој ден, за да ги изнесат своите сеќавања.

Две години затвор и потоа протерување во Сојузна Република Германија, за Екарт Ман тоа биле последиците на концертот кој не се ни одржал. Тој имал 16 години кога бил уапсен. Обвинителот го обвинил за учество во скандирање.

„Имаш 16 години и знаеш дека никогаш нема да излезеш од ГДР, а веруваш во тоа“, објаснува тој на прашањето зошто толку млади допатувале на наводниот концерт во Берлин. Денес тој е горд што ни во затвор не потклекнал. По две години затвор, тој бил протеран во Германската Демократска Република, стигнал во Западен Берлин, каде живее и денес. Неговата прва работа таму била - пуштање плочи.

Rolling Stones DDR Staatssicherheit
Четири недели во затвор-Гинтер КалисФотографија: DW/G. Krymalowski

„Само сакавме да слушаме музика“

Гинтер Калис и денес е преплавен од чувства кога зборува за настаните од пред 45 години. На пат кон концертот и тој бил запрен, тепан и уапсен. Нему во еден подрум му била корнета косата, таму бил држан четири недели. За да биде пуштен, морал да потпише дека бил добро третиран.

„Не можевме да го разберем тоа, ние сакавме само да слушаме музика“.

Тој останал во ГДР, зашто, тоа била неговата татковина.

Денеска (10.06.2014) година, Ролинг Стоунс одржуваат концерт во Берлин. Екарт Ман, Гинтер Калис и некои други современици ќе бидат таму. Издавачката куќа „Аксел Шпрингер“ во спомен на настаните од 1969 година им подари влезници за концертот.