Зоран Заев: оптимистот на Балканот | Северна Македонија | DW | 27.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Зоран Заев: оптимистот на Балканот

Македонија е пред историска пресвртница, пишува агенцијата Франс Прес портретирајќи го премиерот Зоран Заев. Доколку не помине референдумот, иднината и на Македонија и на Заев ќе бидат во прашање.

„Тој урна режим, преживеа крвав напад врз себе и собра глобални пофалби за потпишувањето на историскиот договор со Грција“, со овој опис го започнува портретот на македонскиот премиер Зоран Заев новинската агенција Франс Прес.

„Но неделниот референдум ќе биде вистински тест за растечката репутација на македонскиот премиер Зоран Заев како човек на компромиси- и редок оптимист- во регион на замрзнати конфликти.

43-годишниот политичар стана омилен на Западот поради заложбата за болниот компромис со Грција во јуни со кој името на неговата земја се менува во Северна Македонија.

Заев ги моли гласачите да му дадат зелено светло на договорот в недела, предупредувајќи дека се освен мнозинство во корист на договорот ќе ги уништи македонските сништа за евро-атлантска иднина. Тоа исто така би можело да ја спушти завесата врз политичката кариера на Заев.

Поранешниот бизнисмен, чиј подем во политиката го храни неговиот неуморен оптимизам, најави дека ќе поднесе оставка доколку договорот пропадне.

Гледај видео 03:32

Македонија- поделена спроти референдумот

„Толку силно сум убеден дека референдумот ќе успее што не ни гледам во други опции“, изјави Заев за АФП овој месец.

Провинцијален аутсајдер
Заев е роден во 1974 година во источниот град Струмица што го направи аутсајдер во партијата чии моќници потекнуваат од главниот град.

„Јас лично никогаш не помислував дека ќе успее, иако секогаш сметав дека партијата не е фер кон него и кон други кои не се од Скопје“, вели член на Извршниот комитет на СДСМ кој сакаше да остане анонимен.
Заев ја започнал кариерата во семејниот бизнис продавајќи тегли ајвар- омилената закуска на многумина на Балканот. Влегол во политиката во 2003, успевајќи да освои три мандати како градоначалник на Струмица.

Mazedonien Proteste im Parlament (picture-alliance/abaca/N. Batev)

Заев беше повреден за време на упадот во Собранието на 27 април 2017 година

Но Заев стана меѓународно познат во 2015, кога започна со објавување на прислушкувани разговори кои покажуваа масовно прислушкување од владата на Никола Груевски, македонскиот моќник кој владееше една деценија.

Скандалот го урна Груевски и ја фрли Македонија во политичка криза.

Врвот беше достигнат во април 2017 кога националистичка толпа упадна во парламентот протестирајќи против коалицијата на Заев со етничките aлбански партии.

Напаѓачите повредија десетици луѓе, вклучително и Заев, кој беше фотографиран со раскрвавено лице и искината кошула.
„Крвавиот четврток“ беше пресвртница за земјата и за Заев, која на крајот му овозможи да ја преземе премиерската функција.

На линија со соседите

Оттогаш тој се обидува да ја внесе својата претприемничка енергија во политиката, постигнувајќи договори со соседите и отворајќи ѝ го патот на Македонија кон ЕУ.

„Тој е воркохолик“, вели Дејвид Стивенсон, политички консултант во Македонија и поранешен американски дипломат, опишувајќи како Заев спиел во партиското седиште во Скопје неколку години пред да стане премиер.

„Тој не е некој кој повеќето луѓе го сметаат за интелектуалец или академик, но мислам дека е многу тактичен и лукав, и мислам дека одлично ги чита луѓето“.

Во август 2017 Заев потпиша договор за пријателство со Бугарија, уште еден сосед кој се расправаше со Македонија за идентитет, историја и јазик.

Griechenland - Alexis Tsipras und Zozan Zaev (Reuters/A. Konstantinidis)

Заев и Алексис Ципрас по потпишувањето на Преспанскиот договор

Следуваше големата награда- спорот за името со Грција, еден од неколкуте нерешени конфликти кои го кочеа напредокот на Западниот Балкан.
Заев започна со серија гестови на добра волја, вклучително и отстранувањето на името „Александар Велики“ од автопатот и аеродромот.

Следуваа средби и телефонски разговори со грчкиот колега Алексис Ципрас, кои кулминираа во јуни со потпишувањето на договорот на брегот на Преспанското Eзеро, на границата меѓу двете земји.
„Навистина уживав во потпишувањето на договорот во преубавата Преспа, отворањето на шампањското... Тоа ќе остане незаборавно сеќавање“, вели Заев, не криејќи ги своите емоции.
Додека македонските националисти го прогласуваат договорот како срамна отстапка на Атина, поддржувачите и аплаудираат на подготвеноста на Заев да преземе одговорност.

Сепак, некои би сакале да испорача повеќе и во ветувањето за борба против широко распространетата корупција.

И самиот Заев беше обвинет, но ослободен во мај, за корупција во времето додека бил градоначалник.

Но сега, спорот за името има централно место.

Доколку не помине, иднината и на Македонија и на Заев ќе бидат во прашање.“

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама