Зелените: Од шарени револуционери до народна партија | Свет | DW | 10.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Зелените: Од шарени револуционери до народна партија

Некогаш беа шарено движење, а денес се сериозна политичка партија - пред 40 години се формирани германските Зелени. Во јануари 1980. година никој не очекуваше толкав успех.

Собирот во Карлсруе на 12. и 13. јануари 1980. година беше изразито шарен: тука беа и ветерани на студентското движење од 1968. година, еколошки активисти, борци за мир, конзервативци, активисти за права на животните, феминистки и комунисти. Многумина од мажите имаа долги бради и носеа панталони со прерамки во сите можни бои, а жените плетени пуловери, главно рачно изработени. И на крајот, тоа беше една нова партија, која сакаше да ја промени земјата. Тогаш беа основани германските Зелени.

До појавата на Зелените - затворен партиски систем

За етаблираните политички партии во Германија тоа беше нешто ново и непознато. Од крајот на Втората светска војна, ЦДУ, ЦСУ, СПД и ФДП речиси самостојно ја одредуваа политиката на тогашна Сојузна Република. Но, уште во 1983. година Зелените успеаја да влезат во Бундестагот, каде во почетокот ги сметаа и прифаќаа како мешавина на ексцентрици и невоспитани деца. Генерацијата која беше уште под влијанието на студентските немири од крајот на 60-те, брзо во партијата ги презеде водечките позиции. Ото Шили, левичарски правник, ја формираше првата парламентарна пратеничка група. Јошка Фишер, кој во Франкфурт беше активен во насилните автономни кругови, стана прв министер од Партијата на зелените. Тој во 1985. година беше именуван за покраински министер за екологија во покраината Хесен.

Почит кон основачите на Зелените

Сетоа тоа се случуваше многу одамна, но денешните Зелени со пиетет се сеќаваат на основачите на својата партија. Членот на претседателството на Зелените, Михаел Келнер за Дојче веле изјави: „Негувам голем респект кон таа генерација, која неверојатно ја промени оваа земја, а и себе исто така. Сега тие достоинствено стареат. Поради тоа можеме да видиме и успеси на Зелените кај луѓето постари од 60 години.“

Борбата против нуклеарната енергија, заложба за разоружување на Истокот и Западот, одбрана на граѓанските права - овие теми играа централна улога во првите години од нивното дејствување. А во 1998. година, речиси 20 години по основањето на партијата, на Зелените им успеа да влезат во центарот на моќта: Јошка Фишер стана сојузен министер за надворешни работи. Зелените, заедно со СПД, владееја во Германија седум години, доживувајќи го најголемиот пресврт во својата историја: Фишер одобри испраќање германски војници во нападите на српските позиции, а дотогаш пацифичката партија со мака го следеше. Врз него во текот на партиски конгрес беше фрлена пластична кеса наполнета со црвена боја.

Parteitag Grüne Farbbeutelwurf auf Fischer

Напад со црвена боја врз Јошка Фишер на партискиот конгрес во 1999. година

Михаел Келнер тогаш бил нов член во партијата и бил против Фишер. По победата на тогашниот министер за надворешни работи на партискиот конгрес во 1999. година одржан во Билефелд, долго размислувал дали треба да ги напушти Зелените. Сепак останал, зашто му биле поважни темелните цели на партијата. Келнер за причините за останување во партијата истакнува: „Затоа што внесовме самостојна идеја во политиката, имено, дека за луѓето е важно прашањето за заштита на животната средина и природата, како и заштитата на климата, да биде воведено во центарот на политиката.“

Пред 30 години настана „Сојуз 90/Зелени“

Уште претходно, во време додека беа во опозиција, се случи радикален пресврт: Зелените од Запад добија истомисленици од Исток. Различни граѓански движења, меѓу кои беше и „Нов форум“, му се приклучија на Сојузот 90. Но, тоа се случи подоцна. Во мај 1993. година двете групи се споија во една партија, која оттогаш официјално се нарекува „Сојуз 90/ Зелени“. Сепак, ни до денешен ден Зелените не стигнаа вистински во источна Германија - нивните резултати на изборите таму се далеку под оние во западниот дел, посебно во поголемите градови на некогашна Сојузна Република Германија.

2002: Прво откажување од нуклеарна енергија

Втор важен резултат во текот на владеењето на Зелените беше откажувањето од нуклеарна енергија. По долга и истрајна борба, политиката и стопанството се усогласија околу тоа, тоа да се постигне до 2020. година. За Аналена Баербок, сегашна шефица на партијата, тоа е решавачки настан. Таа тогаш имала 22 години, а денес за Дојче веле истакнува: „Јасно покажување дека политиката може да доведе до промени, дури и тогаш кога отпорот е многу голем - за мене тоа беше црвено-зеленото откажување од атомска енергија. Така го гледав тоа - со учество на Зелените во владата, беше спроведено она за што се водеа борби со години.“

Deutschland Bundesparteitag der Grünen l Annalena Baerbock

Аналена Баербок - од пред две години на чело на Зелените

Подоцнежната влада прво ја повлече таа одлука, но потоа уследи нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011. година, по што откажувањето на Германија беше запечатено. Зелените во анкетите доживеаја подем и спектакуларно победија на покраинските избори во Баден Виртемберг, Винфрид Кречман стана првиот „зелен“ премиер во покраина во земјата.

Со месеци над 20 проценти

Откога заштитата на климата се наоѓа во самиот врв на политичкиот дневен ред,  Зелените во изборните анкети стабилно се држат на преку 20 проценти,  а тие се составен дел во владите во 11 од 16 сојузни покраини. На  европските избори  минатата година тие остварија рекорден резултат од 20,5 проценти. Во секој случај, во последните пет години Зелените се во подем: на партијата и` се придружија многу млади луѓе, бројот на партиското членство од 60.000 се зголеми на близу 100.000. Еден од нив е и Георг Курц, портпарол на организацијата на младите кадри, „Зелена младост“. За него се клучни настаните од блиското минато: „Тоа е минатата година, во која се виде дека времињата се променија, сѐ повеќе луѓе почнаа да сфаќаат дека вака не може да оди понатаму, дека се нужни фундаментални промени. Всушност, сега настапува решавачка фаза во историјата на Зелените.“  

Притоа, станува збор за вистинска борба против климатските промени. Многу набљудувачи сметаат дека Зелените имаат добри шанси повторно, по следните сојузни парламентарни избори во 2021. година, да станат дел од германската сојузна влада во Берлин. На толку добри изгледи во јануари 1980. година, пред 40 години, никој не можеше да смета.