Знае ли Македонија да ја искористи својата дијаспора? | Северна Македонија | DW | 05.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Знае ли Македонија да ја искористи својата дијаспора?

Начинот на кој Ирска ја организираше својата дијаспора и ѝ пронајде место на домашниот пазар е пример за многу земји во светот. Што прави Македонија и постои ли стратегија да се искористи потенцијалот на иселениците?

Според неофицијалните податоци, повеќе од 500 илјади македонски државјани и лица со потекло од земјата живеат во странство. Македонија, но и речиси сите земји од Западниот Балкан, со децении стареат и ги губат младите, најчесто добро обучени, кадри. Но, владите во регионот, вклучително и македонската, со години само ги евидентираат овие податоци и ветуваат мерки за спречување на одливот на мозоци. И толку. Генерално, владее инерција во која македонската дијаспора е најгласна кога во татковината се одлучува за чувствителни политички прашања, а официјално Скопје возвраќа со повремени посети и средби на кои, најчесто, тема се политичките случувања во земјата - избори, референдум и сл. или поетски читања и играорни дружења. 

На крајот на јануари годинава Европскиот совет за односи со странство објави студија на авторката Алида Врачиќ која се занимава со проблемот на емиграцијата од земјите на Западниот Балкан и нуди решение преку примерот на Ирска. Клучната поента во неа гласи: високото ниво на емиграција предизвикува проблеми за државите, но и решенијата за многу од овие проблеми најчесто се наоѓаат во самата емиграција.

Дијаспората како шанса

Земјите од регионот, и Македонија тука не е исклучок, не сфаќаат дека дијаспората може да биде корисна за нивната иднина, а дури и кога имаат разбирање за тоа, им недостасуваат основни податоци според кои би можеле да изградат издржани политики.

Иселениците најчесто поседуваат уникатни вештини, но нивните мрежи, економско богатство и влијание, забележува Врачиќ, остануваат неискористени.

Гледај видео 02:44

Празни куќи, пусти улици...

Наместо тоа, владите се фокусираат на дознаките кои стигнуваат од странство и се обидуваат истите да ги прикажат како некаков успех.

Врачиќ предупредува дека, не само за остварување на долгорочните социо-економски цели, туку и за иднината на земји како Северна Македонија, од клучно значење ќе биде искористувањето на потенцијалот на емиграцијата.

Според актуелните проценки, Македонија до средината на веков ќе загуби најмалку уште 10 проценти од своето население, а процентот на жители постари од 65 години ќе се искачи до 25 отсто.

Ирското чудо

Ирска беше во многу слична ситуација на почетокот на 1990 години на минатиот век. Денеска е земја во која седишта имаат Мајкрософт и Гугл и привлекува таленти од целиот свет. Само во 1988 година, Ирска ја напуштиле над 70 илјади граѓани со високо образование. Првиот чекор кон опоравување го презема претседателката Мери Робинсон на средината на 1990 години, преку серија политики чија првична цел била да се преброи и идентификува дијаспората, а потоа да се утврди и можниот бенефит од неа за татковината. Ирската влада најпрво изработила истражување со која го утврдила точниот број на свои иселеници, а потоа, ангажирајќи го и граѓанскиот сектор и користејќи модерна технологија, започнала да ја гради мрежата на соработка.

Во 1996 година, на пример, започнува проектот со кој целно се охрабруваат Ирците во странство да отворат свој бизнис во татковината. Во 1999 година, владините институции утврдуваат дека се потребни посеопфатни гаранции од владата, особено во делот на финансирањето и инфраструктурата. Три години подоцна, во 2002, нов извештај утврдува дека мерките можат натамошно да се засилат преку формирање на посебно тело кое ќе им дава поддршка на Ирците во странство и ќе ги финансира инвестициите. Формирано е специјално тело Единица за поддршка на емигранти, а покрај него и серија иницијативи. Од 2004 година до денес, ирската влада инвестирала свои фондови во 34 држави како поддршка за глобалната ирска заедница. Во меѓувреме, развиени се и онлајн апликации како што е „Локаторот на глобални вештини на дијаспората“ преку која секој заинтересиран иселеник може да провери што се нуди на ирскиот пазар за неговата професија. До денес, укинати се сите административни и други пречки кои на кој било начин би го попречувале враќањето на иселениците во татковината, а целата дијаспора е преброена и сместена во два каталога.

Циркуларна миграција

Последно, но не и најмалку важно, и иселениците со ирско потекло играа голема улога во демографското и економско заздравување на Ирска. Во 1998 година, американскиот филантроп со ирско потекло Чак Фини вети донација од 75 милиони фунти, доколку ирската влада учествува со истата сума. Тогашниот ирски премиер Берти Ахорн ја прифати понудата. Со заеднички капитал од 150 милиони фунти беше отворена програма наречена Истражување во институции од трето ниво. До денес, оваа програма има донесено комерцијална добивка од 1,8 милијарди евра. Од една страна, таа привлекува странски инвестиции во земјата, а од друга, директно инвестира во нови библиотеки, истражувачки и научни објекти и студентски домови.

И демографските бројки говорат во прилог на успешната политика на владата во Даблин. Од земја на иселеници, во 2018 година Ирска е држава со нето миграција од над 34 илјади луѓе и прираст на население од над 64 илјади луѓе годишно, наспроти крајот на минатиот век кога стотици илјади луѓе годишно ја напуштале земјата.

За релативно кус период, нешто повеќе од две децении, Ирска успеа да изгради одлична врска со дијаспората. Ваквата мрежа отвора работни места, носи инвестиции и луѓе во државата, а истовремено се регулира и ткн. циркуларна миграција (континуиран ангажман на мигрантите во татковината и во усвоените земји).

Гледај видео 03:19

#dw_BalkanBooster: Масовно иселување

Лекции за Македонија

Што конкретно можат властите во Скопје да сторат за да го запрат негативниот тренд и да изградат политики кои долгорочно, не само што ќе ги задржат младите во земјата, туку и ќе го извлечат најдоброто од дијаспората?

За илустрација, на интернет страницата на македонската Агенција за иселеништво набројани се вкупно четири (4) иселеници кои инвестирале во Македонија. Владата од летото 2018 година најави изработка на Национална стратегија за соработка со дијаспората, а во меѓувреме објавен е и повик на кој припадниците на дијаспората можат да аплицираат за проекти согласно новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите. Што точно ќе содржи Националната стратегија не се знае, иако веќе има превирања откако од нејзиното изготвување се повлече Форумот за демократска Македонија.

Алида Врачиќ во својата студија предлага Северна Македонија и другите земји од Западниот Балкан да го искористат ирското искуство и:

- прво да создадат база на податоци во која точно ќе се евидентираат иселениците, вклучително и нивните занимања и образование

- програми за засилување на врските меѓу иселениците и татковината и развој на мрежи кои ќе овозможат подобар увид во потребите на дијаспората;

- охрабрување на директните инвестиции од дијаспората (ДДИ)

- барање поддршка од ЕУ за зголемување на квалитетот на образованието и стимулација на циркуларна емиграција.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама