Зимските центри како во зимски сон | Северна Македонија | DW | 29.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Зимските центри како во зимски сон

Нова сезона - стари проблеми: модернизацијата на ски-центрите во Македонија тапка во место. Експертите сугерираат нов стратешки пристап.

Galerie Schneelandschaften in der Kunst-geschichte (picture alliance/akg-images)

„Скијачи 1919“ - масло на платно од Борис Михаилович Кустодијев

Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Кожуф, Крушево... Македонија има повеќе планински убавици на кои се распослани повеќе ски-центри. Одамна се познати дома, но и надвор, но и одамна никако да го вратат некогашниот сјај. Сите располагаат со по еден или повеќе хотели, ски-патеки, жичарници, лифтови, по некое „бачило“ за чај, кафе или греано вино. Но проблемот е што тие со години се далеку од атрактивни. Барем во споредба со она што го нуди конкуренцијата од соседството. А таа, како што стојат работите, и годинава ќе им го земе приматот. Без конкретни инвестиции, со незначителни новини во понудата ќе стартува и оваа ски сезона. Експертите се загрижени:

„Во Македонија генерално е потребен нов стратешки пристап за туризмот, а ски-центрите се посебна приказна. Мора да се работи на инфраструктурата и дефинитивно да се размислува на проекти за Јавно приватно партнерство. Некој вид концесионирање, за да се обезбеди конкурентност. Ако ги оставиме вака постојните состојби, тешко дека работите ќе одат напред“, сугерира универзитетскиот професор Науме Маринковски. 

Концептот на јавно приватно партнерство би било новина за ски-центрите во земјата кои во дел се државна сопственост, а дел се оперираат од приватни сопственици. Но проблемот, според упатените, е што и онаму каде оперира приватниот фактор, отсуствува конкретна државна поддршка. Пред сѐ во делот на пропратната инфраструктура, на која ѝ треба модернизирање. Пари, или извори на пари има, но проблемот е како тие да се искористат. Примерот со Тетово и парите што требаше да се обезбедат за Попова Шапка е само еден од негативните:

Snowboards (picture-alliance/dpa)

Неопходна е подобра инфраструктура на скијачките центри

„Тетово го загуби проектот на Светска банка за инфраструктура за 2,7 километри пат. Тоа е пораз за општината која не успеа да ги добие средствата, бидејќи конкурираше со некомплетиран проект. Аплицирале така и Светска банка ги одби, а тие беа наменски средства само за туризам. Трагедијата е што пред да се аплицира за проектот беа потребни измени во планот на терен и се изведоа некои градежни активности во туристичката населба на Попова Шапка, но сега тоа остана така. Сѐ е руинирано и не се знае кој ќе го среди“, реагира Хамди Сулејмани од Иницијативата „Спас за Попова Шапка“.

Гледај видео 01:24

Снежни кралеви

Некогашниот скијачки бисер и годинава ќе ја стартува како да е лани. Нема ништо од новиот шестосед, ниту пак од долго најавуваниот мастер план кој требаше да значи препород за овој зимски центар. Единствена новина е во делот на ски-билетите:

„Новина од оваа сезона е што за прв паткај нас е инсталиран систем за електронско читање на билетите, а поправен е и двоседот кој не беше оперативен од 2017 година. Има одреден напредок, но што се однесува до инвестицијата со новиот шестосед, не сме сигурни дека оваа сезона би бил во функција. Но следната дефинитивно би требало да биде оперативен. Тоа е проект на 'ЕЛЕМ' во соработка со италијански 'Лајтнер', објаснува Џемаиљ Јусуфи, управител на „ЕЛЕМ Турс".

Повеќе: 

Кој и зошто го уништи ски-центарот Кожуф?

Македонските скијачки центри оставени на немилост

Мастер планот за Попова Шапка е донесен уште од претходната Влада, но неговата реализација не е ниту со заокружена прва фаза. Надлежните се свесни дека работите одат бавно и дека понудата е недоволна:

„Нормално дека не е доволно, но можностите се такви. Знаете како се движат работите кај нас. Еве по три години уште не е завршена ниту првата фаза. Свесни сме дека треба подобра инфраструктура, машини за вештачки снег, но и да се почитува законот за скијалишта, во делот на функционалноста на ски-центрите. Сите треба да придонесат за развојот на ски-центрите“, реагира Јусуфи.

Но случајот со Попова Шапка сам по себе не е изолиран. Повеќе или помалку слична е состојбата и со другите ски-центри кои се оставени безмалку на немилост. Кожуф одамна пропаѓа поради нефункционалниот пристапен пат, на Пелистер нема инвестиции, во Крушево има приватна иницијатива, но дури од наредната сезона. Единствено Маврово колку-толку фаќа чекор со конкуренцијата. По повеќегодишни најави, таму конечно станува оперативен системот за вештачки снег. Но тоа не е доволно: 

„Генерално има некои активности, има волја, ама како велат, само со едно цвеќе пролет не бидува. Државата треба позасилено да се ангажира, малку по малку, па како Банско да дојдат работите. Вака, многу е жално. Треба голем буџет велат, но треба и голема иницијатива и поддршка. Има субвенции, има проекти преку Фондот за иновации и технолошки развој, евитни кредити. Треба само да се подобри комуникацијата“, сугерира Јусуфи.

Luxus-Resorts (Andreas Haertle/Fotolia)

Додека државата разработува стратегии и подготвува проекти, кремот го собираат ски-центрите во соседството

Дел од експертската јавност смета дека е проблем што не сите релевантни фактори се вклучени во она што треба да го определи туристичкиот производ за Македонија:

„Многу се талка, се прави вински, зимски, летен туризам. Треба развој во сите насоки во зависност од условите, просторни, економски и социјални. Тоа е аксиома секаде во светот. Затоа е потребна потемелна стратегија. Постојнава кај нас ја работеа странци кои не го познаваат просторот на Македонија и како основа во неа земаат некои параметри кои едноставно не може да се применат. На пример, основа е железничкиот сообраќај, а ние додека го направиме железничкиот сообраќај функционален ќе изгубиме многу време и нема да можеме да ја реализираме стратегијата.

Гледај видео 01:20

Приватен инвеститор- спас за Попова Шапка?

За пофалба е што се прават и локални стратегии, еве неколку и се работат преку Министерството за економија и тоа може да биде успешна приказна“, смета Маринковски.

Дека е потребна промена во стратегијата свесни се и во Владата. Неодамна и премиерот Зоран Заев обзнани дека се размислува за разни опции. На трибина во Тетово тој најави можност Попова Шапка да се реконструира преку давање на концесија на стопанственик со искуство во раководење на ски-центар. Додека државата разработува стратегии и подготвува проекти, кремот го собираат ски-центрите во соседството. Посебно оние во Бугарија и Србија кои и годинава ќе привлечат најголем дел од македонските туристи. Домашните и натаму ќе се надеваат на приходи од викенд или дневни ски-екскурзии. 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама