Зошто Брисел ги поддржува балканските егоманијаци? | Свет | DW | 09.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зошто Брисел ги поддржува балканските егоманијаци?

Српскиот премиер е параден пример на авторитарен и популистички лидер во регионот кој сѐ повеќе скршнува од патот на демократијата, пишува „Шпигел“. ЕУ го трампа владеењето на правото за стабилност.

„Во сите земји на Западниот Балкан владеат авторитарни политичари и корумпирани клики кои сѐ повеќе им вртат грб на демократијата и владеењето на правото. Но, на Европската Унија тие ѝ се сепак потребни - стабилни партнери поважни од принципите“, пишува неделникот „Шпигел“ во анализата за регионот на својот портал.
Текстот ги издвојува поединечните карактеристики на актуелните балкански лидери, а најмногу простор му е посветен на српскиот премиер Александар Вучиќ:
„Шефот на српската влада Александар Вучиќ се продава како голем обожувач на ЕУ и на нејзините вредности. Периодично ја опсипува германската канцеларка со вистински изјави на љубов, во кои го фали нејзиниот хуманистички и демократски став. Поранешниот министер за пропаганда на диктаторот Милошевиќ со задоволство настапува како апостол на помирувањето во регионот на Западниот Балкан“

„Вучиќ, кој со постјугословенска Србија владее со исто толкава моќ каква што имаше само Милошевиќ пред него, е само параден пример на авторитарно-популистички-националистички лидер во еден регион кој во новите услови на европската и светска политика сѐ повеќе скршнува од патот на демократијата и владеењето на правото“.

„Процесот на демократизација во регионот е во целост под знак прашање“, објаснува за весникот, босанскиот политиколог Ведран Џихиќ. „Тамошните политички елити веќе не ја земаат сериозно ЕУ и играат двојна игра со Брисел. За Западниот Балкан не постои линеарен, нормативен пат кон ЕУ. Повторно е сѐ отворено, многу сценарија се можни“, вели Џихиќ.

Анализата натаму констатира дека во постојната „клима на замор од проширувањето во ЕУ“, во меѓувреме се етаблираше премолченото мото: „Реалполитика наместо владеење на правото“. „На ЕУ ѝ се потребни многу од регионалните моќници како политички партнери и гаранти на стабилноста“.
„Во случајот на Србија, се очекува нормализација на односите со Косово која треба да ја спроведат Вучиќ и Хашим Тачи. Долгогодишниот македонски премиер Никола Груевски е потребен за менаџирање на бегалската криза, бидејќи на Македонија ѝ е наменета улогата на бедем кон Грција. Црногорскиот владетел Мило Ѓукановиќ ја води земјата во НАТО и се смета за гарант на стабилноста иако ја води земјата како приватна фирма заедно со семејната и ортачката клика“.

DW.COM

Реклама