Златен глобус: „Ла Ла Ленд“ го собори рекордот | Панорама | DW | 09.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Златен глобус: „Ла Ла Ленд“ го собори рекордот

Голем победник на годинешното доделување на наградата „Златен глобус“ е романтичниот мјузикл „Ла Ла Ленд“. Германците останаа со празни раце - филмот „Тони Ердман“ не доби награда во Лос Анџелес.

Наградата за најдобра драма ја доби филмот „Месечева светлина“ на режисерот Бери Џенкинс, но сепак апсолутен победник во Лос Анџелес годинава е мјузиклот „Ла Ла Ленд“. Тој освои дури седум Златни глобуси, меѓу нив и за најдобра комедија, најдобар режисер и сценарио (Демиен Шазел - на насловната фотографија заедно со Стоун и Гослинг), како и за најдобра главна улога во женска и машка конкуренција (Ема Стоун и Рајан Гослинг) и награда за филмска музика. Со тоа е поставен нов рекорд на „Златен глобус“.

Француската актерка Изабел Ипер го доби Златниот глобус за најдобра актерка во категоријата драма за филмот „Таа“. Кејси Афлек, пак, го доби својот прв Златен глобус за најдобар драма-актер за улогата во трогателната семејна драма „Манчестер на море“.

Германските надежи не се остварија. Приказната за односот татко-ќерка во филмот „Тони Ердман“ на режисерот Марен Аде не стигна до Златен  глобус. Наградата во категоријата „Најдобар филм од не-англиско подрачје“ ја доби францускиот филм „Таа“.

Мерил Стрип со говор против Трамп

Актерката Мерил Стрип на доделувањето на наградите „Златен глобус“ одржа говор против новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. „Ако моќниците ги користат своите позиции за да ги тиранизираат другите, тогаш ќе загубиме сите“, рече Стрип со насолзени очи по примањето на наградата за животно дело.

USA Golden Globes 2017 Meryl Streep (Reuters/NBC/P. Drinkwater)

За говорот на Мерил Стрип зборуваат сите

За нејзе, највпечатлива сцена на годината не е сцена од филм, туку моментот кога Трамп во свој предизборан говор имитирал гестови на телесно хендикепирани лица, рече Стрип. „Овој инстинкт да се понижува, кога е моделиран од некој од јавната сцена, некој моќен, се филтрира понатаму во животот на секого. Непочитувањето кани непочитување. Насилството предизвикува насилство.“

Стрип за својот говор доби пофалби од многумина на социјалната мрежа Твитер. Режисерот Мајкл Мур, на пример, напиша: „Фасцинантен момент каков што ретко гледаме на телевизија.“

Наградата „Златен глобус“, која се доделува од 1944 година, е најважната филмска награда по „Оскарот“. За победниците одлучува група од речиси 100 меѓународни новинари кои долго работат во Холивуд. Церемонијата на доделување на наградите вообичаено се одржува на опуштена гала-вечера.

Реклама