Зголемениот извоз го намали дефицитот
4 октомври 2013Според податоците што Државниот завод за статистика ги објави денеска (04.10), вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари-август 2013 година, изнесува близу 2,73 милијарди долари, што е за 146,4 милиони долари повеќе во однос на истиот период од минатата година. Истовремено вкупната вредност на увозот достигнала 4,25 милијарди долари, што е за 79,8 милиони долари повеќе во однос на лани.
Покриеноста на увозот со извоз изнесува 64,1 отсто, додека во периодот јануари-август 2012 година изнесувала 61,8 отсто. Трговскиот дефицит изнесува 1,52 милијарди долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта.
Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и моторните возила за превоз на лица.
Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија (49,9 отсто од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).